Пензионерите предолго чекаат

Со платата тешко се живее, а од пензијата не се живее! Порастот на платите треба да ги следи трошоците за живот, е најчеста популистичка фраза, во која никаде ги нема пензионерите.

Човековите права еднакви пред стандардот


Погрешна е проценката дека на пензионерите им се потребни помалку пари отколку на вработените, или на помладите. Во денешниве услови, само за лековите потребни за основното функционирање на пензионерскиот организам се потребни најмалку 1000 денари по човек, а ако некој е зафатен од пандемската ламја, трошоците се непредвидливи! Уште поголем проблем е кога ќе дојдат непредвидени трошоци за некои заболувања или за домашни потреби. Не дај боже потешки здравствени или комунално-хигиенски, од типот на расипан шпорет, фрижидер и друго. Поскапувањето на енеренсите е посебно прашање.

Домовите за стари лица недостапни за просечните пензионери


Во најтешка позиција се пензионерите или старите лица од повозрасната група, со чија пензија не може да се покрие цената на престојот во приватен старечки дом, па стануваат товар на својата фамилија. Да се обезбеди престој во државен дом е многу тешко, голема навалица и голема процедура. Цената е прифатлива – 540 ден за ден.

 

Пензионерите предолго чекаат

Но, престојот во приватен геријатриски дом е привилегија на само добростоечките фамилии кои својот старец можат да си дозволат да го вдомат во некој од нив. Цената на основниот пакет за престој во приватните домови изнесува 36 илјади денари месечно, или 600 евра. Разликата од просечната пензија, 250 евра до 600 евра, е 350 евра и можат да ја платат само богатите фамилии. Сите би скакале на своите старци да им обезбедат престој во старски дом или во геријатриска болница, ако висината на пензијата ја покрива цената на престојот. Но, семејствата не само што не можат да ја надоместат таа разлика туку се крстат на нивните пензии за, колку- толку, да ја зачуваат својата платежна сопосбност пред сметките и тошоците за основната потрошувачка кошничка, па затоа и не ги даваат, иако негувањето стар човек, особено ако е неоподвижен, е голема тешкотија која создава дури и раздор во семејството, нервоза и кавги.

Пензионерите најмалку добиваат


Можеме слободно да речеме дека пензионерите, во сите покачувања, најмалку добивале. Секогаш се работело за некакво минимално, незабелажливо на сметката порамнување со трошоците за живот, процент кој секогаш бил „во корист на животот“, не на пензионерите.

Така просечната пензија изнесува околу 17 илјади денари, а просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во ноември 2021 година, изнесува 29 130 денари.

Што е разликата во потребите меѓу вработените и пензионерите? Дали пензионерите се отпишана категорија? Каде е рамноправноста, кај се човековите права? Пензионерот не е само стар човек! Се повеќе се зборува и има идеи да се доискористи неговиот работен, уместен и искуствен потенцијал.

Какви мерки да се преземат?  


Пензионерите предолго чекаат. „Зголемувањето на пензиите мора да биде во линија со порастот на цените и на просечната плата. Тоа е законски регулирано, и треба да се почитува“, велат експертите.

Според програмата на новата влада, нејзиниот фокус е преку економските мерки, растот на продуктивноста на трудот да достигне до 15  отсто со што како што пишува во неа, ќе се овозможи зголемување на нето-платата за најмалку 13,4  проценти и зголемување на просечната плата за над 3.100 денари или за 50 евра повеќе месечно.

Крајната цел е до крајот на мандатот просечната плата да изнесува 34.000 денари, а пензиите секој јануари и секој јули во годината да растат помеѓу 400 и 600 денари.

Проблемот е што и ова покачување е мало со оглед на порастот на цените на продуктите и на енергенсите, односно инфлацијата ќе ја изеде таа радост на пензионерите како волкот овцата.

Затоа приоритетно ќе треба да се преземат посериозни зафати и за заштита на животниот стандард. Како? Се знае како, тие мерки не се непознати: зголемување на вработеноста, задржување на работната сила дома, консолидирање на пензискиот фонд до целосна независност. Пензискиот фонд не е независен, ако односот на пензионерите и на вработените падна на 1:1,6, тоа укажува на огромна зависност на пензискиот фонд од државниот буџет, од кого сите бараат субвенции, дотации, капитални инвестиции, ковид-поддршка, плати за администрацијата, во која огромен број е вишок итн.

Ова го знае новата влада, дали ќе се фати за вистинските мерки, кои не се лесни ниту брзи, ќе се види наскоро. Впрочем, тоа се очекува по ветувањето дека пензиите ќе се зголемат. Задожувањето, какво и да е, на домешаен или на странски пазар, ќе биде од „шупливо во празно“, веќе виден трик и далеку од вистинско решавање на проблемот.

Во духот на европските стандарди и вредности минималните пензии треба да изнесуваат 70 насто или 12.600 денари. Најниски пензии во износ до 10.000 денари кај нас имаат околу 70.000 корисници на пензија.

Просечната пензија изнесува 15.800 денари, што во однос на сегашната просечна плата изнесува загрижувачки 55 проценти.

Познато е дека во 2021 година пензиите се усогласени само со порастот на животните трошоци, и тоа во јануари со 1,2 и во јули со 1,1 отсто. Тоа е историски најниско зголемување, со што реалната вредност на пензии е опадната и не го следи трендот на зголемените плати и на растот на сите цени.

Ќе речете пензионерите имаат и имале можности да инвстираат во третиот столб или во некој друг инвестиционен фонд. Нека се пофали некој пензионер со ниска и со средна пензија дали некогаш му останал некој денар за да го инвестира во некој инвестиционен фонд?

Бране Стефановски