Од печат излезе „Столб што пее“, новиот роман на македонскиот писател Томислав Османли, издание на книгоиздателтвото „ВиГ Зеница“ од Скопје. Ова е четврти роман на истакнатиот писател, добитник на високи домашни награди за своето книжевно творештво, автор на над триесет книги од различни жанрови и книжевник со бројни творби преведувани во странство.

„Столб што пее“ е роман со сложен хронотоп и наратив. Неговото дејство е транс-историско и се одвива паралелно: во антиката, во дваесеттото и во ова столетие.  Почнува во првиот век на нашата ера кога еден умирачки антички мелограф и филозофски поет ќе нѝ ја остави најстарата преживеана песна од древните времиња, што се гласи со лирски тон и со  оптимистичка порака; преку малоазиската војна 1919-1922 која е еден меѓунационален и меѓуверски масакр изведен во продолжение на Првата светска војна...; сѐ до нашево совремие, до оваа травматична 2022 година и новото опасно завојувано столетие. Романот дава жестока панорамска слика на вековите и посебно на оваа епоха на глобално распалувани  војни. 

Просторот на неговите паралелно водени фабули ги опфаќа древна и современа Мала Азија (Јонија со Анадолија, Сирија, Турција), суровите води на бегалскиот Медитеран по кој со годни допловуваат, но и потресно ги завршуваат животите безбројни бегалци од унесреќените земји на Третиот свет, пред негостољубивите води и граници на државите од Европа, во незгасната надеж дека некако ќе допрат до една од северните, главно недостижни земји; простори на надежта за конечно пројадена  благосостојба и каков-таков спокој...    

 

Книгата со романот „Столб што пее“ го вклучува предговорот на писателот и издавач Глигор Стојковски, насловен „Археологија на човековата омраза“. 

- Новиот роман на Томислав Османли е еден вид книжевен крик за масовните човечки страдања од неизлечивата болест на историјата и на жестоките војни, на насилноста, одмаздољубивоста, суровоста како својства на т.н. цивилизација низ целиот нејзин тек, нараснати особено денес – вели Глигор Стојковски за романот  „Столб што пее“ – Оваа книга носи еден згуснат наратив посветен на драматичната разлика што постои меѓу мирољубивите учења, догми и доктрини на луѓето од дух, од морал и човекољубие... и на самата тврдокорна, насилна суштина на историјата на омразите, што Османли впечтливо ја истражува и разотрива во својот извонреден роман. Ова е уште едно ангажирано, возбудливо книжевно дело на Османли.

Сложениот наратив на романот го сочинуваат девет меѓусебно поврзани текови, соединети во матицата на романот, којшто, од друга страна, го следат и го засилуваат впечатливи документарни елементи: автентични фотографии, агенциски вести, tweet-ови, два природно вметнати расказни цитата од “Делата апостолски” на Новиот завет, интернет адреси и – посебно -  четири музички QR-кодови во органска врска со насловот и метафората на „Столбот што пее“. На тој начин новиот роман на Османли се јавува и како фикционален, документарен и мултимедијален, делумно и интерактивен наратив од нов вид.

Романот „Столб што пее“ во издание на „ВиГ Зеница“ се објавува со поддршка на Министерството за култура.

Книгата може да се најде во книжарниците на Или-или и на Литература.мк на ул. Македонија, Сити Мол, Ист Гејт, книжарниците  во Буњаковец и во Градски трговски центар во Скопје.