Галопирачкиот раст на цените на прехранбените производи како последица на енергетската криза, не може да се заузди. Цените секојдневно се скала повисоко, особено на лебот, брашното, маслото, а потрошувачите особено се фрапирани од цените на млекото и млечните производи кои за неколку месеци дупло се зголемија.

 Дали Македонија е исправена пред млечна криза? Кои мерки би дале резултати? Што треба да се преземе за да се спречи ценовниот шок со кој граѓаните секојдневно се соочуваат? Каква е реалната состојба во млекопроизводството и каде треба да се превенира за да се оградиме од целосна зависност од увоз, а патем да овозможиме одржување и развој на млечната индустрија во Македонија, во интервју за Анторис магазин говори Цветанка Стојаноска Пешовска, Извршен директор на Здружението на производители и преработувачи на млеко и млечни производи „ЗНАК ЗА КВАЛИТЕТ“ Скопје.

1.    Дали Македонија се наоѓа пред млечна криза, имајќи предвид дека цените на млекото и млечните производи многу брзо галопираат?

-Во тековниот период производството на сурово млеко е намалено првенствено поради сушата и поскапувањата на добиточната храна од чиј увоз сме традиционално зависни. Сепак, може да се каже дека не се работи за траен недостиг на млеко, нема причини за такви стравувања. Мора да се каже и дека за перцепцијата на недостиг придонесува и зголемената побарувачка и купување поради шпекулациите дека ќе нема млеко.

Зависноста од увоз во пораст

2.    Каква е состојбата во соодносот на понуда- побарувачка на домашниот пазар. Со колкаво производство располагаме во овој сектор, колку ги задоволува домашните потреби и колку сме зависни од увоз на млеко и млечни производи?

-Македонија од секогаш била зависна од увоз на млеко бидејќи нашето производство не било никогаш доволно за задоволување на населението со млеко и млечни производи. Истовремено увозот има постојан раст. За споредба пред 10 години земјава увезувала млеко и млечни производи во вредност од 37,8 милиони евра, што значи за овој десетгодишен период увозот е зголемен за високи 73 проценти или за 28 милиони евра.

Причина за ова, меѓу другото е намалување на домашното производство и тешкотиите да се увезе од земјите од кои традиционално увезуваме, а кои во моментов и самите се соочени со дефицит, од истите причини.

3.    Во принцип сите се повикуваат на алармантната ценовна состојба на енергенсите. Каква е состојбата во секторот за колку се зголеми трошокот по единица производ во однос на минатата година?

-Примарното производство на млеко е секој ден сè поскапо, како резултат на бранот поскапувања - поскапи концентратот, кабастата храна, струјата, горивата и сè што е неопходно за примарно млекопроизводство.

И преработувачката индустрија и производителите соочени со енормниот пораст на трошоците и поскапувањата на енергенсите за 400-500 отсто.

Проблемите- структурни

4.    Каде најмногу доаѓаат до израз проблемите во млекопроизводството и дали тие се конкретно одраз само на актуелните (надворешни) состојби или се надоврзаа на веќе постоечките проблеми со кои се соочуваат и млекопроизводителите и преработувачите на млечни производи?

-Кога се зборува за македонската млечна индустрија, предизвиците со кои се соочува се структурни по природа, во најголем степен поврзани со раситнетоста на примарните производители, ниската продуктивност, ефикасност и недостатокот на интегриран синџир на снабдување, земјиште − пасишта − добиточна храна − сурово млеко − млечни производи − производители. Решение за одржливоста на млечната индустрија и за зголемување на домашното производство секако е зголемувањето на примарното млекопроизводството и на продуктивноста на кравите. Тоа е клучот за намалување на трговскиот дефицит во млечната индустрија каде уште од пред десетина години вредноста на увозот повеќе од двојно ја надминува вредноста на извозот.

5.    Во каква состојба е моментно млечната индустрија во Македонија?  (Во однос на капацитети-конкуренција, фармери, одгледувачи на добиток).

-Примарното млекопроизводство во Македонија претежно се состои од мали семејни фарми, околу 6 500, кои имаат нископродуктивни, една до три крави со прилично ниско годишно производство на млеко, од 2-3 илјади литри по крава. За споредба, во Европските земји просекот на производство на млеко по крава е далеку поголем и на пример во Шведска е 7900 литри, Данска со 7100 литри и Холандија околу 7000 литри по крава.

Овие семејни фарми опфаќаат 75 проценти од вкупниот број фармери млекопроизводители. Додека пак, бројот на големи специјализирани фарми со повеќе од 20 крави е многу помал и опфаќа околу три проценти од вкупниот број. Овие фарми се со висока продуктивност и годишно производство на млеко околу пет илјади литри по крава. Само еден посто од фармите имаат повеќе од 50 грла и според перформансите овие фарми треба да бидат носители на производството на квалитетен генетски материјал за преостанатите фарми или репродуктивни центри.

Намалувањето на бројноста на малите фарми сериозно може да се одрази врз млечната индустрија во земјава. Но, треба да се спремиме за тоа дека консолидацијата во делот на примарното производство може да стане реалност на среден и долг рок.

Ниската продуктивност кај примарните производители 

6.    Осипувањето на сточниот фонд и ниската откупна цена на млекото од сточарите, фармерите или кооперантите е уште еден фактор што и кумува на млечната криза. Млекопроизводителите се револтирани од ниската откупна цена на млекото визави продажната цена во маркетите. Какви активности преземате во оваа насока, постојат ли реални можности да се надмине овој континуиран проблем?

-Во однос на лани цените на откупот на млеко се зголемени за 40% до 50%. Но, треба да се биде отворен и да се каже дека и преработувачите на млеко немаат капацитет бесконечно преку висока цена на млекото да ја покриваат ниската продуктивност кај примарните производители зашто со тоа и самите стануваат неконкурентни на пазарот. 

7.    Колку владините мерки за справување со кризата, односно ограничувањето на маржата ќе и помогнат на млечната индустрија?

-Во оваа ситуација најважно е да се реализира најавената исплата на сите заостанати субвенции за литар предадено млеко, како и на најавените интервентни мерки. Ова е многу важно, бидејќи сточарите се на прагот на прибирање на сточната храна, силажата и есенската сеидба. Има сточари што не можат да посеат храна, ни житарица и наредната година може да биде уште полоша.

Што се однесува до ограничувањето на маржата, ја разбираме потребата од носење на таква мерка, таа дава можност за покривање на трошоците и лимитирање на неограничен раст на цената. Оваа мерка е многу поприфатлива отколку замрзнување на цените на финалниот производ, а притоа цените на сите влезни суровини и трошоци да останат слободни – неминовно ќе води кон катастрофа и пропаст на домашните преработувачи.

Рамнотежа меѓу откупната цена и квалитетoт на млекото

8.    Со каква стратегија, вие како здружение сметате дека ќе се ублажат актуелните проблеми и кои се плановите за зголемување на производство на квалитетно млеко во Македонија?

-Како прво, потребно е воспоставување рамнотежа меѓу откупната цена на млекото и неговиот квалитет. Домашните млекарници поради несоодветен хемиски состав (протеини и маснотии) не можат да конкурираат на увезеното млеко и млечни производи не само од земјите на ЕУ, туку и од регионот на Западен Балкан. Второ би било субвенционирањето по произведен литар млеко да биде преструктуирано во насока на стимулирање и наградување на квалитетот и на продуктивноста (Smart subsidies). И трето е воспоставување континуитет и зголемување на програмата за набавка на квалитетни стелни јуници, што ќе донесе зголемена ефикасност и профитабилност, подобрување на квалитетот на млекото и намалување на огромните логистички и, пред сè, транспортни трошоци на млекарниците. 

9.    Што недостига и треба да се промени за подобрување и на статусот на фармерите-кооперанти и воопшто на млечната индустрија?  

-Токму профилот на краварските фарми, односно нивната бројност и учеството во примарното млекопроизводство наспроти малата бројност на грла, го создава прашањето а и проблемот, дали е потребно државата да се сврти кон нивните потреби и да ја поттикне нивната одржливост со субвенции и наменски мерки како и за другите клучни сектори, давање земјиште под закуп за сопствено производство на сточна храна.

Поради тоа што се мали, овие фарми се карактеризираат со ниска продуктивност, недостаток на систем за следење и сузбивање на болести кај кравите, што има големо влијание врз квалитетот и безбедноста на млекото. Недостатокот од современи услови за одгледување продолжува со набавка на добиточна храна, несоодветна испорака и транспорт на млекото што го отежнува спроведувањето на концептот за контрола на млекото и воопшто контролата. Сето тоа е премногу скапо за малата фарма. Тоа што се мали, до 3-4 грла ги прави финансиски немоќни за големи вложувања во условите и не секогаш подобни за евентуални банкарски кредити, како би инвестирале во своите фарми. Истовремено, заради бројноста на овие фарми тие се значајни и клучни во вкупната млечна индустрија на државата.

Домашното производство треба да биде доминантно на пазарот

10. Каква е перспективата на млечната индустрија во земјава во однос на увоз-извоз на млеко и млечни производи. Колку ние како земја со традиционално сточарење, искуство, планирање, и како сѐ уште еколошки чиста средина можеме да бидеме препознатливи и на домашниот и на странските пазари со производите од млечната индустрија?  

-Негативните тенденции во млекопроизводството се таложат со години, така што моменталната кризна состојба само уште повеќе ја отежнува позицијата на фармерите млекопроизводители. И овој проблем не треба да се заобиколи, затоа што директно влијае на одржливоста на млечната индустрија во земјава односно за да не дојде до тоа да стануваме увозно зависни со континуиран раст на увозот на млеко. Сепак, треба да се има предвид дека млечните производи се категорија каде што домашното производство може и треба да биде доминантно на пазарот и да не се дозволи да биде прегазено од поевтина увозна понуда што сè повеќе ќе ја има.

Час поскоро мора да се тргне во позитивен развој ако сакаме да опстане овој сектор. Единствениот начин да се зголемат приходите од земјоделството и да се намалат трошоците за литар произведено млеко е преку зголемување на продуктивноста и производството на млеко.