-Како да се прошири понудата на акции на македонската берза со нови компании чии акции ќе се тргуваат, беше едно од клучните прашања на кои се бараше одговор на 24-тата годишна конференција на Македонската берза, која изминатиов викенд се одржа во Охрид. Покрај ова во овогодинешната програма беа вклучени и темите, како:македонските и регионалните перспективи, можностите и предизвиците за ИПО и раст на домашните компании, развојот на пазарот на капитал преку мултифондови и ЕТФ, важноста на малите берзи итн.

На конференцијата присуствуваа околу 240 учесници и 36 говорници од седум држави, што уште еднаш ја потврдува регионалната важност на настанот, нагласи во своето обраќање главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев.
Инаку, од почетокот на годинава на берзата се истргувани акции во вредност од 100 милиони евра, што е слично како ланскиот најдобар резултат во изминатата деценија. На берзата котираат 90 фирми, но се тргува со акциите на 20-30 фирми. Околу 80 отсто од прометот е сконцентриран во 10 компании. Директорот на Берзата вели дека ситуацијата е слична во сите помали земји, па дури и во тие од ЕУ.
-И после ланската најдобра година во последната деценија, Македонска берза и во 2025-та функционира доста добро. Вкупниот промет до овој момент изнесува околу 100 милиони евра, цените на акциите бележат умерен пораст од 2,5 проценти, а индексот МБИ10 е за 125 отсто повисок во споредба со предпандемиската 2019 година. Со тоа, Македонска берза останува со најдобри статистички перформанси во регионот на Западен Балкан“, изјави Штериев.
Тој потсети и на големото достигнување – вклучувањето на Македонска берза како единствена берза од земја која не е членка на ЕУ во новиот интеграциски проект на пазарите на капитал, заедно со земји од Централна и Источна Европа, под покровителство на ЕБРД и со силна поддршка од Европската Комисија.
„Ова е признание дека и малите пазари може да бидат дел од големите приказни, кога има јасна стратегија и континуирана работа.“ И нагласи: „Нашата амбиција е да покажеме дека берзата не е само место за тргување, туку и мотор за економски развој и креирање нова вредност“.
Пазарот на капитал - дел од една поширока регионална мрежа
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека Министерството за финансии вложува напори да создаде услови за пазарот на капитал, како еден вид мотор на економијата, да работи посилно и постабилно.
– Наша цел е да создадеме современ, транспарентен и конкурентен пазар кој ќе ги следи европските стандарди, но и ќе одговара на потребите на домашната економија -рече таа.
Димитриеска-Кочоска смета дека со регионална соработка ќе се обезбеди поголема дисперзија за тргување, односно ќе се зголеми и обемот и квалитетот на тргувањето. Па потсети дека во август беше потпишан Меморандумот за соработка помеѓу министерствата за финансии на Македонија, Бугарија, Хрвтска, Унгарија, Полска, Романија, Словачка и Словенија.
– Со овој чекор ја покажавме нашата решеност да не останеме изолирани, туку да бидеме дел од една поширока регионална мрежа. Со поврзувањето на пазарите им даваме шанса на компаниите полесно да дојдат до капитал, да ја зголемат конкурентноста и да најдат партнери надвор од границите на земјата. На тој начин ние не само што го јакнеме пазарот на капитал, туку и ја поттикнуваме економијата да расте побрзо и поодржливо – рече Димитриеска-Кочоска.
Министерката потсети и дека паралелно се работи и на регулаторната рамка и дека се усвоени измени на два клучни закона во оваа област.
– Законот за финансиски инструменти и Законот за проспект и транспареност на издавачите, а со цел сите учесници да имаат доволно време да се подготват и предвидената реформа да се спроведе квалитетно. Сакаме системот да биде стабилен, доверлив и да работи во интерес на сите, смета Димитриеска-Кочоска.
Во засилена интеграција решението го гледа и директорот на НЛБ Љубљана, Блаж Бродњак, кој се вклучи на конференцијата преку видео врска. Според него, фрагментацијата е најголемиот проблем на Европа и оти ако сака да им парира на Кина и на Америка, Европа мора уште повеќе и побрзо да се интегрира.
Глобална неизвесност влијае врз малите и високоотворени економии
Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, кој исто така учествуваше на 24. конференција на „Македонска берза“, говореше за растечката глобална неизвесност и нејзиното влијание врз малите и високоотворени економии, како што е македонската.
Тој истакна дека во постпандемичниот период, трговската отвореност на нашата економија, во просек, достигна околу 150 отсто од БДП, што ја зголемува чувствителноста на промени во надворешното опкружување. Според него, во моментов најизразени се неизвесностите поврзани со новите трговски политики на САД и потенцијалните реципрочни мерки од големите светски економии. Иако директната изложеност кон американскиот пазар е мала, индиректните ефекти преку намалување на побарувачката во ЕУ не се занемарливи. Дополнителна загриженост отвораат можните ефекти врз глобалната инфлација преку синџирите за снабдување и инфлациските очекувања.
Во однос на одговорот на монетарната политика на ваквите предизвици, тој подвлече дека е неопходно одлучувањето да се темели врз широк спектар податоци и анализи, изготвување алтернативни сценарија и пред сè – врз посветеноста на ценовната стабилност на среден рок и стабилноста на девизниот курс.
Гувернерот истакна дека „Народната банка останува подготвена да одговори на евентуални непредвидливи предизвици, потпирајќи се на искуството од справувањето со екстерните шокови во минатото. Од суштинско значење е одржувањето на независноста на централната банка и кредибилитетот на нејзините политики. Солидното ниво на девизни резерви е гаранција за стабилноста на девизниот курс на националната валута“.