Македонија би можела да го достигне животниот стандард на Европската унија дури за половина век, предупредува ново истражување на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ. Според извештајот, земјата бележи најслаби резултати во образованието и заштитата на животната средина, а просекот на плати би се изедначил со европскиот дури за околу 40 години.
Истражувањето покажа дека платите заостануваат зад продуктивноста — македонскиот работник создава речиси 53 проценти од производството на просечниот европски работник, но прима само една третина од неговата плата.
На 20 октомври, ЗМАИ ги презентираше наодите како дел од регионален проект кој ја следи економската конвергенција на државите од Западен Балкан кон ЕУ. Според нив, Македонија би можела да го достигне просечниот европски стандард на живот за околу 56 години, период кој би можел да се преполови доколку се спроведат сериозни реформи.
Поголема продуктивност без соодветен приход
Извршниот директор на ЗМАИ, Виктор Митевски, оцени дека напредокот е можен и преку членство во ЕУ и пристап до европските фондови, но дека тоа мора да биде проследено со домашни промени.
„Само зголемување на платите без додадена вредност на крајниот производ кој го произведуваме како општество, може да има само контраефект. Иако, параметрите покажуваат дека простор за зголемување на платите и во сегашните услови, постои“, рече Митевски.
Тој наведе дека клучните реформи треба да вклучат подобро насочени социјални трансфери, инвестирање во дигитализација и инфраструктурно поврзување со соседите, како и јакнење на домашната инфраструктура.
Во моментов, просечната бруто плата изнесува околу 1000 евра, што е само една третина од просекот во Унијата. Со овој износ, земјата се наоѓа под Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, а подобро стојат дури и некои соседни економии. Единствено Албанија и Косово имаат пониски плати.
Економистот Бранимир Јовановиќ нагласува дека продуктивноста на македонскиот работник е подобра од платата што ја добива.
„Таму има и подобри технологии, но нашите работници не се мрзеливи. Ние ги плаќаме работниците со една третина од она што се плаќа во ЕУ, а нашиот работник произведува 50 отсто од она што се произведува во ЕУ. Нашата продуктивност е повисока по плата, односно платите кај нас се пониски од продуктивноста“, вели Јовановиќ.

Економски раст што забавува
Доходот по глава на жител во Македонија е околу 42 проценти од европскиот просек. Поранешната гувернерка на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска, објаснува дека тоа ниво е слично на другите држави во регионот, но двојно пониско во споредба со транзициските економии кои веќе се членки на ЕУ.
„Ако во декадата пред глобалната економска криза ние растевме во просек со 3,6 проценти, од тогаш па наваму во последните 15 години ние растеме со само 2,6 проценти. Оттаму и нашата конвергенција е релативно слаба“, изјави Ангеловска Бежоска.
Таа оцени дека слабата динамика на растот и намалениот потенцијал се резултат на бавниот напредок во продуктивноста, но и на системските слабости во економската структура.
Според анализата, активното население опаднало од 70 на 65 проценти во последната декада и се очекува до 2050 година да се намали на околу 60 проценти.
„Тоа е поразително и алармантно“, предупреди Ангеловска Бежоска, додавајќи дека иселувањето дополнително го влошува квалитетот и квантитетот на работната сила.
Иако инвестициите повторно растат, нивниот интензитет не е доволен за брз напредок. Ангеловска Бежоска напомена дека по ковид-кризата растот дополнително стагнира, и дека без структурни промени, опоравувањето ќе трае предолго.
„Ако не се преземат позначителни чекори за решавање на структурните пречки кои го влечат растот надолу, ќе ни требаат многу години, но тоа е предолг период да се остават состојбите како што се“, оцени таа.
Институции, образование и животна средина
ЗМАИ посочува дека Македонија, освен економски, заостанува и во квалитетот на живот и институциите. Според Светскиот економски форум, државата е рангирана на 84 позиција од 140 земји во однос на ефикасноста на институциите.
Од шест анализирани индикатори, во четири земјата се оддалечува од европските стандарди. Недоволното вложување во образование, слабите резултати на ПИСА тестирањето и ниското присуство на иновации ја прават реформата во овој сектор неопходна.
Иако уписите на факултетите бележат напредок, Македонија и понатаму останува далеку од просекот на ЕУ. Од ЗМАИ предупредуваат дека без значително зголемување на вложувањата во образованието и животната средина, државата ризикува никогаш да не го достигне европското ниво.