Патничкиот воз од Гевгелија за Скопје утрово се излизга од шините после станицата на Кадина река. За среќа и покрај застрашувачкото тркалање на возот како по камења, машиновозачот успеа да го запре возот без поголеми последици и без повреда на околу 200 -те патници. Присутните вработени железничари во Транспорт, кои патуваа со возот ни објаснија дека се олабавило тркало на вагонот, кое придонесе за негово излегување од пругата. Тоа е првично согледување на самото место од присутните железничари.Дали проблемот беше само во излегување на тркалото од лежиштето или имало и друга причина или грешка ќе се заокружи по деталниот увид од стручен тим. 

 

Возот што утрово се излизга 


Но, за разлика од другите ситуации кога возовите остануваа расипани на пругите, овојпат координацијата на железничарите не изостана, брзо реагираа. По околу 35-40 минути дојде патничкиот воз кој сообраќаше од Скопје за Битола, па бидејќи и така веќе не можеше да го продолжи патувањето - патниците од излизганиот воз се преместија во него и стигнаа безбедно во Скопје, заедно со патниците кои требаше да одат за Битола. 

Ова е еден од потешките инциденти на македонски железници -транспорт, но не е единствен. И онака малиот број на возови се почесто заглавуваат поради неисправност. Неодамна возот што сообраќаше на патниот правец, Скопје – Битола се расипа после Велес, па патниците останаа заглавени со часови.  Пред тоа имаше уште еден дефект кај Згропалци, потоа  се расипа возот од Скопје за Гевгелија кај Зелениково- патниците пак два ипол часа заглавија...  

И додека низ цел свет патувањето и транспортот се одвиваат преку железничкиот сообраќај којшто важи како еден од најевтините превозни средства и најеколошки, ние не успеваме да ги одржиме ниту двете редовни патнички правци на линиите преку кои моментно се одвива железничкиот сообраќај во земјава.  Да не говориме дека останаа зад нас времињата кога со воз одевме за Белград, Загреб , Љубјана, Австрија, Германија, Грција.  Сега нашиот возен парк не само што е застарен туку нема и кој да го одржува. Како  заминуваат во пензија возрасните мајстори и машиновозачи, нема кој да ги наследни, нема соодветен кадар. Добро упатени извори велат дека младите не се заинтересирани да работат за над 20-ина илјади денари. И тоа е едната страна на проблемот, од друга страна Министерството за финансии не дозволува да се вработуваат нови кадри - нема средства. Но реалноста е друга, нема пари за потребниот, но има пари за партискиот кадар, а дотраениот возен парк до кога ќе не превезува е прашање на време.

Едно од заглавените тркала меѓу шините

Како сега стојат работите македонските возови уште долго наместо за ЕУ ќе заглавуваат на нашите пруги.  

Повозрасни вработени во Македонскиот железнички транспорт објаснуваат дека проблемот во нашата транспортна железница не може да се реши само со шесте гарнитури кои се набавија за време на претходната владејачка гарнитура.

„Нас ни треба да се поправат двата „шпанци“ и двата „горбачови“ (руските). Тоа всушност беше идејата, со поправката на овие четири и новите шест кинески и пост локомотивите, да се потсреди македонскиот железнички превоз. Но, како возовите се расипуваа не се поправаа, а „горбачовите“ сѐ уништија со бегалците од Сирија... (парите ги собра фудбалерот и си замина?). Возот се влечеше со над 1000 бегалци.

Ние со над 30 години стаж овде во железници, знаеме што е и ред и дисциплина од времето на Југославија. И тоа можам да кажам дека траеше и во време на Љубчо Георгиевски, тој ги смени директорите но ги остави кадрите да си работат. Најлоша услуга направи следната влада, ги измешаа работите почнаа да носат, вработуваат луѓе со дипломи по разни основи и сега, работите тешко може да се исправат. Влеча речиси не функционира. Најголем проблем е што повеќето од стручните кадри поради политички реваншизам си заминаа, другите повозрасни се пензионираа, а постоечките кадри дигаат раце...  Магистри со лопати, ама нема кој да ги поправа и одржува локомотивите и возните вагони, стручни кадри се помалку...

Сега нема ред кој и како ги проверува возовите. Се изгуби редот на скалата за унапредување, да почнеш од една позиција, па системски запознавајќи го процесот на работа низ сите одделенија да напредуваш. Денес сите се заинтересирани за управување, без да го совладаат процесот на работа...

Нема слика на организација, нема кој на кога да му нареди да работи. Не сме спремни со возен парк, ниту со одржувањето на возните средства.  Генералниот директор си има луѓе задолжени за сообраќај, електрификација, одржување...но нема пари за стручен кадар, нема делови. Не може да се одржува систем без работници, без мајстори. “, велат искусните и загрижени железничари.

Единствено подобрување на сликата за патничкиот сообраќај ја гледаат во промена на регулативата со која ќе се овозможи спојување на транспорт и инфраструктура.