Рибник Нежилово –три децении спој на бизнисот и планинската убавина. Три децении чекорење по сопствената визија. Три децении упорност да го реализира својот сон – љубовта кон рибите да ја претвори во цел – да живее, работи и стопанисува во родниот крај. Чекор по чекор, сопственикот на Рибник и  хотел Нежилово, Трајче Димов, самиот си отворил работа за себе и за семејството, а ги угостува и љубителите на рибите и природата.

Рибник Нежилово –три децении спој на бизнисот и планинската убавина

Рибникот и хотел Нежилово е сместен во пазувите на Јакупица на 700 метри надморска висина на патот кон Солунска глава. Прекрасната природа на Азот во која е распослан рибникот покрај реката Бабуна, во атерот на селото Нежилово и на неколку километри од Богомила, благодарение на упорноста на Димов сега е пријатно место за многу љубители на природата, домашната кујна и рибата- калифорниска и златна пастрмка.  Покрај ресторанот се издига и хотел со 23 четирикреветни соби со капацитет за околу 100 гости и конференциска сала.

Рибник Нежилово –три децении спој на бизнисот и планинската убавина

За оваа денешна слика на рибникот е заслужна упорноста, ентузијазмот и визијата на Трајче Димов, кој заедно со своето семејство макотрпно работи, гради  и се надградува не само во делот на рибарството, туку и активно учествувал околу урбанизрање на околината. Тропнал на многу институционални врати за да се направи овој крај достапен и за посетителите на природата и за мештаните, но и воопшто за развој на руралниот туризам. Покрај вложувањата во сопствениот бизнис, Димов цело време, помагал, организирал и инвестирал и во околината: пат, телефонија, водовод, обновување на околните верски обележја. Или, како што самиот вели: „Повеќе вложив во општествени работи отколку за моите лични работи“.

Што да се изгради - за да се живее и да се работи


Но, како од ова планинско и речиси непристапно место го издигнал овој ресторан и хотелот, за Анторис магазин раскажува овој креативен човек, кој вели: „Визијата е најважна, но и упорноста, да се истрае на патот да ја реализираш зацртаната цел.“

Димов започнал да се занимава со одгледување на риба, односно со поставување и градење на  рибникот во 1990-91 година. Пред тоа се занимавал со превоз, транспортна дејност.

Како што самиот раскажува, на местото што го наследил од родителите каде сега е распослан рибниот ресторан и мотелот најпрво изградил викендичка, за да го потроши градежниот материјал што му останал од куќата во Велес.

Повеќе вложив во општествени отколку за моите лични работи

- Планински чист воздух, зеленило, убавина, имавме и градина. Меѓутоа, постојано размислував што можам да направам, што да изградам, за да можам и да живеам во оваа убавина и да обезбедам егзистенција за семејството.

Реката ми беше во близина, но мојот имот не излегуваше директно на неа, затоа прво го докупив и местото до мене...И почнав да го градам рибникот. Водата од Бабуна ја донесов преку 35 метарска цевка и 500 метри покриен канал, направив и корито. Потоа спроведов уште 100 метарска цевка од реката до рибникот и друг покриен канал. Се измачив додека ја донесов водата во 90-91 година. На почетокот имав едно порибување, ама не го погодив времето. Имаше два до три проценти дневна инфлација. А рибата ја продавав по фирмите во Велес и тоа на почек од 15 до 30 дена. Ме ’јадеше’ инфлацијата.

На почетокот и немав добри познавања од рибарството. Имаше грешки и при изградбата на самиот објект, иако се потпрев на техничката документација подготвена од доктори по рибарство и градежни инженери. Потоа, обидувајќи се да ја надминам инфлацијата, направив пауза која ја искористив за подобрување на условите и за работа и за одгледување на рибите. И додека сето тоа се направи како што треба –поминаа пет години,“ раскажува Димов.

На секои две до три години го доградував рибникот


До местото каде го изградел рибникот во тој период тешко се стигнувало. Немало асфалтиран пат, ниту телефон, поради што му била отежната работата, а рибата ја носел во градот, ја купувале вработените по фабриките и рестораните.

За тие пет години се стабилизирала и инфлацијата. Ги подобрил и условите за одгледување на рибите. И не само тоа:

„Се посветив на подобрување на условите во околината се изборив да се асфалтира патот во должина од пет километри , да се стават телефони. Во меѓувреме го оспособив и пристапот до ова место, а  во 1998 доградив и друг дел од рибникот,“ објаснува Димов.

Практично тој, цело време од 1998  година наваму ги надградувал и рибниците и себе околу одгледувањето на рибите. Всушност на секои две до три години го доградувал рибникот, а потоа и хотелот....

Рибник Нежилово

Сега, Рибник Нежилово располага со околу  20-ина басени во различна големина кои се простираат приближно на околу 750 -800 квадратни метри.

-Порибував, го обучив мрестењето и се одржав. На почетокот посетував и семинари за рибарство, читав литература и така ми се разјаснија  прашалниците околу условите кои им се потребни на рибите за живот. Така подоцнежните базени ги направив по мој терк (имајќи го претходно искуството со грешките кои беа направени во градбата на првите басени) Басените ги направив да функционираат правилно.

„Идејата да се впуштам во угостителските води покрај рибникот се наметна од самата работа. Мрестиш риба, но количините нема каде да ги пласираш, каде да ја продадеш. Најпрво направив една просторија со мини кујна и почнавме рибата да ја служиме овде во нашиот ресторан и тоа се покажа како добар влог. Гости имаше се повеќе, па затоа ја проширив терасата над рибникот. Сега само на терасата можат да се соберат околу 200 луѓе. Дополнително на влезна тераса на почетокот може да седнат уште 150 луѓе.  Со изградбата на терасите работата горе долу се среди. Така произведената риба во одреден процент се пласираше на самото место во ресторанот,“ редоследно ги изложува своите активности Димов.

 Годишно произведува околу 20 тони риба


Сега овој стопанственик на годишно ниво произведува околу 20 тони риба. -Тоа е вкупното производство според белешките коишто ги водам при вадење на рибите. Иако според програмата требаше да има два турнуси на порибување. Јас си работам по сопствен терк , како што диктира пазарот, “ вели сопственикот на рибникот.

Рибник Нежилово

Покрај во рибниот ресторан, посетителите неретко остануваат и на спиење, а има и организирани ученички групи на еднонеделен одмор. Доаѓаат деца на одмор од Куманово по пет до шест групи во сезона (годинава само три). Порано, имало и туристи од Полска, Чешка, Словенија, но сега со новонастанатите кризни услови ноќевањата во мотелот се значително намалени.

Работата, вели нашиот соговорник се интензивира во сезона особено за викендите и за  празници, кога покрај вработените дополнително ангажираат и до 30 хонорарци. Инаку, во зима обемот на работа е намален, спласнува посетеноста, па рибите ги дистрибуираат до продавниците во Велес, Скопје и Битола.

А, кога зборуваме за маркетинг, за тоа како јавноста дознава каде се, кои се и каква е услугата, Димовски е јасен: „задоволниот гостин е најдобриот маркетинг, нема подобра реклама од усната препорака на задоволните посетители.“

Повеќе вложив во општествени отколку за моите лични работи


Меѓутоа, Димов објаснува дека поминал низ многу перипетии додека го застанал својот бизнис на „нозе“ на она што е денес, со вклучување на целото семејство. Сопругата е главниот готвач, а паралелно со нив работат и синот и ќерката со своите сопружници.

-Главните тешкотии, вели тој, - произлегоа од неажурноста на државните институции.  Во 1996 се изборив да се асфалтира патот од клучката Папрадиште и Ореше до овде, до рибникот. Издејствував да се направи не само патот туку и  мостовите со помош на Агенцијата за стопански неразвиени подрачја при владата. Но додека дојде до реализација, секој трети ден бев во СИЗ-от во Велес, во Фондот за патишта, во Владата. И со заеднички придонес на мештаните, собравме пари и ја направивме програмата за да конкурираме за патот. На почетокот немаше ниту телефонска врска. Самиот се ангажирав за телефонската централа во селото. А, кога се појавија мобилните телефони помогнав со сопствена механизација во адаптирање на локацијата на Чеплес за поставување на репетирот од Мобимак. Сега има три репетитори, “ нагласува Димов.

И полека ја продолжува својата приказна: „Влијаев и во организација и со активности и со сопствен труд во изградбата на патот Прилеп – Стровија.  Патот кај клучката за Прилеп. Нашиов крај беше отцепен за 11 км од соседното село од каде се спојува овој дел со патот Прилеп –Македонски брод. За да профункционира тој пат и од прилепска страна и од наша, а кој беше прекинат за околу пет километри. Јас на сопствен ризик го прочистив, повикав инженер за процена на издржливоста за тунелот и со анализата успеав да влијаам и кај локалните и државни институции за да се среди изградбата на патот. Во изградбата беа вклучени Фондот за патишта, Министерството за транспорт и врски и Владата и секако Општина Чашка. Со многу дописи, ургенции се асфалтира и патот Согле - Богомила, потоа мостот кај клучката Богомила.

Со помош на институциите, локалната управа, придонеси и делумно лични вложувања и активности ги завршив сите работи со патот, со телефоните и мостовите ( кои до тогаш беа дрвени - четири мостови).
Потоа направива параклиси на Св. Атанас  и Св. Антониј на околните ритчиња.  Сега го градиме манастирот на Св. Петка, покрај старите обележја, раскажува Димов.

Едноставно овој стопанственик, покрај во градење на сопствениот бизнис, цело време инвестира и во околината. Или, како што самиот вели: „Повеќе вложив во општествени отколку за моите лични работи.“


Многу идеи, но и многу сопки


Сиот тој ангажман на Димов и инвестиции во околината секако во многу придонеле за подобрување на бизнисот. И самиот признава: „Јас верувам дека сите овие активности околу уредување на околината привлекоа и ќе привлечат се повеќе посетители. Ако има добар пристап, услови за живеење, народот нема да се тутка во градот.“

До успехот за ваков бизнис на рурално подрачје, подалеку од современите урбанизирани делови треба многу труд и многу трпение. Имам многу идеи, но и многу сопки и од институциите, но и од мештаните. Ако одлучиш нешто да правиш и успееш да купиш една парцела, другиот нема да ти ја продаде,“ вели Димов.

Затоа, тој смета дека државата треба да го реши тоа со окрупнување на земјата (земјоделските парцели). Површините да не стојат запуштени, неискористени, необработени.

-Јас предлагам за нивите што не се работат да се зголемат даноците, или да се отстапат на државата и таа да ја дели на стопанствениците. Секое место може да заживее. Така и овде. Колку повеќе вложуваме во околината, толку целиот крај ќе стане попривлечно место и за посетителите- туристите,  но и за живеење. Ако јас не направев овде рибник, ќе замреше и Богомила и другите села. Со мојот потег се преродија и околните села.

Државата да креира можности за младите


Димов укажува и на некои нелогичности во процесот на законската легислатива околу водењето на бизнисот со рибникот. -Во рибарството, а верувам и во други гранки има  оптоварување во делот на евидентирање на административните работи. Се наметна инспекциски надзор во повеќе сегменти и фази – просто да се откажеш од работата.

Порано имаше само еден инспектор. Мостри се земаа само напролет и се проверуваше дали производот е исправен за користење или не. Сега еден инспектор ти кажува едно, друг бара детален опис за секое преместување, префрлање на рибата од едно на друго место. И се треба да се запишува, секое движење. Значи јас треба да работам, а друг по мене само да ги заведува моите активности. Сосема друга работа е што работењето во рибникот не можеш да го опишеш со зборови туку само со снимки, па нека гледаат, “ објаснува Димов.

И додава: „Добро би било да не подучат, да не упатат како да го зголемиме производството на полесен начин. Јас веќе 30 години се занимавам со тоа и сега некој ти го оспорува твојот начин на работа и ти наметнува и бара поинаку да работиш. Тоа навистина ме загрижува.

Сакаат да почитуваат некои европски правила, наметнати пропозиции кои можат само да не уништат. Некои од тие правила не може да се спроведат овде во наши услови. Сосема друга работа е што, ако државата бара од стопанствениците строго да се држат до правилата, тогаш и таа треба да ги создаде потребните услови за работа. Потоа услови за пласман, а не субвенции. Токму тие пари треба да ги пренамени за подобрување на условите за работа за производство. Треба да се смени практиката, сами да создадовме бизнис и сами да градиме и молиме да се овозможат инфраструктурни решенија“, нагласува Димов.

Затоа нашиот соговорник им порачува на државните раководства да креираат повеќе можности за младите да работат овде, дома. Да се задржат луѓето, да не одат по светот да печалат.

Рибник Нежилово- мапа

М. Балдазарска