Особено е умртвена економијата во главниот град (во кој се создава половина од БДП), чија бројка на жители се ближи до 600 илјади и кои во секое време на денот и на ноќта имаат потреба од нешто, или на пазарот или во угостителството.

Туристичките центри се збунети, се одмара една недела, две недели, ама ситуацијата е таква што граѓаните и работодавачите дојдоа до заклучок – „ексик нека е одморот без пари!“

Така што, грижата на власта за одморот, односно за обновување на работните способности на вработените барем еден ден во неделата, самите работници веќе ги чеша како алергија. Се разбира, администрацијата би сакала законот да биде применет во обратна насока: шест дена да не се работи, само еден ден да се работи и тоа на тој ден да се раскажува што им се случило за време на неработните денови.

Многумина стопанственици уште на почетокот прогнозираа дека оваа мерка бргу ќе падне, односно дека ќе следат нови измени на Законот за работни односи. Некои сметаат дека веќе е дојдено времето, но дека власта „врти барем уште еден круг“ за да не се посрамоти.

Претседателот на Здружението на текстилната и кожарската индустрија, при Стопанската комора на Македонија,  Ангел Димитров, „А.Д. Мода“ – Свети Николе, вели дека е крајно време оваа мерка да се тргне од патот на бизнисот:

  • Мислам дека и владата е свесна дека избрза со овој „проект“ со желба да им се обезбеди подобар живот на вработените, „семеен ручек“ како што велеше министерката. Но, најважно е да се види големината на нашиот БДП по жител. Ние имаме и до четири пати помал БДП по жител од една Хрватска, да не зборуваме за Западна Европа! Значи, за нас најважно во овој момент е како да ја развиеме економијата. Нашата нејака економија не може да издржи некои мерки, што можат да ги поднесат развиените економии. Не можете вие во ваква ситуација да прогласите неработен ден во некој енергетски производител кога цената на струјат на светските берзи урива рекорди. Имаме компании што работат во три смени. Тоа значи дека тие не можат да не работат во неделите. Во тие компании технолошкиот процес не трпи застој, односно трпи големи загуби. Тие обично имаат голем број работници на кои им се ускратува можноста да ја добијат законската поволност за поголема неделна дневница, а државата нека си контролира дали неделниот труд се плаќа. Во трговијата е направена нееднаквост во разните бранши. На пример, ако некој сопственик на дуќан за храна и пијалоци може да работи во недела, а некоја друга дејност не може да работи, каде е тука логиката? На крајот, оваа мерка е спротивна и на Уставот во однос на слободата на претприемништвото. Затао мислам дека во наредниот период ќе следи и мора да следи некоја доработка на Законот врз основа на искуството што го покажаа изминативе пет месеци.

- Како ги оценување фискалните импликации врз државниот буџет?

- Сигурно дека има негативни последици. Се разбира дека намалениот промет има и намален фискален ефект. Ако земеме предвид колку дуќани не работат во неделите, логично е дека и не придонесуваат во тој ден во полнењето на буџетот.

- Како го оценувате нереботење во туристичките центри во сред сезоната?

- Тоа е срамота, особено за најголемиот, најпознатиот и најдоходовниот туристички центар, со кого само се фалиме, Охрид. Тоа е надвор од секоја економска логика да не им дадете на дуќаните да работат во неделите, ден кога има најмногу посетители,  најголема побарувачка за разни стоки и угостителски услуги и за сувенири итн. Во овој момент најважно е да го потткинуваме претприемништово и да ги задржиме младите да не ни бегаат во странство и да ја развиваат тамошната економија.

 Се крчка ребаланс на буџетот

Министерството за финасии  во моментов го крои ребалансот на буџетот, кој ќе биде внесен во собраниска процедура до крајот на овој месец. Дали ќе има пресметка колку загубила државната каса од „неработната недела“ за овие 4,5 месеци веројатно некој ќе се осмели да каже, а можеби и нема да се осмели.