Четворицата коњаници на апокалипсата повторно јаваат, банкарска алчност, дерегулација, ревизори со сомнителен морал и обврзници засновани на хипотека. Прва потона американската SVB банка, а потоа Креди Свис, а заразата и понатаму се шири. Повторно го гледаме истиот филм како во 2008 година, па знаеме кој ќе го плати цехот, даночните обврзници, само не ја знаеме конечната сума.

Кој можеше да претпостави дека токму на банкарите ќе им тргне од рака да го создадат она за што генерации научници сонувале - временска машина. Машината совршено работи, од март 2023 скокнавме во септември 2008 година, гледајќи повторно како во „пазарната економија“ преку ноќ една „невидлива рака на пазарот“ се претвора во видлива рака на државата која пропаднатите банки ги враќа од мртвите, додека друга рака на заслужените за пропаста им исплатува бонуси и дивиденди.

Овој пат сè започна со американската регионална банка, Silicon Valley Bank (SVB), која со актива од 212 милијарди долари на крајот на 2022 година беше релативно мала во споредба со светските гиганти. Она по што SVB била посебна не беше активата, туку клиентите. Банката беше специјализирана за работење со стартап компании од Силиконската долина, чиј бизнис модел се засноваше на стратегијата „губиме пари на секоја трансакција, но тоа ќе го надоместиме преку зголемен број трансакции“. Стопанисувањето со стартапи се засноваше на постојано вбризгување на свежи пари кај инвеститорите со надеж дека можеби еден ден компанијата ќе оствари некаков профит, се додека на инвеститорите не им здосади, а гордиот основач не започне со нова брилијантна идеја.

Ваквиот тип на клиенти, традиционалните банкари едноставно избегнуваа и да ги погледнат, бидејќи се голем ризик, а заработката е неизвесна, со оглед на тоа што тие во принцип и немаат никаков промет, туку инвеститорите периодично фрлаат по неколку милиони долари на сметката на компанијата, што таа ги троши за плати и деловни трошоци.

 Клиенти малку, но богати

Бидејќи инвеститорите не носат милиони долари во своите багажници, перспективниот стартап мора да има сметка некаде, и таму SVB ја најде својата шанса. Инвеститорите на почетокот на новите компании им „сугерираа“ да отворат сметка во СВБ, каде што самите ги чуваа своите милиони, така што на крајот , поседувањето на сметка во СВБ, претставувал своевиден симбол на престиж.

За банката тоа значело релативно мал број клиенти, околу триесет илјади, концентрирани на мала географска област и во истиот сектор, но со големи депозити. SVB  банка и менаџментот имаа имиџ „ чудо од дете“, кое го базираа на тврдењата дека никој освен нив не го разбира „храбриот нов свет“ на технолошките старт-ап компании, кои нè водат директно во утопија, и покрај отпорот на полуписмените, неизмиени и збунети маси.

По финансискиот колапс во 2008 година, којшто првенствено беше предизвикан од смртоносната комбинација на дерегулација и алчност, САД ги заостри правилата за работењето на банките со актива од над 50 милијарди долари. Многу брзо, стравот од колапс помина и банкарите повторно ги фати алчната треска, па веќе во 2015 година почнаа напорно да лобираат да се подигне прагот на активата од 50 на 250 милијарди долари, за банката да се смета за системски важна и  да подлежи на поригорозна контрола.

Меѓу најгласните поборници за дерегулација беше Грег Бекер, директор на SVB банка, кој во своето сведочење пред американскиот Конгрес во 2015 година нагласи дека неговата банка има „длабоко разбирање за пазарот на кој работи, силна практика во управувањето со ризици“, и дека примената на „поригорозни регулативи, задолжителни стрес тестови и строги барања за капитал“ значат дека парите „наместо за финансирање на компании кои создаваат работни места во иновативната економија“, ќе се трошат за усогласување со строгите стандарди.

Бидејќи новите работни места и економскиот напредок се свети за банкарите, лобирањето се исплатеше, така што во 2018 година прагот за класификација како „системски важна банка“ беше зголемен на 250 милијарди долари во имот. 

Краткорочни депозити, долгорочни вложувања

Со тек на годините приливот на евтини пари и ниски каматни стапки, активата на СВБ банка, пред се во вид на депозити по видување, забрзано растеше, па се поставуваше прашањето што да се прави со тие пари.

Спасоносното решение се најде во вид на вложување во долгорочни обврзници, главно десетгодишни, кои носеа каква-таква заработка и од кои многу имаа како покритие хипотеки, што неодоливо потсетува на 2008 година.

Клучниот елемент беше дека овие обврзници требаше да се чуваат до доспевање, што и овозможи на банката потоа да ги чува во книговодството по номинална, а не по пазарна вредност.

Кога американската ФЕД конечно почна да ги зголемува каматните стапки за да ја спречи „минливата“ инфлација, како и обично, цените на пазарот на обврзници почнаа да паѓаат.

Така, судбината на СВБ банка беше запечатена. Одеднаш, пазарната цена на купените обврзници падна толку многу што вредеа помалку отколку што банката плати за нив, па реално банката загуби дел од инвестицијата, иако на хартија сè уште беше во ред.

 Ревизори - слепци во темнината

Теоретски, банките не би требало да пропаднат, бидејќи постои регулатива која предвидува надзор, разработени методологии за управување со ризици и надзор во форма на редовни годишни извештаи на независните ревизорски куќи. Во случајот со SVB банка, сите овие механизми практично пропаднаа.

Законската регулатива беше разводнета во 2018 година, а првиот сигнал дека нешто не е во ред требаше да биде фактот дека банката во поголемиот дел од 2022 година беше без директор за управување со ризик, откако дотогашниот директор ненадејно поднесе оставка во април 2022 година, но никој не се брзаше да ја замени.

Исто така, на крајот на 2020 година, на менаџментот на банката му беше предложено да продаде дел од долгорочните обврзници и да ги замени со краткорочни обврзници, со што значително би се намалил ризикот во случај на натамошно зголемување на каматните стапки, што веќе се очекуваше. Директорот и Управниот одбор ја отфрлиле оваа идеја, едноставно затоа што тоа ќе резултираше со 18 милиони долари помалку приходи и ќе влијаеше и на нивниот профит и на нивните бонуси.

Годишниот извештај на независниот ревизор бил последниот  осигурач кој што требаше да ги предупреди регулаторите, како и акционерите и клиентите дека нешто не е во ред. На само 14 дена пред колапсот на СВБ банка, КПМГ го објави независниот ревизорски извештај за работењето на банката во 2022 година, на 24 февруари и како што доликува, заклучокот е дека се е во најдобар ред со банката. На ревизорите некако им побегна „мал проблем“ поврзан со (не)способноста на банката да држи долгорочни обврзници до доспевање, купени со краткорочни депозити од клиенти. Чудно е, затоа што на секој кој барем набрзина ќе го погледне билансот на банката и површно ги следел вестите, му било јасно дека банката е во големи проблеми.

Свој придонес имаат и медиумите. На пример Форбс, само три недели пред колапшсот ја вклучи SVB меѓу 20-те најдобри банки во САД.

 Масовно повлекување

Што точно беше причина за масовното повлекување на депозитите од SVB банка- економската анализа во неугледен билтен, гласините што се ширеа низ затворени групи на социјалните мрежи или дискретна „препорака“ од водечките ризични капиталисти до нивните компани, веднаш да ги повлечат своите пари од СВБ банка - никој не знае со сигурност. Во основа, на осми март банката се соочи со повлекување на стотина милијарди долари депозити и тоа беше крајот.

Вентуре капиталистите, кои се најголеми заговорници на неограничениот слободен пазар, сега хистерично бараа интервенција на државата и спасување на нивните депозити. Иако со закон во САД се осигурани депозитите до 250.000 долари, овојпат беше направен исклучок и државата даде гаранции за сите депозити. Така, беше елиминирана опасноста сиромашните милијардери да загубат десетици и стотици милиони депозити во СВБ.

Автоматски пропадна и банката ќерка на SVB во Лондон, па контролата ја презеде државата. За среќа, неколку дена пред колапсот, лондонската SVB подели 36 милиони долари во вид на бонуси. Директорот на американската СВБ, Грег Бекер, две недели пред колапсот, ги продаде своите акции од банката и инкасира 3,6 милиони долари, што е чиста случајност. Најважно е што се спасија банкарските бонуси и депозити на милијардерите, а коцкарските загуби на банкарските менаџери ги покриваат сиромашните.

Дражен Симиќ (Biznis & finansije 208, април 2023 година).