Професионалното пчеларење може да обезбеди солидна егзистенција. Меѓутоа, пчеларството во Македонија најчесто е хоби и се смета за дополнителна дејност. Многу е мал бројот на пчелари кои со пчеларство се занимаваат професионално. Сепак, пчеларството е гранка на земјоделството која може да даде солидна основа за трајна егзистенција и професионална орентација. Токму на оваа тема разговараме со Гоце Мирчески, дипломиран земјоделски инженер кој веќе 19 години професионално се занимава со одгледуавње на пчели. Тој од 2002 година е регистриран како индивидуален земјоделец, со примарно производство, пчеларство.
Професионалното пчеларење може да обезбеди солидна егзистенција
Мирчески раскажува дека љубовта кон пчеларењето ја наследил од татко му и дедо му. Односно тој е трета генерација во семејството кој го продолжува семејниот традиционален бизнис со одгледување на пчели и продажба на пчелни производи.
Кога започнал професионално да се бави со семејниот бизнис на рсполагање имал 180 до 220 кошници. Денес во својот семеен бизнис има 500 кошници пчелни семејства и ги одгледува стационарно на три локации, Секирци и Сарандиново во подрачјето меѓу Прилеп и Македонски Брод и во Скопската котлина.
За да се успее да се развие бизнисот со пчеларење до степен на финансиска сигурност за опстанок на семејството, Гоце вели дека треба многу работа, љубов, посветеност и време, дури и повеќе отколку што поминуваш со своите најблиски за да обезбедиш економска исплатливост.
Комбиниран тип на пчеларење
Современиот пчелар кој со пчеларство се бави професионално, како што вели Мирчески, мора да ги познава основните активности за управување со пчеларникот. Од избор на локацијата, паша, грижата за пчелите, почитувањето на стандардите за нивното здравје, па се до квалитетот на производите.
„Тоа е организиран систем, а за да се заокружи и да се дојде до финалниот производ, покрај целодневен ангажман, потребно е постојано истражување, следење и надградба. Практично јас применувам комбиниран тип на пчеларење – дел од пчелните семејства ги одгледувам во стационарни пчеларници, дел ги преселувам. Всушност, користам селидбено пчеларство во летните месеци, од 15 јуни до средината на јули. Главно заради побогати паши за поголемо количество на мед. Тоа е еден начин на диверзификација, при што го делам ризикот на три. Сето тоа е можност донекаде да се следи природата, барем според досегашното искуство. Порано и со стационирано производство се вадел голем просек во приносот. Но сега тоа не е можно, затоа што во последно време климата е многу сменета“, објаснува Мирчески.
Тој додава дека временските услови за пчелите се најважни.- Минатата година се оценува како најнеповолна во последните 40 години. Затоа што во периодот на главната паша во мај и јуни беше студено. Тоа се одрази и на производството на мед. Останавме само со 30 отсто производство на мед во споредба со добрите години. Така што некои пчеларници воопшто не дадоа мед. “
Инкаку во просек од една кошница се вади 15 до 20 килограми мед, или околу шест до седум тони годишно.
Акцент на матичен млеч
-Од 2002 стигнавме до бројка од 500 кошници и до денес ја одржуваме. Одгледувањето на пчелите бара многу време. Самиот процес бара вклучување на повеќе луѓе – селење на пчелите, производство на матици, на млеч... и другите активности, така што 12 до 14 часа си со пчелите. А за да го постигнам тоа ми помага и татко ми, сопругата, сестрите... Од 15 април веќе интензивно се започнува со работата на пчеларникот и шпицот трае некаде до август. А, од 15 август пак се започува со нови активности. Подготовка за зазимување на пчелите, раскажува Мирчески.

„ Е сега да не бидам погрешно сфатен само со производство на мед од 500- ни пчелни семејства тешко може да се живее. Ние имаме еден цел заокружен процес на производство со нашите пчели. Не произведуваме само мед, туку произведуваме матици, нуклеуси, матичен млеч, полен и прополис. Меѓутоа, акцентот е ставен пред се на матичен млеч. А токму тоа е процес кој бара ангажман од неколку часа во денот. Тој период најпогоден за приоизводство на млечот трае од 1. мај до средината на јули. Но, проблем е што паралелно се спроведува и производството на другите производи, кои исто така се концентрирани во тој период од околу 70 -85 дена.
Според Мически, трошоците за одгледување на 500 кошници, во лоша година се поголеми, додека во добрите сезони се помали. „Реално лани поминав добро со матичен млеч. Овој процес се базира на природно јаки пчелни друштва и ако ги немаш се решава со спојување на две средни. Но потребни се многу млади пчели, бидејќи млечот го лачат само пчели кои се на возраст од шест до 12 дена. Значи производство на матичен млеч не зависи од надворешните услови. Тука можам да влијаам, важно е само да не врне за разлика од медо- производството кое директно зависи од временски услови. Произведувам околу пет килограми матичен млеч во сезона за 80 дена од два пчеларника.
За пчелата битна е заеднициара, а не единката
Знаењето на пчеларот е во организација на работата, во пресметка, оценка на друштвата дали да се носат на паша, во каков сооднос се младите и возрасните пчели, кои се летачи спремни за пчеларење.
Според нашиот соговорник, придобивките од знаењето во однос на количество на производство, немаат големо влијание.
Животниот век на пчелите е околу 45 до 50 дена. Разликуваме летна и зимска пчела која може да презими четири до пет месеци. За пчелата битна е заеднициара, а не единката. Ако луѓето функционираат како пчелите би било супер, ќе има непречен развој. Тоа е интересна заедница, во која водич е најспосонбниот, најдобриот – матицата. Таа се храни само со матичен млеч и затоа е и најсилна и најиздржлива. Може да живее до седум години но економско значење е до три години.
Но, покрај физичката работа околу пчелите, Мирчески објаснува дека многу време одзема и запишувањето, водењето на евиденција за пчелните семејства. Станува збор за евидентни листови на кои се заведуваат особините на матицата и на друштвото. „Јас матицата ја оценувам по функцијата на пчелите. Хигес, отпорност на болести, медопродуктивниот, роев нагон (што помал). Околу 35 друштва се влезени во селекција.“
Пчелата може да ја уништи само човекот
Професионалното пчеларење е во рамки на комерцијалното, што за жал истиснува некои особини кај пчелите. Затоа ни се случува пчелите да преживеат многу ниски температури и вулкани, метеори. И ако некој ја очисти пчелата од планетата, тоа ќе биде човекот.
Професионалното пчеларење може да обезбеди солидна егзистенција
Кај нас одгледувањето на пчелите е се уште на екстензивен начин. Во земјите со интензивно производство како на пример, во Америка и Кина пчелата е само материјал. Или на пример, Германците достигнаа до 0- одбрамбен механизам кај пчелите.Тие, нивната агресивност за себе заштита ја намалија и практично ги доведоа на ниво на јагне ( без заштита). Бараат и корелација на особини, кои според аналитичарите се со многу ниски вредности. Но пчеларите што ја следат науката, кој го следат тој правец, а се и практичари, се на мислење дека таа толеранција или неагресивност е во корелација со висока отпорност на болести. Што се заедно доведува до промена на структурата на пчелите во негативна смисла.
Пчеларите -најорганизирани
Професионалното пчеларење во Македонија ги обединува сите пчелари и професионалците и оние кои дополнително се бават со пчеларство. И за разлика од другите земјоделци пчеларите се најорганизирани. Има околу 20 здруженија на пчелари. И можам да кажам кога е интересот во прашање се единствени. Член сум на Пчеларското здружение „Матица“ кое има поголема тежина од Сојузот и од Федерацијата на пчелари. Во нашето здружение членуваат и претседатели на други здруженија. Организираме состаноци, имаме соработка, предавања за разни проблематики, научни трудови, анализи. Сакаме да продуцираме и свои предавачи за размена на искуства, ако ништо друго барем да се научи како не треба да се води бизнисот. Организираме и различни собири, манифестации, промоции што се во функција на сите пчелари но и анимирање на јавноста за значењето и квалитетот од нашите производи.
Субвенциите треба да се доделат најдоцна до јануари
Инаку на прашањето колку на професионалните пчелари им помагаат субвенциите? Мирчески вели: многу малку. Посебно програмите за поддршка беа утнати. За последниве години тие беа повеќе популистички, а не да променат нешто во пчеларството. Факт е дека субвенциите помагаат осебено во тешка година, за обнова на возила, обнова на машините за технолошкиот процес, сандаци, тековни сметки околу кирии, плати. Купче пари кои не се собираат од тегла по тегла мед, секако помагаат, но тајмингот е промашен. Исплатата на субвенциите во мај е доцна, треба да бидат распределени најдоцна до јануари за да пчеларот обнови што е потребно.
Втора работа за популистичката мерка е програмата за доделување на 10 000 евра (сега е до 20 000 евра) неповратни средства за опрема за почетник. Нешто што е идеално, но не за нов пчелар. Со ова се постигнува контра ефект. Почетникот ќе купи сандаци, центрифуги, машини, кои најчесто по три години колку што мора да ги чува ги продава. А ние што професионално се бавиме со пчеларење, и на кои уште како ни се потребни такви финансиски инјекции, не сме на оваа листа.
Мирчески своите производи од пчелите под брендот „Про мед“ ги пласира преку сопствена специјализирана продавница за мед и медни производи и во соработка со продавници за здрава храна. Цената на медот се движи од седум евра па до 12 евра во Западна Македонија. Таму културата на купување мед е друга.
Пчеларите не се конкуренција меѓу себе
Професионалното пчеларење нема реална конкуренција. Пчелар на пчелар не може да му биде конкуренција, но неквалитетен (увозен) мед, кој во континуитет е присутен на пазарот од брендирани малопродажни синџири е конкуренција. Квалитетот на медот кај нас може да го регулира само Ветеринарен факултет. Тие имаат акредитација. И по правило се испитува секоја реколта. Но, затајува контролата за квалитетот на медот во големите ланци. Не може да се продава мед по 220 денари, ако се откупува за 280. Затоа препорачувам на сите љубители на мед да си го набавуваат од нашите домашни медари. А надлежните институции да ги конртролираат моќните компании кои продаваат мед. Бидејќи, сите тие фактори индиректно влијаат и на изборот некој да се бави професионално со одгледување на пчели.
Конкретно од мојата генерација од 35 академци на Факултетот за сточарство само двајца сме во овој сектор. Друштвото со кое сум раснет е исто така преполовено, заминаа во странство. Затоа што не можеа да се реализираат овде. Треба да се создадат услови за да можат вредните и работливи луѓе да го остваруваат својот сон овде.
Професионалното пчеларење бара ангажман на целото семејство. Јас мнајмногу сум фокусиран на производство на матичиот млеч. Другите членови се задолжени за дезинфекција на кошницата, која се прави по секоја замена со јодни раствори или со чистење на стариот восок и спалување. Замена на рамки, бидејќи ризикот да пренесеш болест со рамка е голем, затоа не се штеди на нивната обнова.
М. Балдазарска