На карта на регионалната турнеја на Пеца Поповиќ, на која тој ја промовира својата најнова книга „Чувар бувље пијаце“, меѓу најважните градови во неговиот живот е и Скопје. Во организација на Спона – Српски културно информативен центар на 1. јуни во „Буква“ ќе биде претставена оваа книга, но и две претходни од истиот автор – „Пролећа у Топчидеру“ и „Трагови у бескрају“.
Петар Пеца Поповиќ, легендарен музички новинар, врвен рок-критичар, но и хроничар на времињата и местата кои нас, од овие простори, нераскинливо не поврзуваат, наскоро ќе наполни 73 години. Пркосејќи им на проблемите со срцето, кои ги ќари низ годините, се уште и се радува на музиката…
– Иване, ја знаете ли Лу? Лу Јакелиќ! Неодамна ја слушав, кога гостував на Хрватска телевизија. Одлична пејачка. Слушнав и дузина други, и срцето ми беше полно – ми се довери Пеца неодамна, телефонски.
Секако дека ја познавам Лу. Лу Јакелиќ. Дефинитивно една од најталентираните кантавторки во регионот. Чест гостин во плеј-листите на Анторис радио…
Нејсе… Пеца со истиот жар и понатаму зборува за музиката. Скопје е важно за него, за неговиот живот. Тоа е град на неговите пријатели. Влатко Стефановски, Калиопи… Беше во ПГП-РТС кога таа и Ромео ја донесоа „Бато“. Останато е легенда. Во Скопје се дружеше со Џаро. Доаѓаше со воз за да го печати списанието „Џубокс“ во печатницата на „Нова Македонија“.

По првите успеси на „Леб и сол“, а при еден престој во Скопје, мајка му на Влатко, легендарната актерка Нада Остојиќ Стефановска, го покани Пеца на чај во пет. Пред врата на „Мексичка“ 15б, Поповиќ се најде нешто пред 17 часот. Го пречека Влатко, со кого муабетеа додека часовникот не се најде на потребната точка.
– „Мама кажа во пет“ – беше дециден Влатко.
Денес Пеца ќе каже дека се уште го чувствува вкусот на англискиот ерл греј, и мирисот на цвеќињата од масата во дневна на семејството Стефановски…
– Тоа е најрепрезентативното семејство што воопшто го познавам! Таткото основал 17 театри низ Македонија, мајката позната актерка, постариот син феноменален писател и професор во Англија, помалиот син симбол на балканската музика. Внукот прераснува во врвен музичар. Не знам сличен случај. Тоа мора да се почитува и на тоа мора да се биде горд… – кажа деновиве, подготвувајќи се за пат кон Скопје.
Во овој град, кој, како што кажа Милан Младеновиќ во една песна, фрлаше светла далеку, Поповиќ во 2018-та го претстави филмот „Заробено време“, носталгична приказна за него и за една музичка сцена, во некои поубави времиња. Во филмот, од Македонија беа Џаро, Калиопи, Влатко Стефановски и потписникот на овие редови. Покрај ѕвездите и „комшијин мали, ког су пустили да гледа“… Потоа се случи короната, по која светот не е веќе ист.

Во изминативе три години Пеца Поповиќ објави три книги. Сите три во издание на Книжевна општина Вршац, под уредништво на Михајло Пантиќ. Се дружат долго време, а заедно ќе допатуваат и во Скопје.
– Се запознавме како млади, но благодарение на книгата „Да се биде рокенрол“ станавме пријатели. Тој, како сериозен професор, писател и критичар, виде нешто во моите текстови и ме натера да ги објавам овие три книги за три години. Не верував дека пишувањето овде може да биде интересно и денес – вели Пеца.
– „Чувар бувље пијаце“ се инвертар на нашите таги и нашите радости – ќе напише Сања Домазет, во поговорот на ова исклучително дело.
Микица Милетиќ, пак, најавувајќи го „Чуварот“, кажа:
– Некои луѓе минуваат низ животот, како кучињата низ роса, ништо не ги допира, а притоа не забележуваат дека нешто им недостасува. Тие другите, како Пеца Поповиќ, се ретки и затоа скапоцени, ги изоструваат сетилата, ги шират крилјата, впиваат впечатоци, мириси и слики, талкаат со отворени очи и никогаш не им е доволно убавина. Кога тие уште и знаат тоа да го стават на хартија, и да го споделат со другите, тогаш се создаваат книги како оваа.
„Пролећа у Топчидеру“ која има сличен сензибилитет, сепак е посвета на неговата адреса. Респектираниот белградски крај Топчидер, каде семејството Поповиќ живее низ генерации.
„Трагови у бескрају“, пак е збирка приказни за музичарите кои заминаа од овој свет, но чии дела продолжија да живеат…
– Неколку луѓе ми кажаа дека ги читаат овие приказни со музиката на креаторите за кои пишувам. И тоа е начин со кој некој го разбира моето пишување. Мислам дека по заминувањето на најголемите, должност на новите генерации е да најдат достојни наследници – смета Пеца.

Подготвувајќи се за дружење со Пеца, талкајќи по мрежата, изгледав многу снимки од промоциите во регионот. Во нив, секој промотер се обидуваше за скала повеќе да ја грорифицира важноста на оваа исклушителна личност. Сепак, неговото дело е многу поголемо од сите збрани и неизговорени зборови.
Тоа е култната Хајдучка чешма, но и антивоениот проект „Римтутитуки“. Тука е и „Поздрав Београда Загребу“, но и карванот „Скопје, те сакаме“ од средината на 80-те, кога со Оливер Мандиќ ги донесоа во Скопје најголемите ексклузивци на ПГП-РТБ…
После се, кој е Пеца Поповиќ? Близок пријател на Брега и Чола, оној што е секогаш добредојден во холандското засолниште на Џони Штулиќ, братучед на Бора Чорба, далечен роднина на Маги од ЕКВ, горд пријател на цело семејство Стефановски…?
Пеца е музички археолог, исто како и хроничар, нашиот водич низ годините кога се знаеше кои се вистинските вредности. Сонувач и најубавиот музеј на спомени на нашите животи.
Иван Беќковиќ