Велат дека меморијата на златната аквариумска рипка е пет секунди. По тоа време таа не памети што било. Човекот е создаден од сеќавања и планови. Барем некои луѓе…
Година и пол затворени, заради пандемијата, одвај ги дочекавме олабавените мерки. Тие претставуваат живот, и иднина. Полека се враќаме во колосек. Театар, кино, изложби, концерти… Концерти?!?

Еден од првите кои се закажани е концертот на „Рибља чорба“ во Скопје. Open Air, на 27-ми јуни. Вистинска посластица, не само за рокерите, туку и за љубителите на концерти, настани, движења, живот… Дали навистина е така?!

Според коментарите кои се појавија по објавената вест на фејсбук-профилот на организаторот на концертот „Авалон продукција“, нам, не ни требаат концерти!?!

Толкава доза на негација, омраза, мрчење, навреди…, на едно место, одамна не сум прочитал.

Каде се оние кои година и пол дена пекаа дека нема живот? Дека фалат концерти, дека треба нешто да се случува…? Станавме ли златните рипки, кои паметат само пет секунди? Или…?!

Концертот на „Рибља чорба“ во Скопје е комерцијален концерт на „Авалон продукција“. Никаква државна институција не стои зад него. Организаторот – еден од најголемите во регионот, проценил дека новата сезона треба да ја започне со „Чорба“.

Она што Бобан Милошески од „Авалон продукција“ го разликува од другите промотери е, што, и покрај феноменален деловен осет за работа, поседува и потребната доза емоции, кои ги внесува во приказната. Затоа, речиси дека во неговиот избор и да нема утки.

На 27-ми јуни во Скопје доаѓа ранета „Рибља чорба“. Без својот бас-гитарист Миша Алексиќ, еден од основачите на бендот, кој почина од последиците на корона-вирусот.

На 15-ти август 1978 во белградската кафеана „Шуматовац“, неколку чекори од култната продавница за плочи на ПГП-РТБ „Чорба“ ја основаа Бора и членовите на „SOS“ – Миша Алексиќ, Рајко Којиќ и Вицко Милатовиќ. Рајко и Миша веќе ги нема.

Легендата вели дека Вицко не можел да дојде на средбата, на останатите двајца го имале неговиот глас да се договорат со Бора.

И, така се роди „Рибља чорба“ – еден од најголемите бендови во поранешна југославија. Денес „Институција Рибља чорба“.

Нешто подоцна на бендот им се приклучи и Бајага, тогаш уште средношколец, со што започна да се испишуваат страниците на една од најимпресивните кариери кои еден бенд ги има во регионот. А, таквите се бројат на прсти од една рака…

Во Скопје, така ранета „Рибља чорба“ на 27-ми јуни ќе го промовира актуелниот албум „Да тебе није“, објавен во есен 2019-та. За жал, лани албумот не можеше да биде концертно претставен, па песните почекаа за да дојдат на ред пред публика.

Во меѓувреме „Чорба“ го започна снимањето на новиот албум, кој би требало да го добиеме веќе оваа година…

Значајот на „Рибља чорба“ за историјата на регионалниот рокенрол е немерлив. Зад нив се 20-ина студиски албуми, неколку живи, многу хитови, од кои, оние, есенцијалните, не може сите да бидат збрани на еден концерт. Секогаш има нешто што ќе остане за следен пат.

Во тоа е убавината на големите бендови.

„Рибља чорба“ е еден од шампионите според продажбата на носачите на звук. Додека траеше Југославија, ниту еден нивен албум не беше продаден во тираж помал од 100.000 примероци. „Мртва природа“ која отиде во фасцинантни пола милион копии, и денес се смета за еден од најважните дискографски столбови од Вардар до Триглав.

Па, од каде толкава омраза на делот од младината, до вчера затворена заради епидемиолошките мерки, кон Бора, кон „Чорба“?

Се фаќаат за ’90-те, измислувајќи изјави кои никогаш не беа изговорени, а камо ли снимени, или напишани.

Доколку некој поседува снимка, аудио-видео или напис од весник, во кој Бора ја навредува Македонија и Македонците, нека ги донесе. Следува награда!

„Рибља чорба“ во својата долга историја минуваше различни фази – од тотално обожување и вознесување, до омраза и негација.

Од експлозивните ’70-ти, еуфоричните првите години на ’80-ти, и чуден крај на таа декада, до несреќните ’90-ти, каде секој имаше потреба да застане под шаторот на своето племе, па се до новиот милениум, кога „Чорба“ растеретена од минатото конечно можеше да ја живее сегашноста. И да ја планира иднината.

Актуелниот концерт на „Рибља чорба“ во Скопје, на 27-ми јуни, е историски, од повеќе аспекти. „Чорба“ за прв пат доаѓа во нашиот град без Миша Алексиќ, десната рака на Бора Ѓорѓевиќ. Миша, кој ги напиша антологиските „Остаќу слободан“, „Остани ѓубре до краја“ (заедно со Бора), „Добро јутро“ (заедно со Бајага), „Амстердам“… – кој беше хит број 1 во Југославија таа 1986 година од февруари до септември.

Концертот на „Рибља чорба“ во Скопје е прв голем концерт во државата по пандемијата, што исто така го прави историски.

Бора Чорба во ноември 2022 треба да наполни 70 години. Со нарушено здравје и километража на рокенрол-ѕвезда, која длабоко оставила свои последици врз организмот, кој знае кога пак ќе го видиме на концерт.

Со десетина збирки поезија и тапија уште од пред 33 години дека е член на српското здружение на книжевници, Бора е еден од најважните рокенрол поети на овие простори. Заедно со Џони Штулиќ, Ѓорѓе Балашевиќ, Горан Бреговиќ, Момчило Бајагиќ, Зоран Предин, и најпосле, ама никако на крај, туку на почеток – Арсен Дедиќ, кој е, сепак, посебна галаксија.

„Рибља чорба“ летово ќе прослави 43 години постоење. Не постои некој од овие простори кој нема никаква врска со „Чорба“. Гарантирано. Или го допрела некоја песна, некој стих, или неговите блиски се бакнале, се држале за рака, се забавувале на некој концерт на „Чорба“.

Или тагувале на баладите, или лудувале на „Волим жене“, „Пекар, лекар…“, „Немој да идеш мојом улицом“… Ако не родителите, можеби тетки, стрини, вујковци, кумови… Баби и дедовци. Кој знае?

Затоа, денес Бора, по се што го има поминато, го има култниот статус. Рокенрол икона. И, кога тој ќе помине некаде, сите треба да замолчат. И да аплаудираат!

За сите радости кои неговата музика и поезија им ја донесе на сите кои потекнуваат од овие простори. Амин!

Иван Беќковиќ