Водолија

Со Ристо Апостолов, лидерот на скопскиот рок-состав „Водолија“, зборуваме за доследноста на работата, регионалното рокенрол поврзување, придобивките од Евровизија, идните планови и можноста да смени нешто во својата кариера...

И во новата песна на „Водолија“ – „Страст“, му остануваш доследен на рокенролот. И така цели 25 години. Колку е тешко да се опстои во вакви услови, и да се биде доследен? 

- Би рекол повеќе од 25 години. Првата снимка како средношколец ја снимиив 1991 за музичката продукција на МРТВ па така и започна целата прикаска со Водолија. Едноставно, тој тип на музика е во мене, и ако имам правено музика и во други стилови сепак со бендот основата е рок, и покрај хармонски и аранжмански елементи на други жанрови. Но, кога ќе се спои сето она што го имам слушано како дете, како тинејџер, па и сега, заедно со мојот порив, емоција и перцепција, се добива производ кој е специфичен за „Водолија“. Тоа не значи дека не слушам и друга музика. Мојата прва плоча беше албум од британското електро поп дуо Yazoo. Со други зборови - слушам и имам познавање од разни стилови на музика, но со бендот свиреме некој рок, и мислам дека е тоа вистинскиот стил за да се изразам себеси искрено пред публиката. 

Во таа насока – доследност и рокенролот - што мислиш за регионалните проекти за заживување и враќање на рокенролот на овие простори? Како што е наградата Милан Младеновиќ, на пример... 

- Самото име значи многу на овие простори, бидејќи генерации израснаа слушајќи ја музиката на ЕКВ. На тоа гледам како проект кој би можел да придонесе за културна соработка помеѓу бившите републики во областа на урбаната музика, без разлика на жанрови. Имав прилика да учествувам на првиот конкурс за наградата Милан Младеновиќ. Редовно испраќаш песни за Евровизија. За да ја пробаш среќата, или нешто те фасцинира тој фестивал? - Не редовно, но имаме учествувано три пати со „Водолија“. Тоа беше поодамна 2009, 2010 и 2011-та за националниот избор за песна на Евровезија на тогашниот „Скопје Фест“. Во 2009-та учесвував и како аранжер и  продуцент на песна со која настапија „Рок Агресори“. Мотивот ми беше да се покаже квалитетот на песните  и воедно да се претставиме на поширок круг на публика, без некои очекувања. Тие настапи ми овозможија да го сфатам менталниот склоп на авторите на популарната музика. За еден музичар кој живее и твори во мала земја како Македонија со многу мал музички пазар, Евровизија е веќе нешто големо, посебно за автори на музика текст или аранжман. Замислете победничката песна со настап од само 3 минути се емитува на сите национални телевизиски сервиси низ цела Европа, како и  претходни промотивни  емитувања на истата. Со други зборови доста солидни авторски хонорари, како и контакти за евентуални идни соработки. 

Како ти се допадна нашиот Избор, и какви и се шансите на Андреа во Торино? 

– Скромен избор. Мислам дека треба фестивалски избор за песна на Евровизија. Ланската Евровизија неколку месеци пред да се одржи, убеден бев дека ќе победи Италија. Имаа одлична песна, но и мораше да се поправи имиџот на Италија кој и беше нарушен со корона кризата. Кога станува збор за пласман, многу е важен квалитетот, оригиналноста и стилскиот израз на песната. Сепак треба да се земе в предвид и актуелната глобална состојба и агенда.

Какви и се плановите на „Водолија“ за 2022-ра? Одамна не сте биле активни, ниту дискографски, ниту концертно. 

- Претпоследениот сингл насловен „Полна со магија“ го издадовме септември 2020, како аудио, без видео запис, едноставно такви беа условите. После година и половина излезе и најновиот сингл насловен како „Страст“, за кој направивме лирик-видео. За ликовното-графичко обликување се погрижи реномираната ликовна уметница Натали Николовска. Ќе напоменам дека и овој пат стојам зад музиката, текстот и аранжманот како и продукцијата. Како постава во составот покрај мене се Бојан Митановски на бас и Весела Христовска – тапани. Еден период  активно вежбавме без некои очекувања, но со цел да бидеме во креативна и музичка кондиција. Планови постојат, како за снимање нов матерјал, така и за настап во живо. Некој од моите пријатели, колеги музичари, ме прашуваат зошто во последно време не снимите албум, туку издаваме поединечни синглови. Тоа ме тера да мислам да снимиме цел албум, и ако сум во голема дилема бидејќе во последните години во светски рамки публиката како да нема време да обрне внимание на сите композиции туку се фокусира на 2 -3 песни од снимениот матерјал. Оставам на времето... Има ли дружба меѓу македонските рокери? Барем кога нема концерти... 

– Секако дека има дружба. Нормално, разменуваме сугестии и мислења, креативни муабети.

Насекаде во светот музиката е бизнис. Тука тоа е поимена именка, освен за малкумина. Од што живее просечен македонски музичар, освен од тантиемите на ЗАМП, кои се, сепак, редовни? 

– Сметам дека  тоа е индивудуално, Се зависи од тоа во кој сегмент на музиката музичарот е насочен. Инаку, ЗАМП е здружение за заштита на авторски музички права и на годишно ниво авторите добиваат тантиеми за музика ,текст или аранжман, од делата кои им се изведуваат што не е случај со музичари кои се само изведувачи односно интерпретатори -  пејачи и инструменталисти. Но то е една доста обемна тема. Нека остане ова прашање за во некоја друга прилика. 

Да можеш нешто да смениш, што би сменил кај „Водолија“ во изминативе четврт век? 

– Секоја кариера  има издигнувања и падови, како некоја амплитуда која оди горе,доле. Некогаш сум блескал од радост поради некој успех, а некогаш спротивното. Кога би имал временска машина, би се вратил назад во времето, но само би посматрал без да менувам нешто.

Иван Беќковиќ