Поголемо домашно производство на електрична енергија и можност компаниите сами да ја произведуваат, зголемено производство на домашна храна, зголемена извозната компонента. Со подобрување на економијата, непотребните трошења, зголемување на капиталните инвестиции може целосно да се промени економската клима во земјата. 

Ова е ставот на претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски, кој вели дека во време на криза компаниите мора да бидат амбициозни за непријатните состојби да се свртат во нивна полза. Според него, бизнисот мора да е поставен позитивино и покрај тоа што во државата од осамостојувањето до денеска, компаниите се соочувале со различни неприлики.  

„Инфлацијата е екстремно изразена од времето на короната и заклучно со војната во Украина. Дојде момент каде сите работи кои со години сме се обидувале да ги прикриеме, а тоа недоволно производство на електрична енергија, на храна и други производи, негативен биланс во увоз и извоз, дојде моментот на вистината каде сите овие бројки беа немилосрдни и предизвикаа инфлација. Инфлацијата почна веднаш по короната и зголемувањето на цените на одредени производи од Азија, Европа е очигледно премногу зависна од одредени суровини кои се увезуваат од таму. Ако нормална цена на бродски транспорт чинело до 1 000 долари, наеднаш таа цена дојде и до 10 000 долари. Тоа беше значителна компонента која почна да врши притсиок“, објаснува Ангелоски.  

Дополнително, како што вели, со почетокот на војната во Украина, цената на гасот отиде во невидени размери, како и цената на храната. Неговата отворена дилема е дали во ваква состојба, на кризата да гледа како трагедија или како потенцијална шанса. 

За потпреседателка на Сојузот на стопански комори, која неодамна ја доби титулата за жена претприемач од Асоцијацијата на женско претприемништво, Тања Дејаноска, инфлацијата е дел увезена, но, во голем дел е и домашно произведена од минатите години. Како причини за тоа наведува повеќе фактори: иселувањето на пладите, ударот од короната, зголемувањето на минималната плата во неповолни услови и енергетската криза.  

„Во 2020-та година, од криза не извадија услужните дејности. Ние сега ги занемаруваме овие мали и средни претпријатија кои се занимаваат со овие дејности. Да видиме која ќе биде помошта на државата во развој на приватниот сектори во следниот период. Кога зборуваме за државна помош, говориме за инвестирање и развој. Не мислеме на грантови за покривање на плати. Многу тежок период ни доаѓа во следните месеци“, смета Дејаноска. 

 Нејзините проценки се дека следните 4 месеци ќе бидат сериозен удар за стопанството за малите и средни претпријатија. 

„Се стегнува обрачот околу нас и се надеваме до пролет да преживееме. По која цена, не знаеме“, вели таа.  

Статистиките на Сојузот на Стопански комори покажуваат дека во периодот од 2020-2021 година се затворија 14 000 компании. Нивните проекции пролетва беа дека наредната година ќе се затворат нови 10 000 компании. Тоа значи дека компаниите во голем дел ќе ја преживеат кризата, но, не сите.