Словенечкиот град Нова Горица и германскиот Кемниц ја презедоа титулата европски престолнини на културата за 2025-та, со што во следните 12 месеци тие ќе бидат домаќини на повеќе културни настани, изложби и перформанси со кои ќе биде истакнато заедничкото богатството на европски култури.

Дополнителна димензија на овие активности ќе им додаде и фактот што годинава се одбележуваат 40 години од покренувањето на иницијативата за прогласување на европски престолнини на културата.

Официјалната инаугурација на Кемниц за европска престолнина на културата за 2025 година ќе се одржи на 18 јануари, а на Нова Горица на 8 февруари.

Нова Горица (Словенија) и Гориција (Италија), поранешни разделени градови, заедно ја носат титулата Европска престолнина на културата за 2025 година. Градовите имаат богата историја која ги одразува политичките поделби во Европа, а денес се пример за поврзување и соработка.

Под мотото „Без граници“, тие нудат културна програма која ги обединува нивните различни историјски и архитектонски карактеристики. Убавините на природата, како реката Соча и мостот Солкан, дополнително ја збогатуваат програмата.

На овој начин, според најавите, концептот на границите ќе може да се истражи од повеќе димензии си помош на културни и уметнички средства.

Кемниц, пак, титулата европска престолнина на културата за 2025 година ќе ја одбележи под мотото „Види го невиденото“ и има за цел да ја зајакне улогата на граѓанското општество преку културни проекти и да изгради мрежа на „европски креатори на демократијата“.

Кемниц, град во источна Германија, во 2025 година ќе стане Европска престолнина на културата. Неговата најпозната знаменитост е огромната глава на Карл Маркс, тежок 40 тони споменик кој го краси центарот на градот од 1971 година. Иако Маркс никогаш не го посетил Кемниц, градот некогаш го носел неговото име – Карл-Маркс-град, симболизирајќи ја социјалистичката традиција.

Познат како „Саксонски Манчестер“, Кемниц бил индустриски центар со развиена текстилна, машинска и рударска индустрија уште во 18 и 19 век. По падот на комунизмот, градот претрпе големи промени, враќајќи го своето оригинално име. Во 2025 година, под мотото „C the Unseen“, Кемниц ќе ги прикаже своите богатства преку бројни културни настани, вклучувајќи ја уникатната изложба „3.000 гаражи“.

Како признание за квалитетот на нивните подготовки за одбележување на титулата европска престолнина на културата, Европската комисија донесе одлука на Нова Горица и Кемниц да им ја додели наградата „Мелина Меркури“, чија парична вредност изнесува 1,5 милиони евра и е финансирана во рамки на програмата „Креативна Европа“.

Според ЕК, титулата европска престолнина на културата им овозможува на градовите што ја носат да го засилат својот локален и регионален развој преку културата и им обезбедува долгорочни културни, економски и социјални придобивки, како за самите нив, така и за околните региони.

Инаку, титулата Eвропска престолнина на културата во 2028 година ќе ја носи Скопје, заедно со францускиот град Бурж и чешкиот Чешке Будејовице.