Од своето формирање пред точно 25 години, Европската централна банка е чувар на еврото. Во моментов се бори со инфлацијата, но тоа не е единствената криза на која мораше да одговори во последните години.

Како прв човек на Европската централна банка (ЕЦБ), Марио Драги вербално употреби тешка артилерија во 2012 година кога изјави дека ЕЦБ ќе направи се што е потребно за да го спаси еврото. Во тоа време тоа звучеше како закана за шпекулантите. Тоа е секако историска реченица од познатиот говор „Што и да е потребно“ пред меѓународните инвеститори во Лондон.

Во екот на финансиската криза во Европа, на Грција и се закануваше банкрот, откако Атина во 2009 година призна дека состојбата на јавните финансии на земјата е многу полоша отколку што се претпоставуваше. И банкротот и исклучувањето на Грција од еврозоната би значеле крај на еврото како што првично беше замислено. Во тој контекст Драги ја изговори својата позната реченица. Неговата следна реченица е помалку цитирана, но исто толку клучна: „Верувај ми, тоа ќе биде доволно“.

Запрепастени шпекуланти

Таа изјава е бескомпромисна и впечатлива. Имено, обложувањето против хекои одлуки на централната банка е безнадежно. И ЕЦБ навистина ја покажа својата сила после тоа. Веќе во 2010 година почна да купува државни обврзници во еврозоната, но во кризниот период значително ја прошири таа активност.

Со тоа ги намали каматните стапки на пазарот на пари и ги стабилизираше буџетите на Грција, Шпанија, Португалија и Италија. Шпекулациите на финансиските пазари всушност беа облози за банкрот на некои од тие земји, бидејќи долговите беа астрономски, а цената на новите задолжувања брзо растеа.

Така, Европската централна банка се најде во центарот на вителот, пред се затоа што ниту една друга финансиска институција немаше ресурси да и овозможи да реагира, а да не зборуваме за расштиманиот оркестар од различни интереси во земјите од еврозоната.

Фридрих Хајнеман, економист во Европскиот центар за проучување на економијата, вели дека тоа е пресвртница и додава: „Мора да се каже чесно - Марио Драги ја спаси еврозоната од целосен колапс во летото 2012 година“.

Договорот од Мастрихт на Европската унија предвидува такво однесување на членките во еврозоната, така што тие имаат постојана доверба во финансискиот пазар. Така, нивното кредитирање би било обезбедено со поволни каматни стапки. А Европската централна банка ја има само улогата на чувар на стабилноста на еврото, па ја следи стабилноста на цената на заедничката валута.

Но, со купувањето на државни хартии од вредност, ЕЦБ опасно се приближи дури и индиректно до државното финансирање. Поради ова, таа беше остро критикувана, бидејќи наводно тоа не е во нејзиниот мандат. Петер Гавајлер, тогашен политичар на баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), како и основачот на Алтернатива за Германија, Бернд Лук, го кренаа својот глас против учеството на германската Федерална банка во купувањето државни обврзници од еврозоната. Против неа поднеле тужба во 2015 година, но истата била отфрлена како неоснована.

Се повеќе задачи за се поголем број вработени

Кризата на еврото и донесе низа нови задачи на Европската централна банка. Кога веќе се фати во колото, тогаш мораше да го преземе надзорот на поголемите банки во еврозоната. Банкротот на американската инвестициска банка Леман Брадерс во 2007 година предизвика должничка криза. Покрај тоа, еврокризата им се закани на европските банки, бидејќи нивните сметки содржеа големи суми државни обврзници и хартии од вредност од еврозоната. ЕЦБ почна да ги спроведува таканаречените „стрес тестови“ со цел да ги идентификува и елиминира слабостите во банкарското работење.

Покрај тоа, за време на кризата, ЕЦБ беше дел од моќната „тројка“, заедно со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Европската комисија. Како последна инстанца заемодавач, Европската централна банка ја одржуваше ликвидноста на погодените земји.

Новите задачи донесоа проширен буџет. Помеѓу 2010 и 2016 година порасна од 415 милиони евра на речиси една милијарда евра. Затоа, буџетот на Европската централна банка е повеќе од двојно зголемен. А бројот на вработени се удвоил. Во 2010 година во ЕЦБ работеле 1.800 луѓе, денес ги има околу 3.500. Затоа е изграден новиот штаб. Во 2014 година, банката се пресели од центарот на Франкфурт во нова зграда на брегот на Мајна. За разлика од старото седиште, кое исто така беше достапно за посетителите, новата централна канцеларија е недостапна и наликува на стаклена тврдина.

На влезот новинарите кои доаѓаат на прес-конференција се претресуваат како на аеродром. Така ќе биде и оваа недела кога се слави дваесет и петгодишнината од формирањето на Европската централна банка.

ЕЦБ од своето основање порасна и доби голема моќ. Во последните 15 години таа стана вистински бедем во последователни кризи.

 Извор: DW