Новинарството затекнато од кризата. Корона кризата ги затекна не само македонските, туку и медиумите и новинарите во светот. Недостигот од претходно искуство за работа во кризни ситуации, соодветна опрема и знаење за користење на дигитални технологии. Дополнителни проблеми се појавија со одредени рестриктивни мерки кои ги наметна Владата. Ова се клучните наоди на Советот за етика во медиумите, публикувани во документот „Значајната улгоа на Советите за етика за време на ковид-19“, во која се споделуваат искуства од овие тела во повеќе држави во Европа.


 

Новинарството затекнато од кризата на пандемија


Половични, погрешни информации, дезинформации и наклонетост во известувањето. Сензационализам и плагијаризам се само некои од последиците на медиумското известување во време на пандемијата. Од Советот за етика сметаат дека продуцирањето на дезинформациите се интензивирало во периодот од февруари – јули 2020 година. Тоа е и периодот кога се организираа предвремените парламентарни избори. Па овие две теми, пандемијата и изборите честопати се испреплетува во политичките агенди и медиумите.

Советот за етика во медиумите од јануари до јуни има добиено 84 жалби за медиумско известување. По бројноста, тоа е речиси колку целата измината година.

„Во периодот од март до август 2020 година, 70 отсто од жалбите поднесени до Советот се однесувале на медиумско известување поврзано со коронавирусот. Институциите најавуваа санкционирање на лицата и на медиумите кои објавуваат мисинформации на социјалните мрежи во врска со ковид-19. Се најавуваше и промена на законската регулатива која би спречила ширење на дезинформации поврзани со вирусот. Медиумските организации апелираа дека поголема транспарентност на институциите и поддршка на медиумската саморегулација се најефикасни механизми за борба против овие феномени“, се наведува во анализата.


 

Пријави за непрофесионално новинарство пријавено до СЕЕМ


Кодекс на новинарите на Македонија


Според член еден од кодексот на новинарите на Македонија –Нарушувањето кое се однесува на објавувањето точни и проверени информации е утврдено во 46 отсто од пријавените случаи до Советот за етика. И тоа во периодот февруари – јули 2020 година.

Додека според член осум од овој Кодекс –Сензационалистичко информирање  е утврдено во 31 отсто од пријавените случаи во периодот февруари – август 2020 година.

Брошура за професионално новинарство во време на криза


ЗНМ ја издаде брошурата „Насоки за безбедно и професионално известување за коронавирусот“. Нејзината цел е да им помогне на новинарите и на граѓаните да прават разлика меѓу легитимните и веродостојните извори на информации и шпекулациите. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги одвои 103 милиони денари (1.672.246 евра) како прва помош за медиумите во Северна Македонија. Тие пари беа наменети за заштита на вработените, купување заштитна опрема и покривање на трошоците за продукција на програмите. Целта беше да се надоместат финансиските последници од кризата.

Уште на стартот на пандемијата, Советот за етика побара внимателно и одговорно известување за коронавирусот. Медиумите беа повикани да не придонесуваат во ширењето невистини и создавањето паника кај јавноста. Исто така, да не изнесуваат проценки за можна ескалација на случувањата. Се потенцира важноста, почитување на етичките стандарди за непоттикнување стравувања, а јавноста да реагира на дезинформации и лажни вести.