Приказната за Ролингстонси можеме да ја сместиме во било кој жанр – од музика до економија. Чист профит. Овој пат ќе ги третираме во рубриката „Бренд клуб“.

Имено, пред точно педесет години, британскиот дизајнер Џон Паш го осмисли познатиот јазик на Ролингстонси, заштитен знак на нивната тогаш нова дискографската етикета на „Ролингтонс Рекордс“, под закрилата на која беше објавен албумот на „Sticky Fingers“, на 23 април 1971 година.

Албумот денес важи за Ролингстонс референца, еден од нивните столбови во дискографијата.

Но, како настана логото за овој албум?


Некаде во време кога новата дискографска фирма требаше да почне да печали, оти Мик, Кит и Компанија решија повеќе никој да не профитира врз нивните дела, се роди идејата за логото – јазикот кој му се плази на целиот свет. И тако веќе половина век...

Претседател на нивната „Ролингтонс Рекордс“, Маршал Чес, сметаше дека најголемиот бенд во светот треба да има свој препознатлив логотип. Претходно и самиот беше фасциниран од логото на бензинските пумпи „Шел“ („Chell“). Една малечка школка, без било какво дополнително објаснување...

Џегер веднаш се фати за приказната. Прати барање до Кралска уметничка академија, да му препорачаат талентиран дизајнер.

Наскоро и самиот отиде да го слушне неговиот завршен испит. На општо изненадување од присутните. И на самиот Џон Паш!

Првичната замисла на Џегер беше Паш да тргне од индиската божица Кали. Дизајнерот веднаш ги забалежа нејзините нагласени усни. По една недела дојде до генијално решение – „Јазикот“.

Тој во истовреме ја симболизира бунтовничката природа на бендот, со големата уста на Џегер, асоцијација на бунт и изразена сексуалност.

За своето дело Џон Паш беше исплатен 50 долари, плус уште 200, кои ги доби нешто подоцна, во текот на 1972-ра...


За жал, тогаш славата не му припадна нему, туку на уметникот Енди Ворхол, кој го дизајнираше омотот за албумот „Sticky Fingers“ (со набрекнато машко меѓуножје, и патент пред пукање), каде се има појавено за прв пат. Сите помислија дека сè, топтан, е дело на Ворхол...

Правдата е бавна, но достижна. Тантиемите од права за користење овој неверојатен бренд, од целиот свет, почнаа да стигаат на контото на Паш, што до некаде му ја намали „душевната болка“.

Останато е легенда. Затоа Стонси се и бенд и бренд. И музика, и бизнис. Сè!

Денес, во време на предвидливиот и бездушен „капитализам“ на Стонси, тие станаа симбол на отворената трка за профит, како и опасна трговската марка.

Велат дека денес Ролингстонси целосно го изгубија контактот со своите корени, но не и со споменатиот јазик.


Сè на сè, уште во 1971 година, тоа беше прецизно дизајниран деловен проект со кој тие влегоа во нова фаза на работа, во која големиот бизнис стана важна компонента на нивните кариери, како и самата музика, и со текот на годините беше поважен отколку музика.

И кариерата и бизнисот траат до денес, па затоа не е тешко да се заклучи дека ова беше одлука што значително влијаеше на развојот на рок индустријата како многу профитабилна деловна гранка.

Всушност, не стануваше збор само за јазикот, туку и за односот на Џегер кон јавноста, тактика која продолжува и денес.