За разлика од минатите години кога нашиот град имаше можност да се натпреварува со останатите балкански градови во однос на квалитетот на понудата на полноќните настани и програми, ова лето сме сведоци дека ноќните забави не постојат. Проблемот, како што информираше претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски, е во тоа што ниту едно друштво не може да добие лиценца за работа на ноќен клуб, ноќен бар или летна дискотека во Скопје.    


Што навистина се случува, каде е курцслушот за издавање на лиценците за работа што после двегодишен период на изолација уште како им е потребна на угостителите. Што е тоа што го кочи Министерството да не може да ги издаде лиценците за кои 30 години се поднесува истата документација.

 Барање за итно издавање на лиценци за работа 

Соочувајќи се со оваа препрека за повторно неработење, наместо закрепнување од кризата, Независна Угостителска Комора (НУК), упати барање до Владата, Министерството за економија и Министерството за внатрешни работи за решавање на моменталната ситуација со ненавременото издавање, односно неиздавање лиценци на друштвата кои ги менаџираат ноќните клубови, кабареа и летните дискотеки во Скопје.

Проблемот со кој што се соочуваат ноќните клубови,- како што појасни Јосифовски,- е што во документацијата, годинава дополнително им се бара имотен лист за којшто за разлика од досегашните што се приложени од сите страни, МВР од оправдани или неоправдани причини не сака да издаде согласност. А без согласноста на МВР, што друштвата порано ја добивале, Министерството за економија не може да им издаде лиценца.

-Затоа бараме Владата во координација со министерствата да организира заедничка средба со сите чинители и учесници во креирањето на судбината на ноќниот живот во Скопје веднаш да се изнајде начин и можност за решение за моменталната ситуација. Односно да им се издаде лиценца  за менаџирање со ноќните клубови на друштвата кои што ги исполнуваат во целост условите за работа, рече Јосифовски на прес-конференцијата пред Министерството за економија.

Нови законски прописи

Од НУК воедно бараат од Министерствто за економија како надлежна и одговорна институција за давање лиценци, итно да формира работна група или тело со кое ќе се изработат заеднички предлози за нови законски прописи за регулација на работата на ноќните клубови. Исто така и нивно усогласување со европската регулатива со цел да се одржи нивото на ноќен живот како што доликува на една метропола. 

Измените на законот по кој што фукционира овој сектор последен пат се направени во 2016 година, постоела иницијатива за одредени промени во 2019, но поради здравствената крза не се спроведени.

„Се надевам дека во кратка постапка ќе ги направиме сите усогласувања. Тоа е единствен начин угостителите да можат да работат во согласност со законската регулатива без пречки, проблеми и притисоци и од државните институции и инспекции“, смета Јосифовски.

 Во контекст на актуелниот проблем со неиздавањето на лиценците за работа, тој објасни дека друштвата кои менаџират со објекти за ноќна забава закупуваат деловен простор од градот Скопје, а градот има обврска да ги впише деловните објекти што ги издава, а кои се во негова сопственост. 

„Друштвата, вели Јосифовски,- не се сопственици на имотни листови, бидејќи користат времени објекти од ограничен карактер за дадени услови во согласност со договорите. Значи, друштвата не може на ниту еден начин да располагаат со сопствени имотни листови за објектите и парцелите кои ги користат, а се имот на државата или на Градот Скопје, каде ја вршат дејноста претежно на отворено.“

Инаку, надлежно за издавање лиценци е Министерството за економија, но проблемот како што појасни Јосифовски, не го лоцираат во ова Министерство, туку во МВР. Институцијата која треба да даде согласност дека се обезбедени безбедносни услови за одвивање на сообраќајот, што, вели, не е обврска на друштвата туку на градот. Друштвата имаат право да побараат лиценца и да ги обезбедат законските обврски кои се бараат од нив, а за кои претседателот на НУК вели дека во целост ги исполнуваат.

 Летните дискотеки кои работат сезонски, неполни три месеци, плаќаат закуп за просторот за цела година, а цената на закуп се движи од 2.500 до 10 илјади евра и се уплаќаат авансно. Затоа првиот човек на НУК вели дека нема време за губење, лиценците на овие друштва им требат сега, за да можат да ги покријат трошоците и за месеците кога не се активни.