„Студентите кои со стипендија од државата студираат на најдобрите 100 светски универзитети или пак студираат во Македонија и се добитници на Инженерски прстен или се прогласени за најдобри студенти на универзитетот - ќе имаат предност при вработувањето на државните универзитети, како наставно – научен кадар. Ова е една од новините во Законот за високо образование што треба да го подобри квалитетот во науката и научно – истражувачка дејност, што  денес  на прес конференција го презентираше министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска.

Со новата регулатива утврден е нов начин на финансирање на високообразовните установи. Предвидена е развојна компонента и исклучителна компонента за успешност, односно повеќе пари за оние универзитети кои ќе се потрудат да исполнат одредени повисоки критериуми, со што се очекува  да се стимулира конкуренцијата, а конкуренцијата, како шти уваруваат од министерството, носи квалитет.

„Со новите измени на Законот за високо образование очекуваме значително намалување на бројот на студиски програми. Дел од нив ќе се самоукинат, а дел ќе бидат затворени по сила на закон, бидејќи јавните високообразовни установи ќе мора брзо да се прилагодат на новите услови“, објасни министерката.

И додаде дека новиот концепт предвидува модуларни студии, при што студентите ќе добиваат општа диплома во првите години, а потоа ќе се насочуваат кон потесни области.

„Ги зајакнуваме критериумите за напредување во звања на факултетите. Секој кој ќе аплицира за избор во звање – доцент, вонреден или редовен професор, отсега зависно од звањето ќе има обврска до изборот да изработи и објави од шест до седум научни трудови, од кои три до четири треба да бидат објавени во списание со импакт фактор од базите Web of science или Scopus. Ова е важно, затоа што светската статистика вели дека за еден универзитет да се најде меѓу најдобрите 1000 на Шангајската ранг листа, треба годишно да објавува најмалку 1200 трудови во списанија со импакт фактор. Нашите универзитети годишно објавуваат помеѓу 300 и 500 трудови и тоа мора да го промениме“, порача министерката за образование на денешанта прес конференција

Како што е нагласено во соопштението, за професорите кои се затекнати при избор во звања, ќе има олеснувања на постапката, како и дека новиот закон предвидува еден професор да може доживотно да остане во исто звање доколку ги исполнува условите за тоа звање при секој нареден избор.

Еднаш избрани редовни професори во иднина, по усвојување на законот, ќе имаат реизбор по седум години. Оние кои веќе се избрани во редовни професори, нема да бидат опфатени со овој закон, а академската заедница станува единствена на целата територија. Мандатот на ректорите ќе биде четири години, наместо сегашните три, а се менува и моделот за избор на ректор.

Законот предвидува да се воведат и стручни студии од прв, втор и трет циклус со проодност кон академски студии, како и кратки стручни програми за стекнување на специјалистички знаења.За поттикнување на транспарентноста на работата на државните универзитети, се активираат одборите за доверба со јавноста и советите на универзитетите, кои во минатото не функционираа. Националниот совет за високо образование и наука пак, добива повеќе обврски.

„Платите повеќе не се предмет на дискусија. Зголемени се за 14 проценти минатата година, а зголемен е и буџетот за поддршка на научно – истражувачката дејност од 380 милиони денари во 2024 година, на 773 милиони денари оваа година. Повеќе од двојно“, потврди Јаневска.

Паралелно со Законот за високо образование, кој како што рече министерката, неопходно е да се донесе заради тоа што актуелниот од 2018 создаде повеќе проблеми отколку што реши,  се носи и нов Закон за квалитет во високото образование и научно истражувачката дејност, со кој се предвидува реорганизација и заживување на улогата на Агенцијата за квалитет, која во изминатите пет години постоење, вршеше само акредитација на студиски програми, но не и евалуација.

„Новина е наместо два одбори за акредитација и за евалуација, законот предвидува еден Совет кој ќе работи со стручни комисии. Дефинирање на постапките за евалуација, самоевалуација, акредитација, надзор над работата на високообразовните установи и научно – истражувачките субјекти и така натаму. Анализиравме структури на ваков тип институции во други земји и цениме дека новата организациска поставеност на АКВО ќе даде подобри резултати“, додаде министерката.

Третиот е Законот за научно – истражувачка дејност, кој предвидува типови на научни установи, доделување на средства за научно – истражувачки проекти, финансирање на научни институти и центри за извонредност, јасно дефинирање на постапки за избор во научни звања на истражувачите и слично.

„Законот е во тесна корелација со другите два и оттука, очекувам Собранието одеднаш да ги усвои сите, се разбира по претходно доставување на најдобрите текстови што ќе произлезат од јавната дебата што како Влада ја започнавме во понеделникот. Дебати ќе се одржат и на сите јавни високообразовни установи, а се надевам и на квалитетна дискусија во Собранието“, додаде министерката.

Изразувајќи благодарност до сите кои без било каков надомест учествуваа во изработката на новата законска регулатива, министерката посочи дека особено Националното координативно тело за реформи во високото образование и научно истражувачката дејност одлично ја заврши првата задача заради која и беше формирано од страна на Владата и се покажа како добар начин на работа од која никој не е исклучен и сечие мислење е важно.