Пошта - таа бетонска убавица Пошта - таа бетонска убавица...

Минатата недела помпезно беше објавено дека зградата на Централната пошта во Скопје се најде на листата 7 најзагрозени споменици во Европа за 2021.

Листата ја составува европската организација Европа Ностра и Европската инвестициска банка (ЕИБ), а секој од загрозените спомениците на листата ќе добие по 10.000 евра грант за активност која ќе придонесе кон зачувување.

Иако помошта од 10.000 евра за ревитализација на објектот е повеќе од симболична, истата е поттик да се обезбедат потребни средства за ревитализација на овој битен паметник на времето.

Покрај нашата Пошта на листата се уште 6 споменици и локалитети на културно наследство во Австрија, Хрватска, Грција, Италија, Косово и Шпанија.

Телекомуникациски центар е граден во две фази...

И Поштата, како и другите шест загорезени споменци ќе добијат експертска помош од Европа Ностра и ЕИБ како и совети за мобилизација и на меѓународна помош и за идни активности.

Јавноста знае - објектот претрпе голем пожар во 2013-та. Тогаш оригиналната површина на куполата и фреските од Борко Лазески, како и опремата и осветлувањето, беа целосно уништени. Од тогаш објектот е ставен вон функција.

Комплексот познат како Телекомуникациски центар претставува врвно архитектонско дело на познатиот македонски и југословенски архитект Јанко Константинов. Шалтер салата, за која се вели дека е врв на творештвото на Константинов, е изградена во втората фаза на градење на објектот.

Зградата на Пошта одамна го загуби својот сјај...

Самата форма на овој центар беше наменета да го симболизира подигнувањето и реконструкцијата на градот Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963-та.

За одговорните кои се грижат за ревитализација на објектот нема дилеми дека тој заслужува повторно да блесне во својот сјај, за некои идни генерации. Но, и за целиот свет.

Ова врвно дело ги има сите особености на Брутализам. Тоа е стил во архитектурата кој се појавува во средината на дваесеттиот век (од 1950 до средината на 1970) како дел од Модернизмот.

Брутализам во светот...

Терминот "брутализам" потекнува од францускиот збор кој го опишува материјалот кој е карактесритичен за овој стил béton brut или натур бетон.

Британскиот критичар за архитектура Рајнер Банхам го адаптира овој термин нарекувајќи го самиот стил брутализам (или во оригинал Нов Брутализам)

Во чекор со светскиот тренд, во периодот од 60-тите па сè до 80-тите години од минатиот век, во Македонија се појавуваат објекти со препознатливите карактеристики на Брутализмот. Особено во постземјотресно Скопје.

Терминот "брутализам" бил првично употребен од шведскиот архитект Ханс Асплунд при опишување на објектот Вила Гот сместена во Упсала, проектирана од негови колеги Б.Едман и Л.Холм во 1949.

Во оригинал е употребен терминот nybrutalism кој на шведски јазик значи Нов Брутализам.

Терминот натака е присвоен од британските архитекти Алисон и Петар Симтсон, а станува глобално прифатен после објавување на книгата на британскиот критичар/историчар Рајнер Банхам со наслов Новиот Брутализам: Етика или Естетика? (анг. The New Brutalism: Ethic or Aesthetic?) во која е анализиран новопојавениот архитектонски пристап при проектирање, конкертно во Европа.

Најдобри примери за раниот брутализам можат да се видат во работата на швајцарскиот архитект Ле Корбизје, конкретно "Unité d'Habitation" - објект за колективно домување изграден во 1952 г. во Марсеј, Франција како и комплексот законодавни објекти изграден 1953 година во Чандигард, Индија.

Објектите препознатливи по овој стил, најчесто се организирани со повторувачки модуларни елементи кои формираат различни функционални зони, јасно артикулирани и групирани заедно во една целина.

И Комплекс банки се дел од ерата на Брутализмот

Бетонот, конкретно натур бетонот е најмногу употребуван како материјал, поради неговата грубост и искреност како контраст на дотогашните елитни неокласицистички стилови кои преовледувале. Лианите бетонски елемнти користени при нивна изградба, се произведени така да е целосно видлива структурата на материјалот како и трагите од оплатата.

Бетонот кој сам по себе е претежно конструктивен материјал без некоја естетска вредност, наеднаш станува главен декоративен елемент. Покрај него како материјали се користат и тулата, стаклото, челикот, грубо обработениот камен и слично...

Од птичја перспектива...

Иако не сите објекти кои имаат вака видлива бетонска надворешна обработка можат да бидат сместени во овој стил, истите можат да припаѓаат на останатите модерни стилови како Конструктивизам, Интернационален стил, Постмодернизам и Деконструктивизам.

Покрај нагласувањето на материјалот и конструкцијата, за овој стил е исто така карактеристично и видливата изложеност на техничките инсталации.

Студентски дом од 1971-ва, како дел од истиот архитектонски стил

Во чекор со светскиот тренд, во периодот од 60-тите па сè до 80-тите години од минатиот век, и во Македонија се појавуваат објекти со препознатливите карактеристики на Брутализмот. Особено во постземјотресно Скопје.

Еве неколку примери од такви објекти во Македонија, како и нивните автори:

Историски Архив, Скопје, 1968, Георги Константиновски

Педагошка Гимназија Никола Карев, Скопје, 1969, Јанко Константинов

Студенски дом Гоце Делчев, Скопје, 1971, Георги Константиновски

Средно медицинско училиште, Скопје, 1973, Јанко Константинов

Вака некогаш сјаеше внатрешноста на Пошта...

Телекомуникациониот центар на ПТТ, Скопје, 1974, Јанко Константинов


Универзитетски кампус Св. Кирил и Методиј, Скопје, 1974, Марко Мушич


Комплекс Банки, Скопје, 1974, Олга Папеш

Шалтер салата на ПТТ, Скопје, 1979, Јанко Константинов

Македонска Пошта, Прилеп, 1975 Љубинка Маленкова

Историски Архив, Штип, 1976, Георги Константиновски

Историски Архив, Охрид, 1979, Георги Константиновски

Архитектура за восхит. И за идните поколенија

Телекомуникациски центар, или Пошта, како што ја знаеме денес, е можеби најзначајното дело на еден од најдобрите македонски архитекти, Јанко Константинов (1926–2010), еден од луѓето што ги внесе дострелите на тогашната актуелна архитектонска мисла на македонскиот простор.

Телекомуникацискиот центар е граден во две фази. Во првата е изградена високата зграда, една од доминантните на кејот на Вардар (1972-1974 година), а во втората, таканаречената Шалтер сала, денешната опожарена зграда на Македонски пошти (1979-1980 година).

Овие два објекта, градени во бетон, метал и стакло, претставуваат неделива целина и всушност се своевидна архитектонска скулптура.

За ова дело Константинов во 1975 година ја доби престижната награда за архитектура на весникот „Борба“.

Дека не згрешиле во проценка од весникот „Борба“ го докажува признанието од европската организација Европа Ностра и Европската инвестициска банка (ЕИБ), кои ја вметнале оваа бетонска убавица на листа од седум споменици кои се во фаза на клиничка смрт, и на кои им треба најитна медицинска нега.

За да, за идните поколенија, наjбрзо што можат, го вратат својот вистински сјај.

Што поскоро да се заборават грдите слики од опожарената убавица