Талентираниот гитарист Џони станува член на „Ѕвезди“, рок бенд во подем. Брзо стекнува нови пријатели и орда обожавателки. Популарноста има свои добри и лоши страни. Ќе успеат ли ѕвездите да се справат со бројните притисоци, непостојаните менаџери и силната конкуренција? Многу интересни, интригантни и помалку познати детали од животот на популарните музичари открива во неговиот роман легендарниот бас-гитарист на „Рибље чорба“ - Миша Алексиќ.

Неговиот прв роман „Преко трња“ („Преку трње“, Лагуна 2021), ќе биде објавен месецов, една година откако замина во вечноста, по тешката битка со вирусот корона.
Миша Алексиќ почина лани, на 29-ти ноември, и беше меѓу првите музичари во регионот кои ја загубија битката со опакиот вирус.
Неговиот прв роман излегува благодарение ангажманот на неговата ќерка Мина Алексиќ, дипломиран драматург и писател. Пред неколку години таа го објави романот „Дневникот на една клучилница (Авантури на градска девојка)“, на што татко и Миша беше исклучително горд.
Романот „Преко трња“ не е единственото литерарно дело на Миша Алексиќ. Тој во 2011-та година ја објави својата „Автобиографија“, која силно одекна во музичката јавност, особено кај фановите на „Рибља чорба“, бидејќи во таа книга е опишан развојот на најголемиот српски рок-состав на сите времиња, сите нивни подеми и падови.
Затоа, со нетрпение се очекува и објавувањето на новото дело на Миша, макар и постхумно, бидејќи неговиот значај за „Чорба“, а и за севкупната регионална рок-сцена е немерлив.
„Книгата и ја посветувам на Јасмина, мојата сопруга и сродна душа, Мина, најдобрата ќерка која човек може да има, на моите родители – мама Ната и тато Јован, кои ми го подарија животот. Фала им од срце“ – стои на почетокот на романот, како посвета од авторот за најсаканите.
Веста за постхумниот роман на Миша Алексиќ ги израдува неговите пријатели со кои го делеше музичкиот леб – Бора Чорба, Бајага, кој на Миша му беше кум, како и Никола Чутурило – Чутура, кој благодарение на Миша помина неколку години свиреше во „Рибља чорба“. 
- Брат ми Миша малку ме расплака со оваа книга. Тоа и е, и не е приказна за „Рибља чорба“, но ме потсети на нашата љубов кон рокенролот, на искрениот ентузијазам кој не доведе до успех, подеми и падови, а пред се на едно подобро време. Миша ме врати во младоста, во време на искреност и наивност. Очаен сум што веќе не е меѓу нас, за да заедно пишуваме барем уште едно поглавје – изјави Бора Ѓорѓевиќ.
Со слична мисла е и Бајага:
- Преку приказната за главниот лик, во која го препознавам Миша, се навратив на периодот на младоста, периодот на создавање рокенрол, се сетив каква борба беше тоа и колку храбро чекоревме по трњето, за да на крајот, сепак стигнеме до ѕвездите!
За Никола Чутурило, ова е приказна за соништата на голобрадите деца...
- Воодушевени од магијата на звукот, момчињата сонуваа за својот пат до чудесната, имагинарна светлина. А таа блескаше и ги викаше толку далеку и толку привлечно. Многумина само направија чекор, а малкумина го пронајдоа својот пат и останаа во движење, без да погледнат назад кон сонцето или дождот. Миша го даде целиот свој живот за оваа авантура и затоа има посебно право на ваква приказна, бидејќи ја живеел и сонувал до својот последен ден.
Иван Беќковиќ