Сепак, значителни разлики постојат помеѓу општините и тие треба да бидат земени предвид при креирање мерки и политики за унапредување на квалитетот на воздухот, укажуваат заклучоците од студијата изработена од лабораторијата „Амбикон“ при Универзитетот Гоце Делчев од Штип.
На еден ден пред почеток на грејната сезона, се презентираа резултатите од истражувањето, како и можните решенија за справување со загадувањето на воздухот.
Лабораторијата „Амбикон“ при Универзитетот Гоце Делчев од Штип, под водство на проф. Дејан Мираковски, ја изготви студии за утврдување на уделите на изворите на загадување на воздухот во урбаните средини на општините.
„Во резултатите добиени врз основа на едногодишен мониторинг и анализа на повеќе од 1.000 примероци во сите пет општини, со својот интензитет како најголем извор се издвојува согорувањето на биомаса (дрва) за греење, следено од сообраќајот и минералната прашина, кои имаат значително поголем удел во текот на летните месеци. Во повеќето општини, палењето на стрништата и други отпадни материјали на отворено или во импровизирани котли, имаат исто така значително учество во вкупното загадување. Сепак, согорувањето на дрва, но и отпадни материи во релативно неефикасните и стари печки/котли во текот на зимските месеци, е веројатно главниот извор кој може да се поврзе со појавата на епизодите на екстремно загадување“ изјави проф. Мираковски, кој ја презентираше состојбата за секоја општина одделно.

Според Постојаниот претставник на програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, Армен Григорјан загадувањето на воздухот е значаен предизвик за земјата.
„Во соработка со бројни институции и организации, ги споивме науката, знаењето, институционалната поддршка, визијата и оптимизмот. Во 2020 година за прв пат во Македонија спроведовме сеопфатен циклус на истражувања. Користејќи модерна опрема финансирана од Шведска специјално за оваа намена, собраните материјали беа анализирани и беше изработена првата студија за распределба на извори во земјата од ваков вид. Оваа година, истражувањето беше спроведено во пет општини и резултатите ќе ги водат нашите идни напори за подобрување на квалитетот на воздухот.“ изјави Григорјан.
Граѓаните ќе може да ја тужат државата пред Управен суд поради загаден воздух
Граѓаните во постапка пред Управниот суд можат да бараат да се задолжат надлежните органи да ги донесат сите потребни документи од Законот за квалитет на амбиенталниот воздух и да тужат во управна постапка ако им е загрозено здравјето, одлучи на денешната седница Врховниот суд на Северна Македонија.
„Согласно националната и меѓународната регулатива, државата е должна да обезбеди здрава животна средина, меѓу кои и правото на чист воздух, како поединечно право на граѓаните, кои како странка во управна постапка може да бараат да се задолжат надлежните органи да ги донесат основните плански документи од член 23 од Закон за квалитет на амбиенталниот воздух како општи акти. Во остварувањето на правото на здрава животна средина се применуваат одредбите од Законот за управните спорови, кои обезбедуваат судска заштита од незаконски акти и дејствија со кои се повредуваат уставно загарнтираните права и слободи, кога таа конкретна судска заштита не е предвидена со Уставот и другите закони“, се вели во начелниот став.
Ваквиот став на Врховниот суд следува откако Управниот суд во неколку наврати ги одби тужбите на граѓани дека Северна Македонија не презема мерки за заштита на животната средина. Со начелниот став се задолжува Управниот суд да постапува поинаку од досегашната пракса.
Иницијативата пред Врховниот суд за утврдување на начелно правно мислење беше поднесено од Адвокатско друштво „Гоџо, Кичеец и Новаковски“ од Охрид во 2023 година.
И претходно имало тужби од граѓани кои неколкупати била одбивани од Управниот суд, кој се произнесувал како ненадлежен за на крај предметот да заврши пред Врховен.