Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување „Пакомак“ веќе седум години по ред прави истражувања низ девет градови во Македонија за односот на граѓаните кон селектирањето на отпад. Трендовите покажуваат дека има подобрување на свесноста на граѓаните. Декларативно, 90 насто од граѓаните сакаат да го селектираат откадот, додека половина од испитаниците одговориле дека го прават често или некогаш. Но, од друга страна, граѓаните иако имаат волја да прават примарна селекција, постои недостаток на контејнери.

„Во градовите каде што работиме, ние се трудиме да поставиме на секои 1 000 жители еден контејнер за пластика, стакло и хартија. За поретко населена област се доаѓа до 600 жители. Во Скопје за стакло имаме 400 контејнери. Послаби сме на пластика и харија. Кога ги ставаме контејнерите, многу бргу се вандализираат, па наоѓаме типови на контејнери што потешко се превртуваат, за да не се земе материјалот од нив. Контејнерите со посебно мал отвор не се предмет на вандализација. За 5 години колку собираме стакло од општините, дојдовме до количини од 30 насто од тоа што во Македонија се генерира како стакло што се пушта на пазарот. Ние веќе го собираме. Тоа не би можеле да го правиме ако граѓаните не селектираат отпад“, вели директорот на „Пакомак“, Филип Ивановски. 

Според Ивановски, постои начин за селектирањето да се стимулира. Сепак, напоменува дека ова е процес кој не се случува преку ноќ и дека во ниту една земја отпадот не се решил за една деценија. 

„Веќе сме во фаза кога треба од проекти да преминеме на дела. Граѓаните сакаат да селектираат и може да се стимулира. Тоа го правиме во делот на пластика и лименки. Пробуваме да им дадеме одредена финансиска сатисфакција, за нивната активност да ги фрлат пластичките шишиња на одредени места. Тоа е морковот на нашата тактика. Сакаме да направиме позитивна стумулација на граѓаните тоа да го прават. Од друга страна, треба општините кои се најблиску до граѓаните да преземаат мерки кон оние кои не го прават тоа. Тоа значи дека имаат можност, имаат контејнери, но, не го прават тоа. Тука доаѓа стапот. Со казни“, смета Ивановски.  

Според него, она што прво треба да го направат општините е граѓаните да плаќаат според количината на создаден отпад. Тоа значи тој што создава, треба повеќе и да плаќа. А оние што рециклираат и не создаваат толку отпад, да плаќаат помалку. 

„Ниту Германија, ниту Швајцарија не станале тоа што се денеска, за краток период или само со стимулација на граѓаните. Прашајте ги нашите иселеници кога ќе се вратат како функционираат системите во нивните земји. Ако не го селектираат правилно отпадот, следуваат казни. Па започнуваат дома да го селектираат отпадот и подоцна да го одлагаат. Управувањето со отпад не е бесплатно и чини пари.Сметка во Скопје на едно домаќинство е 350 денари. За пет евра треба некој да дојде да го подигне сметот од нашите домови и правилно да го третира. Тоа е неодржливо. Не може да бараме да имаме управување со отпад како во Германија. Во Словенија е 20 евра. Сметката треба да биде околу 10 евра. Постепено да расте. Ние ќе инвестираме во модерни центри за управување со отпад, но мора да видат оперативни и да функционираат“, вели Ивановски. 

Неодамна, во пресрет на одморите, „Пакомак“ сподели совети до граѓаните како да бидат еко-одговори во текот на летото. 

Кога одите на патување

Користете реупотребливи шишиња кои можете да ги вратите дома по излетот на отворено наместо да купувате нови, чии пластични амбалажи претставуваат отпад во најава. За крај, можеби најважното – понесете си големи ќеси во кои ќе го соберете ѓубрето што ќе го создадете додека сте на отворено, за потоа да можете го оставите во најблискиот контејнер.

Кога сте на базен или на плажа

За почеток, бидете внимателни со изборот на душеци, играчки и гуми за пливање. Повеќето од нив се произведени од PVC, материјал што не се рециклира, па затоа пробајте да ги одбегнете нив. Ако веќе морате да купите или поседувате PVC производи, внимавајте каде тие ќе завршат во случај на оштетување. Таквиот отпад мора да заврши во корпа, бидејќи оставен во природа може да испушти штетни хемикалии кои се лоши по човековото здравје. Исто така, препорачливо е носење на хартиени ќеси за ставање на храната и пијалаците што ги носите со себе, како и неколку најлонски ќеси во кои ќе го ставите ѓубрето што ќе го направите додека сте таму.