Образование со настава без учебници, дигитализација без компјутери, читање и учење без разбирање на содржината, се само некои од аспектите тестирањето на ПИСА на македонските ученици.  

Македонските ученици се наоѓаат на 71 место од вкупно 81 држава учесничка при мерењето на јазичната писменост, на 61 место според резултатите по математика и на 68 позиција во тестирањето по природни науки.

Ова се резултатите од ланското тестирање на меѓународна студија ПИСА, која ги проценува знаењата на учениците на возраст од 15 години по читање, математика и природни науки. 

Исходот од тестирањето на ПИСА покажува дека просекот на македонските учениците е далеку под нивото на земјите членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) кои учествувале во ова тестирање. 
Резултатите покажуваат дека 34 отсто од учениците во земјава го постигнале нивото два по математика, што е значително под просекот на учениците од земјите од ОЕЦД од 69 проценти. 

Само 26 отсто од учениците во земјава, пак, постигнале ниво два или повисоко ниво во читање со разбирање на содржината. За споредба, просекот на ОЕЦД е 74 проценти. Во однос на природните науки,  35 отсто од учениците постигнале ниво два или повеќе, а просекот на ОЕЦД е повеќе од два пати поголем, односно 76 насто.

Од земјите во регионот, полоши резултати од Македонија имаат само учениците од Албанија и Косово. 

Без напредок во тестирањата на ПИСА 

Македонија не може да се пофали со позитивни резултати на ПИСА тестирањата. Вакви тестирања се спроведени претходно уште во три наврати -  2000 година, 2015 и 2018 година. Резултатите покажуваат дека земјава речиси традиционално е на дното на овие листи.

На првото тестирање пред 23 години, од вкупно 41 земја, Македонија завршила на третото место, но отпозади кон напред. Односно била на 38 позиција во две области – читање со разбирање и математичка писменост. Зголемен процент имало во  писменоста по природните науки 

Во 2015 година. ПИСА спровела тестирање во 72 држави. Резултатите на Македонија и тогаш не биле сјајни, туку под просекот – во областите  читање со разбирање и во природни науки, државата била позиционирана на 69. Во делот на математичка писменост, пак, на неславното 68 место.

На тестирањето пред 5 години, успехот на македонските ученици е оценет како многу низок. Од 79 држави каде е спроведено тестирањето, Македонија повторно ги држи позициите над 60 место. 

МОН: Не се лоши само македонските ученици 

Откако беа објавени резултатите од меѓународното тестирање на ПИСА во кое учествува вкупно 6.610 ученици од земјава на возраст од 15 години од 111 средни училишта, од МОН посочија дека резултатите биле слични со оние од 2018 година, иако тие покажуваат полоша слика во рангирањата. Од таму велат дека лоши резултати имаат речиси сите учесници на тестирањето од сите држави, а не само македонските. 

„Резултатите ќе бидат од исклучителна важност за ревидирање на постојните и креирање на идните образовни политики“, стои во соопштението на МОН.
Сепак, министерството не открива какви ќе бидат идните образовни политики кои треба да придонесат за подобрување на резултатите на меѓународните тестирања на македонските ученици. 

Она што е наведено како заклучок во меѓународното тестирање на ПИСА за минатата година е дека сите држави имаат послаби резултати во однос на 2018 година. Како причина за ваквите резултати се наведува ковид-19 пандемијата. Учениците не посетуваа настава со физичко присуство, туку онлајн од дома. 
Слаби резултати и кај државите од Западен Балкан 

Од земјите во регионот, во сите области, најдобро е оценета Хрватска со просек од 472 поени по математика, 476 во читање и 485 во природни науки.
Со полош просек од Македонија во сите три параметри, се Албанија и Косово. Босна и Херцеговина беше единствената држава која не беше опфатена во ова тестирање.

ПИСА, всушност, е меѓународна студија која ги проценува спо­­собностите, знаењата и вештините на учениците во примена на она што го научиле во училиште во ситуации од животот на крајот на задолжителното образование на возраст од 15 години.  ПИСА дава увид во обрзовните политики и практики и помага во следењето на трендовите во стекнување на знаења и вештини кај учениците на иста возраст во различни земји и различни демографски подгрупи во секоја држава.

Оваа проценка не потврдува само дали учениците можат да го репродуцираат своето знаење, туку испитува и колку добро можат да го од она што го научиле и колку можат да го применат тоа знаење во непознати ситуации, во училиште и надвор од него.