Само 43 отсто од странските инвеститори кои веќе вложиле во Македонија повторно би инвестирале во нашата држава, доколку би носеле одлука денес, покажуваат резултатите од  анкетата„Бизнис инвестициски индикатор“ што ја спроведе Советот на странски инвеститори. Анкетата е реализирана во периодот од 23 ноември до 12 декември кај нивните членки, странски компании со годишни инвестиции од преку 400 милиониевра со околу 38.000 вработени и со остварен годишен приход од 7,7 милијарди евра во минатава година.

Советот на странски инвеститори со истражувањето опфатил претежно 70 отсто компании од производствениот сектор, 20 отсто од  услужниот сектор и 10 отсто од трговија. Анкетираните инвеститори се од САД, Канада, Германија, Валика Британија, Белгија, Грција, Словенија, Турција, Тајван итн.

 Ризик - недостиг на работна рака и корупцијата

Доколку денес би требал да инвестираат во земјава, само 43 отсто од странските компании би го сториле тоа, додека 57 отсто би вложиле во друга земја. Причините за тоа ги гледаат во недостигот на стручна работна сила, високата инфлација и   корупција. Потоа во зголемените трошоци за енергенси, правната неизвесност, и  непредвидливоста на економските политики на државата.

Анкетата покажува дека странските компании реалтивно не се задоволни од  инфраструктурата на локацијата на која работат. Според резултатите, 53 отсто од испитаниците одговориле дека се делумно задоволни, 10 отсто дека се задоволни, додека 37 проценти не се задоволни.

Во однос на оценката за задоволството од работењето на институциите задолжени за aftercare услуги 56 проценти од испитаните компании одговориле дека квалитетот на услугите е намален или еднакво неповолен во споредба со изминатите години, со објаснување дека ниеден или многу малку предлози и препораки се прифатени од страна на релевантните институции.

Во однос на остварените резултати во тековната година, 45 отсто од испитаниците забележале пад на обемот на планиранито производство како резулатат на намалените нарачки од странство, недостатокот на суровини и репроматеријали, како и  недостиг на работна сила. И покрај ваквиот пад на обемот на производство бројот на вработени кај анкетираните странски компании во 2023 година бележи раст за девет проценти или вкупно 38.000 вработени лица.

На пазарот на трудот, компаниите најтешко доаѓаат до инженерски и технички кадар, а како причина  за недостатокот на работна сила се посочуваат: одливот на кадарот во странство, недоволното практично искуство и знаење и недоволниот интерес за работа во индустрискиот сектор.

Очекувања                                           

На прашањето за финанската поддршка и државната помош која ја добиваат, вкупно 74 проценти од анкетираните компании сметаат дека се потребни нови финансиски мерки за ублажување на последиците од актуелната економска ситуација, пред се наменети за одржување на бројот на вработените, финансиска поддршка за зголемување на платите на вработените, како и за одржување на ликвидноста.

Малку над половина од анкетираните компании или 53 отсто имаат позитивни очекувања од членството на земјава во Европската унија,  бидејќи ќе имаат пристап кон поголем пазар и ќе ги нема царинските процедури. Но, дури 13 проценти имаат негативно размислување или очекување бидејќи ќе има многу поголем притисок од гледна точка на конкурентноста, и дополнително очекуваат дека драстично ќе се намали или исели работната сила. Околу една третина од компаниите или 32 отсто немаат никакви  очекувања или не очекуваат дека влезот во ЕУ ќе се случи во догледен период и заради тоа не е влезено во нивното бизнис планирање.

Во однос на прашањата на кое треба да се фокусира државата во следните 12 месеци, најголем дел од компаниите ги нотирале:

-подобрување на инфраструктурата

- усогласување на правилата за оправдани инвестициски трошоци за државна помош и сметководствените правила според меѓународните стандарди

-хармонизција на увозните царински стапки со оние во ЕУ

-намалување на оперативните трошоци во ТИРЗ

 -подобрување на даночната регулатива

- олеснување на правилата и постапката за престој и работа на странски државјани.

Резултатите од анкетното истражување ги презентираа генералниот директор на „Костал Македонија“ и претседател на Советот Виктор Мизо, генералниот директор на „Македонски Телеком“,Никола Љушев, и Волфганг Мајер,  генерален директор на „ЕВН Македонија“  во својство на потпретседатели на Советот.