Штедење енергија, заштита на природните ресурси, а преку трансформација на отпадот со вредност се намалуваат депониите како потенцијална еколошка бомба, кој со горење го загадува воздухот, почвата и водите. Ова се најголемите придобивки од рециклирањето на отпадот. За тоа се залага и компанијата „Пакомак“ веќе долги години.

„Пакомак“ е членка на европската организација „Pro Europe“ каде членуваат најголемите компании од Европа. Во тоа европско семејство, има земји кои се многу понапред од Македонија, бидејќи вложуваат и даваат позитивна стимлумација за луѓето да селектираат отпад. Но, има и казни ако тоа не го прават. Ваква мерка во Македонија, сепак, не постои, бидејќи и не е многу популарна.
„Видете, ниту Швајцарија и Германија не станале такви земји без казни. Нашите граѓани знаат дали можат да го одлагаат како што сакаат или како што налага законот. Ние го применуваме максимално она што сметаме дека може да се примени и тука. Граѓаните што селектираат сакаме да ги наградиме, секој што ќе го врати шишето или лименката да добие финансиска стимулација. Таа во моментот и можеби не е многу голема, еден поен изнесува пола денар. Но, работиме на тоа и да се зголеми фондот за стимулација на граѓаните. Во моментот таа стимунација ја потткнува „Пакомак“ од неговиот фонд. И на Запад започнале во 80-тите години, за да дојдат до нивото на кое се денеска. Она што треба да сфатиме дека управувањето со отпадот не е евтино. Ако сакаме правилно да го управуваме отпадот, тоа некој треба да го финансира. Во моментот тоа го финансира индустријата, индустријата, пак, индиректно се финансира преку граѓаните. Така да, на крај, треба да сфатиме дека и комуналните сметки и она што го плаќаме преку производите ќе бидат повисоки за да имаме чиста животна средина“, вели Ивановски.
Процес на циркуларна економија
Циркуларната економија е концепт кој ќе се слуша во следните децении. Концептот подразбира пред се’ намалување на количеството на отпад што го создаваме, преку селектирање, повторно рециклирање и реупотреба. Како што вели Ивановски, има неколку бизнис идеи на циркуларна економија. Еден од тие модели е да се произведуваат производи што подолго траат.

„Еден од тие модели беше користен порано. Да се возите во јавен превоз за да не купувате автомобил, најлесен концепт што можеме ние како граѓани да го примениме и да придонесеме за циркуларната економија е селекцијата на отпадот и рециклирањето. Тоа не зависи од државата или фактори на кои не можеме да влијаеме, туку зависи лично од нас. Со наш пример, да го фрлиме шишето каде што треба. Како „Пакомак“ почнавме да поставуваме и вендинг машини во маркетите, каде граѓаните кога ќе вратат лименка или пластично шише, добиваат назад зелен поен кој може да го конвертираат во ваучер. Сето тоа е електронски и дигитално - да платат на каса во „Веро“ и „Тинекс“. Планираме да се шириме низ државата. Ќе создаваме услови за граѓаните да селектираат. Циркуларната економија е транзиција која ќе трае 30 години, но, наједноставно за граѓаните да придонесат за циркуларната економија е да го селектираат отпадот и потоа тој да оди на рециклирање“, објаснува Ивановски.
Инфраструктура за рециклирање
Но, според првиот човек на компанијата, Филип Ивановски, со текот на времето треба да се зголемува и инфраструктурата за граѓаните да можат правилно да го селектираат отпадот.
Но, реалноста покажува дека во Македонија во одредени места се уште нема контејнери за собирање на општ смет, а камоли за контејнери за селекција на отпадот. Статистиката покажува дека во државата има 10 000 контејнери за отпад. „Пакомак“ има поставено 3 000 контејнери за селекција на отпад и канти во индивидуални објекти, во ресторани, хотели каде го собира стаклото. Но, Ивановски признава дека нема доволно инфраструктура колку што треба. Компанијата се стреми да постигне норматив од 3 контејнери за хартија, пластика и стакло на 1 000 жители. Тоа значи дека во Македонија треба да има 5 000 контејнери само за селекција на отпад.
„За да има контејнери, треба пари кои ќе се купат, но, тоа полека се движи напред. Добра работа е што Министерството за животна средина планира со парите собрани од пластичните кеси да ги инвестира во контејнери за селекција и да ги подели по општините. Така, ќе имаме квантен скок во бројот на контејнери по општините. Постапката за селектирање на отпад не бара никаков дополнителен напор од граѓаните да го фрлат во посебни контејнери, потоа доаѓа Комунална хигиена или партнер на Пакомак ги подига и ги носи во секундарна селекција“, смета Ивановски.
Јавната (не)свест - долгорочен процес на градење навики
Поставувањето на контејнери низ градовите и јакнење и ширење на инфраструктурата не оди без повисоко ниво на јавна свест. Според Ивановски, се уште има ситуации каде на граѓаните кантата им е на 20 метри, а го фрлаат отпадот на земја. Не само во ургани средини, туку и во природа. Неговиот став е дека новите фенерации се еколошки поосвестени. Односно дека сите сакаат природа и животна средина, но, не сите се подготвени да излезат од комфорната зона и да ги сменат навиките.
„Може да се жалиме дека нема контејнери, има граѓани што не им е тешко да ја стават во автомобил или на точак. Секоја промена почнува од нас и тоа е пораката дека од нас зависи колку ќе биде чиста животната средина. Ние работиме на младите, тие полесно може да ги стекнат навиките. Популацијата на луѓе во средно училиште, најмалку внимаваат на животната средина, но, веќе во факултет после 20-тата година почнуваат да се грижат за околината во која живеат. Треба континуирано да се работи на тоа, од градинка до прво работно место. Ако на деца им всадите навика, тие луѓе кога ќе бидат одговорни лица во институциите или компаниите,тоа домашно воспитување би го примениле и таму. На крајот од денот, институциите и компаниите се луѓето кои работат во нив и нивните навики и вредности“, вели Ивановски.
Истражувањата на „Пакомак“ од аспект на навиките, покажуваат дека ако пред 6 години граѓаните кажувале дека секогаш или често го селектираат отпадот, сега доаѓа дека околу 45% дека секогаш често го селектираат дома. Во бројки, тоа е показател за позитивен тренд во навиките на граѓаните. Се помалку граѓани, пак, одговараат дека никогаш не го селектираат отпадот од пакување.