Научниците предупредуваат дека климатските промени во светот можат да влијаат на квалитетот и вкусот на пивото. До 2050 година во Европа, според истражувањата, приносот на традиционалниот ароматичен хмељ ќе се намали за четири до 18 проценти. Производството на киселините од хмељ, кои се клучни за ароматизацијата, ќе се намалат за 20 до 31 отсто.

Пивото никогаш повеќе нема да биде исто

Карактеристичниот горчлив вкус на пивото доаѓа од хмељот. Поради климатските промени, како што покажуваат најновите истражувања, составот на ова растение се менува. Топлите, долги и суви лета ќе доведат до промена на квалитетот на пивото, но и до зголемување на цената, бидејќи ваквите услови го отежнуваат одгледувањето на хмељ, клучната состојка на овој пијалак.

Сè потешко е да се одгледува кафе, чај, грозје за вино, хмељ за пиво на планетата која секој ден е сѐ потопла. Новата студија објавена во едно од научните списанија Nature Communications, покажа дека сушата и повисоките температури ќе го намалат квалитетот и квантитетот на хмељот и ароматичните растенија кои му даваат вкус на пивото. 

„Во текот на изминатите децении има пад на квалитетот на хмељот. Сигурен сум дека можеме да најдеме начин да го одгледуваме ова растение кое ќе може да ги издржи променливите климатски услови во иднина“, смета Мирослав Трнка од Чешката академија на науките, еден од авторите на новата студија објавена во списанието Nature Communications.

Хмељот е нежен цвет

„Ако се погледне картата на регионот каде се одгледува хмељ, забележливо е дека појасот е прилично ограничен на одредени географски ширини. На хмељот му требаат многу сончеви денови во текот на годината. Потребни се и неколку месеци малку поладна клима, со неколку месеци пониски температури.

Поради ова, хмељот обично се одгледува во тесен опсег на географски широчини, како што се централна Европа и северозападниот дел на Пацификот. Треба да се напомене дека хмељот е чувствителен на светлина“, вели Чак Скајпек од Здружението на пивари на САД.

Во Соединетите Држави, хмељот главно се одгледува во долината Јакима, каде влажноста е ниска и условите се добри за ова префинето растение. Тоа се многу поразлични услови отколку во Европа, има повеќе инфраструктура за наводнување, бидејќи е регион со слаби врнежи.

Приспособување на новата нормала

За Carlsberg Group во Копенхаген, експериментирањето и адаптацијата не се нови, но постои чувство на итност. Иако индустријата за пиво го напушти одгледувањето на хмељ набргу по Втората светска војна, Данците во последниве години повторно вложија време, знаење и пари во истражувањето на климатските услови за одгледување на ова пивско растение.

Дел од проектот се однесува на тоа да се секвенционира целиот геном на хмељ, за подобро да се разбере како културата може да се адаптира за да биде поотпорна во новата клима.

„Ќе биде тешко. Науката и иновациите ќе ни помогнат да направиме некои големи откритија и револуции за да се справиме со ова многу екстремно време“, дециден е Бригит Скадаге, шеф на истражувачката лабораторија Карлсберг и професор на Универзитетот во Копенхаген.

Тој посочува дека е можно да се одгледува хмељ кој би бил толерантен на топлина или суша.

„Гените можат да ни помогнат да направиме уште поцврсти растенија“,убедува Бригит.

„Би бил изненаден ако најдеме решение бидејќи промените се навистина сложени. Можеби попредизвикувачкиот дел од равенката е ограничувањето на глобалното затоплување“, истакнува Мирослав Трнка.

Намалувањето на производството на хмељ најмногу ќе се почувствува во Словенија, Португалија и Шпанија.

Авторите на студијата заклучија дека земјоделците ќе мора да најдат начин да се прилагодат на новите климатски промени.

„Сигурно е дека сушите во јужна и централна Европа ќе бидат уште поинтензивни, површините на кои се одгледува хмељ треба да се прошират за 20 отсто, бидејќи на тој начин би се надоместиле загубите поради падот на производството“, се наведува во европскиот извештај.