Сите ја поздравуваме зголемената активност на полицијата во ловење на криминалот, на корупцијата, на кражбите и во сообраќајот. Последниов период од можеби две-три години, МВР често објавува извештаи за фатени возачи што ги прекршиле правилата и дека против нив е поднесена соодветна пријава, како на пример за брзо возење, за нивната алкохолна состојба и за други прекршоци.

Но, совесниот возач од такт го вадат подмолните постапки на полицијата, без и малку толеранција за ситно невнимание, особено ако прекршокот е предизвикано од незаконски/неправилно поставените сообраќајни знаци, ознаки и назнаки.

Никој не вели дека треба да се толерира, но има и еден момент кој се вика „професионална култура“ и непишано правило на проценка на ситуацијата што нашите полицајци го немаат. Не прифаќаат никаков разговор ниту објаснување дека ситниот прекршок што сте го сториле е и поради нејаснотијата во знаците поставени од нивните служби. Ја пишуваат казната, без разговор, без дијалог, што ве наведува да се чувстувате како криминалец кого долго време го чекаат во заседа и се среќни што го уловиле. Од друга страна, паметот ви оди на тоа дека имаат наредба од претпоставените дека мораат по секоја цена да пишуваат казни, за да се полни државниот буџет, зашто „касата“ е празна, државата е високозадолжена, долговите мораат да се враќаат, а платите на тие што ги избираме се зголемени за 78%. Вечерта, го гледате на вести извештајот за тоа колку несовесни возачи биле уловени и казнети и си велите дека еден од тој вкупен број сте вие, што е горчливо чувство.

Ваквото однесување ме потсетува на однесувањето на бугарските полицајци кога порано одевме во Бугарија. Тогаш, тие се криеја по грмушките покрај патот и одеднаш ќе скокнеа од нив, ќе ве застанеа и ќе ве малтретираа, барајќи се’ и сешто од вас и со тоа ви влеваа страв дека можете да настрадате ни крив ни должен.

Тогаш ја гледате суровоста на полицијата, која, наместо да ве праша дали порано сте го возеле овој пат, ако сте го возеле сигурно сте го забележале овој знак, иако е неправилно поставен, ако сте прв пат, внимавајте….Така беше порано. Полицијата сака да ја сакаат, ама вака не може, ќе ти се одмили и полиција и држава, во вакви моменти се чувствувате дека сте под репересија. 

Една такав случка ми се случи неодамна на патот кон Берово, пред Смојмирово, пред крстосницата за  Делчево – Берово.

Пред да се доближите до оваа крстосница, брзината е ограничена на 70км/ч. Возачите што го возат прв пат овој пат, наидуваат на овој знак, со ограничување на брзината на 50 м/ч, на кој се накитени всушност 3 знака: патоказот, знакот за пешаците, а знакот за ограничување на брзината е ставен најниско на недозволена висина.

Вие загледани во патоказот, не го гледате знакот за брзината, но ја намалувате за да го видите патоказот, па така не можете да возите побрзо од 60км/ч.

Од левата страна до патот, скриени во полициска кола  седат двајца полицајци, едниот скока пред кола како од заседа и ви вели дека сте возеле малку над дозволената брзина и за тоа треба да платите казна од 23 евра, а ако не ја платите веднаш, подцна ќе треба да платите двојно повеќе – 46 евра. Се разбира, не ви се даваат парите и го убедувате дека прв пат го возите овој пат, дека не сте од тие што намерно ги кршат правилата, а тој мртов ладен без збор веќе ви ја пишува казната. Му велам дека овој знак не е видлив на прв поглед и дека не е поствен на пропишаната висина, тој молчи и со колегата пишуваат фермани.  

Правилникот за сообраќајни знаци

Според Правилникот за сообраќајни знаци и опрема на патиштата, член 49, „сообраќајните знаци на вонградските патишта се поставуваат на висина од 1,2 до 1,4 м.“ за да бидат јасно видливи.

Дали овој знак е поставен на пропишаната висина?

Освен тоа, пред знакот има столбче што ја означува ивицата на патот што навлегува во видното поле на знакот, а над него е наденат уште еден знак за предупредување дека на тоа место може да има пешаци.

Така, батињата си седат и си собираат пари за државата, користејќи ја замката направена со неправилно поставениот  знак.

Од друга страна, виситските мангупи, полицијата не може  да ги фати. На скопската обиколница се вози со повеќе од 200 на час, особено моторџиите-камикази се недопирливи, тоа сум го видел со свои очи. 

Никогаш немало правда и еданков аршин!

Се разбира дека граѓаните сакаат средена држава, но сакаат државата и нејзините органи да му се обратат со должна почит, барем во висина на тоа колку што тие и’ даваат нејзе од своите прескромни примања. Но, сакаат строги и брзи казни за вистинските криминалци, така тие можат да се соживеат со државата како заштиник, а не обратно – казни за бабичката што продава цвеќе, а амнестија за најголемите криминалци.