Народна банка ги намали проекциите за раст на економијата за годинава во однос на априлските проекции. Така годинава економијата ќе порасне за 2,3 отсто, а наредната за 3,3 проценти. Инфлацијата годинава ќе изнесува 3,5 проценти, а следната година се очекува да се спушти на 2,5 отсто и натаму да се намалува.
Според априлските макроекономски проекции, растот на македонската економија беше проектиран на 2,6 отсто, а просечната инфлација за годинава беше проектирана на ниво од 3,5 проценти.
– Во согласност со закрепнувањето на светската економија и странската побарувачка, и натаму се очекува постепено забрзување на растот и на македонската економија. Сепак, најновите проекции упатуваат на малку послаб раст на домашната економија за оваа и за следната година, во споредба со априлските согледувања, а на среден рок оцените за растот се непроменети- рече гувернерката Ангеловска-Бежоска при претставувањето на макроекономските проекции пред јавноста, на конференцијата за печатот.
Во година инфлација од 2,5 проценти
Во периодот на проекциите се очекува натамошно забавување на инфлацијата. Најновите оцени го потврдуваат априлското согледување за просечна стапка на инфлација од 3,5 проценти во 2024 година, иако во последниот квартал се очекуваат одредени нагорни поместувања пред сѐ како резултат на споредбената основа. За следната година се очекува стапка на инфлација од 2,5 проценти, што е мала нагорна ревизија во однос на април, при оцени за поголема инерција кај дел од ценовните категории.
На среден рок (2026 ‒ 2027) се очекува стабилизирање на нивото на околу два проценти, при очекувано исцрпување на ефектите од надворешните ценовни шокови, закотвени инфлациски очекувања и отсуство на позначителни притисоци преку каналот на домашната побарувачка. Како ризици и натаму се сметаат цените на примарните производи, коишто се под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските фактори, како и домашните политики со кои се влијае врз агрегатната побарувачка во домашната економија.
Стабилна надворешна позиција на економијата
И натаму се очекува поволна и претежно стабилна надворешна позиција на економијата на среден рок. По суфицитот остварен во претходната година (0,4 проценти), оваа година се проценува умерен дефицит во тековната сметка од 2,1 проценти од БДП, при стабилизирање на салдото во размената со стоки и услуги, како и нормализација на приватните трансфери, по високите нивоа достигнати во 2023 година. За преостанатиот период на проекцијата, 2025 ‒ 2027 година, е проектиран дефицит на тековните трансакции во просек од 2,2 отсто од БДП.
Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи во финансиската сметка, поддржани од директните инвестиции и задолжувањето на државата, со што девизните резерви и натаму ќе растат и ќе се задржат на ниво коешто е соодветно за задржување на стабилноста на домашната валута.
Стабилен кредитен раст
Банкарскиот систем и натаму ќе обезбедува солидна кредитна поддршка. До крајот на 2024 година, се очекува дека кредитниот раст ќе биде стабилен и ќе изнесува 7,5 отсто. Се очекува раст и на среден рок, но малку поумерен и со просечна стапка од 7,2 проценти за периодот 2025 ‒ 2027 година, во услови на солидна капитална и ликвидносна позиција на банките.
Кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, како главен извор на финансирање. На крајот на 2024 година, се очекува солиден годишен раст на депозитите од 7,9 проценти, а на среден рок за периодот од 2025 до 2027 година од околу 7,7 проценти, во просек.