
И покрај пандемијата и отсуството на нормален музички живот, Неда Украден влезе во студиото и сними дури три нови песни, возбудливи и различни. Неда е незапирлива и неповторлива, а нејзината публика е воодушевена од новите песни: „Jednom kada ovo prođe“, „Gdje ćemo za praznike“ и „Muchas Gracias“, кои се редовно на програмата на Анторис радио.
Песните се најава за нејзиниот нов студиски албум „Jednom kada ovo prođe“, кој наскоро ќе биде претставен на CMC фестивалот во Водице.
Феноменот на Неда Украден беше инспиративен за тимот на Анторис радио – Оливера Петрушевска (уредник и водител), Марко Шипка (техничка реализација и продукција) и Иван Беќковиќ (главен и одговорен уредник на медиумот), кој го реализираше ексклузивното интервју со дивата, чија кариера трае пет децении.
Родена е 1950-та, а прв пат јавно запеа 1967-ма. Во 2017-та прослави 50 години успешна кариера, во која нејзините песни се продадоа во над пет милиони носачи на звук…
Ова се најинтересните моменти од она што премиерно го слушанаа слушателите на Анторис радио.

Во музиката влегов случајно, и останав пола век
Белег на Вашата кариера е песната „Зора је“. Што Вам таа ви значи?
– Од како знам за себе пеам, и снимив многу хитови. Но, „Зора е“ го има посебно место. Снимена е пред 36 години, ја компонираше Ѓорѓе Новковиќ и навистина е „Песна над песните“. Мене лично ми донесе љубов ширум светот. Таа има волшебна моќ, што го потврдува нејзината долготрајност, голем тираж, награди, аплаузи, љубов и солзи…
Веќе 50 години сте на музичката сцена. Постои ли тајната на успехот и во осмата деценија на животот да изгледате многу добро?
– Фала за убавите зборови. Во светот на музиката влегов случајно, од аматеризам и хоби, иако завршив два факултета и се подготвував за нешто друго. Меѓутоа, бев многу посветена. Затоа и по 50 години се е така како е. Се трудев секогаш да имам добри композитори, нови композитори, свежа крв… И да се прилагодувам на она што го бара публиката. Не им се повинувам на трендовите, но ценам она што се прави околу. Душко Трифуновиќ одамна напиша: „Ко не воли да се мења, воле га из сажаљења“.
Велите дека почнавте со музиката од хоби. Што сакавте да бидете во тоа време?
– Музика е за младите. Сите тогаш нешто пеевме. Моето семејство мене поинаку ме воспита. Бев единствено дете на родителите, а мојот татко сметаше дека сериозна жена треба за размислува за своето образование. Дека музиката е нешто минливо, за попладне, од 17 до 20 часот, и дека треба еден ден, кога славата ќе помине, да има и друга, сериозна работа. Затоа завршив правен факултет и англиски јазик, надевајќи де дека ќе станам дипломат во меѓународни организации. Но, успехот кој ми се случи со музиката, уште во Опатија во 1975-та, со песната „Срце у срцу“, мене ми го одреди патот. Полни сали, од Триглав до Ѓевѓелија. Полни сали во Скопје, Струмица, Штип, Велес… И во Србија, Црна Гора, Босна…, а посебно во Словенија и Хрватска.
Привилегија е да се биде здрав на мои години
До каде е пишувањето на Вашата автобиографска книга?
– Јас имам богат живот и богата кариера. Многу работи ми се случија, и убави, и грди. Ова не е само книга за моите песни, но и книга за една земја, за некои луѓе, големи композитори и музичари со кои соработував – Ѓорѓе Новковиќ, Рајко Дујмиќ, Корнелије Ковач, Григор Копров… Доволно е само да напишам како моите песни настанувале, па луѓето тоа да сакаат да го читаат. Но, тоа ќе биде приказна за моите љубови, разочарувања, мојот брак, разводот…
Сега, во животот уживам со моето семејство. Со мојата ќерка, внуците, зетот кој има македонски корени… Сакам да готвам, да тренирам, да следам мода, филм, да играм тенис. Имам многу удварачи, но не сум во никаква емотивна врска. Не сум расположена за тоа.
Дали 24 часа дневно ви се доволни за сите активности што ги имате?
– Па, некогаш и не се доволни. Мојата девиза е „Морам – значи Можам“. Некогаш тоа е напорно, не се постигнува. Привилегија е да се биде здрав на мои години, расположен, насмеан, расположен за работа. Тоа е дарба од Бога, привилегија и награда.

Со новите три песни го најавувате новиот албум…
– Албумот излегува на 12 јуни, со промоција на CMC фестивалот во Водице. Компилација од најголем хитови три нови хитови. Албумот е супер, одвај чекам да излезе. А насловот „Jednom kada ovo prođe“ не се однесува само на КОВИД-от. Тој е асоцијација на се што сакаме да го оставиме зад нас.
А, CMC фестивалот во Водице, е одлична можност да се дружиме. И со колегите и со медиумите.
Сакам повторно да ве прегрнам, како некогаш…
Се вакциниравте ли против КОВИД-от?
– Секако! Јас секогаш им верувам на вакцините. Без дилема. Сите теории на заговор се штетни и јас воопшто не им верувам. Има луѓе, научници, кои се стручни да мислат за тоа. Ние сите дома се вакциниравме. Сакам што поскоро да се врати нормален живот, затоа што последниве 13-14 месеци ние не живееме нормално. Затоа, ги повикувам Македонците да се вакцинираат. Ако нема доволно вакцини во Македонија, нека дојдат во Србија, каде има шведска маса од вакцини.
Во име на публиката од Македонија – Кога ќе се видиме пак?
– Многу ја сакам Македонија. Многу често доаѓав кај вас, и секоја среба со македонската публика е вистинско задоволство. Кога настапував во Прилеп, на „Пиво-фест“ пред неколку години – беше супер, и со нетрпение чекам нов повик. Како што вика песната – „Jednom kada ovo prođe“ – сакам повторно да ве прегрнам. Како некогаш…