На Форумот на добри компании 2025 што денеска се одржа во Скопје во фокус се најдоа горливи прашања со кои се соочуваат домашните бизниси, а тоа е недостиг на работна сила и одоливот на мозоци.
-Во суштина ова беше претставено и како најголемата пречка во водењето бизнис според Бизнис бараометарот за Западен Балкан во 2024 година. Ова ни беше мотив да се осврниме на овие прашања токму на ова издание на форумот, посочи Климентина Илијевски, извршната директорка на „Паблик“,во чија организација е и самиот форум.
-Во суштина ако ја разгледаме статистиката ќе заклучиме дека над 100 000 луѓе во моментов бараат работа, а од друга страна имаме над 9200 активни отворени работни места. Од трета страна имаме значителен број на неактивно население -над 260 000, ако ги изземиме пензионерите, студентите, учениците, ние мораме да гледаме во оној скриен пазар на труд, којшто можеме да го активираме со поддршка на социјалното менторство- методологија преку која покрај во Македонија се обучуваат ментори во уште четири земји во регионот и нуди одлични резултати. Според мерењата што се прават по третиот месец од вработувањето стапката на задржување е 7,05 отсто. Тоа треба да го гледаме како потенцијал за искористување на нова работна сила на пазарот“, нагласи директорката на „Паблик“.
Таа додаде дека паралелно започнат е проект со Министерството за социјала и во следните 12 месеци треба да бидат вработени 120 лица кои се корисници на социјална помош. Во однос надругиот дел, одливот на мозоци, објасни дека веќе по Ковид пандемијата започна да се чувствува дека работниците имаат поинакви очекувања и потреби. Ова како тренд започна уште во 2014 г кога на пазарот се вклучи генерацијата Z. Тоа ни покажа дека треба да се посвети поголемо внимание на работната култура доколку сакаме овие лица да ги задржиме на пазарот на трудот. Првпат, според истражувањата, платата не е највисоко рангирана за тоа какво работно место избираме, туку тоа е чувството на припадност на работното место,и балансот меѓу приватниот и деловниот живот. Платата е таа што ги привлекува работниците, меѓутоа работната култура ги задржува на работа
Според Илијевски, ова покажува дека во иднина треба да се посвети многу повеќе внимание на подобрување на условите што ги нуди работното место ако сакаме да ги задржиме младите на пазарот на труд.
Во земјите од Западен Балкан, како што посочува, платата се уште е приоритет, но важен фактор станува и балансот меѓу работното место и приватниот живот односно колку работата се ефектуира врз приватниот живот.
И заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески е на сличен став дека иако платата е основен мотиватор при изборот на работното место, сепак не секогаш е пресуден.
– Секако еден од главните услови е и тоа работникот да е задоволен од условите на работното место во поглед на тоа заштита на работничките права, добриот однос на менаџерскиот систем кон вработените, можноста за унапредување…, посочува Ристески.
Според него, причините за одливот на мозоци се комплексни и се резултат на лошото владење во изминатите децении. Она што треба да се направи, вели Ристески, е симбиоза меѓу креаторите на политики, граѓанскиот сектор и бизнисот за да обезбедуваме добра клима за вработување.
Во земјава недостига кадар од занаетчиските струки и во овој дел, според заменик-министерот за економија, треба да се работи на дуалното образование, но недостигаат и висококвалификувани кадри од областа на техничките науки.
Системските промени не се случуваат преку стратешки планови, туку преку луѓе
Форумот вклучи експертски предавања, панел дискусии и интерактивни сесии. Меѓу клучните говорници беше консултантот Чарли Фелгејт од Франција, поранешен лидер за визија во „Декатлон“, а сега независен консултант во компанијата „Ферм Лекок“.
Фелгејт ја презентираше улогата на регенеративно лидерство во трансформацијата на бизнисите кон регенеративна економија - пристап инспириран од природата, каде лидерите не се само менаџери, туку и творители на безбедни простори за личен и организациски раст.
- Системските промени не се случуваат преку стратешки планови, туку преку луѓе кои длабински ги разбираат своите вредности и можат да ги воведат во секојдневната практика, објасни Фелгејт.
Говорничка на Форумот беше и Ема Стенстром од Шведска, професорката од Стокхолмската школа за економија и креаторката на методот „Bubble Hopping“. Таа говореше за тоа како уметноста и бизнисот можат да се спојат за да се создадат иновативни решенија за работната средина.
- Креативноста не е луксуз – таа е основна вештина за секој лидер кој сака да изгради култура на припадност, истакна Стенстром.
Како претседател на Design for All International, Франсеск Арагал од Шпанија, кој учествувал и во дизајнирањето на Олимписките и параолимписките игри, го претстави „HUMBLES“ методот – практичен водич за компаниите кои сакаат да ги дизајнираат своите процеси, производи и услуги за разновидни корисници, кој во суштина го негува пристапот „дизајн за сите“, и “се однесува на секој бизнис што сака да биде поефикасен и попријатен за своите вработени и клиенти,“ нагласи Арагал.
Покрај меѓународните експерти, на Форумот зборуваа и локални и регионални лидери кои ја истакнаа важноста на практичните решенија за Балканот.
Преку панели и интерактивни сесии во „Холидеј Ин“, но, и преку онлајн вклучувања, учесниците дискутираа важни теми како: задржување на таленти, последици од невреднување на вработените, влијанието на токсична работна култура, флексибилност на работните места, новите очекувања на генерацијата Z и влијанието на вештачката интелигенција врз иднината на работата."
Настанот вклучи и разговори за Културата на работното место како фактор за задржување на талентите, со панелисти како Бојан Симиќ (основач на Clean Air Solution Србија) и Фросина Тасевска (од „Пандора“, Данска), за Трендовите во работната сила и иднината на работата, со Ела Маес (Белгија) и Александра Илоска (Македонија), за Социјалното менторство како алатка за интеграција на маргинализираните групи, со примери од пет балкански земји.
Форумот заврши со заклучоци, повик за акција за креирање на работни средини кои ги вреднуваат луѓето и нивните придонеси, и со - порака: Компаниите кои ги ставаат луѓето на прво место не се само „добри“ – тие се и поуспешни!