Македонец во нечиста околина. Тоа прво ми падна на памет кога го чув актуелниот сингл „Врие Македонец“ на скопскиот хип хоп колективот „Чиста Околина“, основоположниците на стихувањето и рапувањето на овие простори. 

Се работи за ангажирана тема, на трагите на две навистина големи македонски песни „Uber Macedonishe“ на „Архангел“ и „Почесна стрелба“ на „Мизар“, иако стилски сосема поинаква. „Врие Македонец“ всушност е soundtrack за она што го живее секој просечен жител на оваа мала, напатена, намачена, ограбена и преубава земја. Огледало во кое се огледува, без оглед колку ликот отспротива му е убав или грд. Нели, убавината е во окото на посматрачот!? 

Разговорот со Ристо Солунчев лично ми претставуваше особено задоволство, многу повеќе од обично поставување прашања и давање одговори, а темите за кои зборувавме, во опсервација на овој несекојдневен уметник и интелектуалец, отвараа некои нови загатки за човекот во овие турбулентни времиња. Вреди ли да се бориме, или треба да му се препуштиме на огнот? Или, како што прашува Ристо, одговарајќи на прашањето: Зар останува нешто друго освен да се „пее“ дур се старее и мрее?!

Новиот сингл на „Чиста Околина“ – „Врие Македонец“ доаѓа во едно прилично турбулентно време во кое се наоѓа државата, нацијата, планетава... Да го токмевте излегувањето, немаше да го погодите тајмингот. Каква е всушност приказната за „Врие Македонец“? 

- „Врие Македонец“ е создадена пред неколку години. Кацар и Вена тогаш ги снимија вокалите, а ја стокмивме целосно периодов што измина и во формална и текстуална смисла. Првично требаше да се однесува на фразата „имам човек“ и мноштвото нејзини контексти, но низ еден спонтанитет на случувања и артистички одлуки, кои несомнено артикулираат актуелни историски рефлексии, отиде во насока на поимно конкретизирање на претпоставениот „човек“, тоа е Македонецот. 

Тоа не е некое апстрактно суштество, туку еден објективен дух, заедница, што толку многу тешко доаѓа до изградување на современо и праведно општество, постојано е во противречности и распнувања, и кое е единствено во светот на кое не му е признаена неговата самосвест. Па дури и од неговите сопствени примероци тоа бидува згазено и понижено, и тоа самопрезирање се сфаќа како интелектуална прогресивност, а всушност е провинцијалност од најлош тип. Едните живеаат провинцијално, другите провинцијално очајно не сакаат да бидат она што се. Да, веројатно, тајмингот е погоден. Синглот претставува голем камбек на групата, четврт век од култниот „Новиот аспект на старата школа“. Сега сте тука да останете, приказната да потрае...? 

- „Чиста Околина“ во некое свое темпо работи последниве 6-7 години, од настапот на „Таксират“ на кој се најави враќањето. Но имаме свое време, и тоа време има форма. Никогаш не сме трчале зад тајминзи, па веројатно дигаат раце сите од нас, можеби најмногу издавачите и менаџерите. На крајот од краиштата остануваат само делата а не констелацијата што делумно ги условила. 

Да, ние лани го издадовме вториот наш албум „Avantgarde fatiguée“, како дигитално издание во соработка со Емил Хаџи Панзов и „Филтер“ лејбл. Се надеваме дека во 2022 ќе го ставиме на плоча. Тогаш најавивме последователно издавање на три албуми поради мноштвото материјал насобран последниве години. 

„Врие Македонец“ го најавува третиот, или вториот од оваа можна трилогија што треба да излезе во првата половина на 2022. Така што би можело да се рече дека сме тука, сериозно посветени на нашиот израз. Колку ќе потрае приказната е како надреалистичка песна, труп, или манифест, зависи од внатрешната распределеност на креативните флуксеви, но може да биде прекината и abrupto. Колку на враќањето влијаел фактот дека вашиот деби-албум „Новиот аспект на старата школа“ во изминативе 25 години претставуваше Свето писмо за сите на кои хип-хопот им значи во животот? Каков е твојот однос денес кон тоа култно дело? 

- Мислам дека тој албум е целосно надминат, или барем синтетички вклопен во потрагата по нов израз. Самиот олд скул манир таму е само надворешна игривна и субверзивна форма, воопшто не е суштината на „Чиста Околина“. На пример, да имавме SP1200 семплер тогаш, а не ритам машина, апсолутно надворешноста ќе беше инаква. И не сметаме дека остави толку големо влијание, сепак неколку други бендови ја формираа физиономијата на хип хоп сцената во Македонија во секоја можна смисла, естетички, формално, текстуално, рецитаторски. Можеби ако бевме присутни ќе имавме некое влијание, иако се сомневам, само константно ќе нѐ бојкотираа и ќе ни приговараа поради идиосинкратичноста и идеолошката субверзивност, имено, дали навистина некогаш сме биле рапери, или само некакви уметнички аскети кои доброволно се укочиле во тој гест, гримаса, израз, облик на хип хопот. 

Во ред, сфаќаме дека албумот можеби и има историско значење во македонската алтернативна и хип хоп сцена поради историските околности што го условиле, содржи дрски естетички, музички и текстуални облици, има поместувања во третманот на јазикот, во идејата дека плочите сами по себе, без употреба на семплер можат да бидат извор на нови музички форми. 

Но, не нѐ обврзува самиот албум колку внатрешната доследност на бескомпромисниот израз. Или имаш нешто ново да кажеш или воопшто ништо немој да правиш по инерција. Мноштво бендови и творци се во модалитетот на инерцијата а се чини делуваат како исцедени лимони. Веројатно материјата во сите нас се заморува. 

Да му се вратиме на синглот. Тој е дел од новиот албум кој има два работни наслови „Паразити во сонот“ или “Дистописката смрт на параноидната жаба“. Какви се плановите врзани околу овој континуитет на повратничкиот проект? Кога, како, со кого...?

- Ништо не е извесно навистина. Би сакале до крајот на следната година да бидат издадени следните два албуми како продолжување, можна трилогија, или драма во 3 чина. Можеби третиот ќе биде во облик на смрт на „Чиста Околина“. Секако двата ќе бидат издадени за „Филтер“ лејбл во форма на дигитално издание. Но, нема ограничувања, „Филтер“ лејбл воопшто не нѐ ограничува во поглед на физичките изданија. Едноставно не го интересира тој дел, посветен е само на одредениот дигитален простор, токму како фокусираност и добра изведба. За овие физичките изданија имаше само муабети и идеи со наши пријатели издавачи и продукциски куќи кои во многу наврати помогнаа овие 6-7 години. 

Но, можеби имаа многу други обврски па никогаш реално и сериозно не се заинтересираа за целосно менаџирање на „Чиста Oколина“, конкретни договори, рокови и испорачување. Веројатно, и не сме веќе популарни и не гледаат некоја голема материјална и духовна добивка од нивниот ангажман во сето ова. Ќе видиме како ќе биде понатаму во отвореноста на збиднувањето, сепак повеќето од нив ни се и пријатели и поскоро ни е битно да останеме тоа одошто другото. 

 Она што е одлично во соработката со Емил е што е тој прецизно јасен околу сѐ, што бара од нас, што може тој да издејствува, и апсолутно веруваше и верува во креативните потенцијали на овој проект „Чиста Околина“, и додека работевме сакаше и стоеше зад нас со конкретни сугестии. Веројатно тој и отец Никодим Солунчев (којшто на некој чуден и необичен продуцентски монашки начин бдее над сето ова), имааат голема улога за придвижувањето на оваа машина наречена „Чиста Околина“. 

„Врие Македонец“ е комплексна песна, во која преовладуваат многу музички сензибилитети (Солунчев, Лука од Фанк Шуи, Шпато, Пејовски), семплови, ангажиран текст... Каков е остатокот од материјалот? 

- Песната е целосно заснована на три битни семпла, од „Телонаука совршена“, Драган Ѓаконовски  -Шпато и Александар Пејовски, а во еден дел кусо се јавува и куса секвенца од „Анастасија’. Сите тие како автори, (во случајот со Шпато, неговиот син Мартин Ѓаконовски), но и издавачките куќи дозволија користење на семпловите и огромна им благодарност за разбирањето на оваа уметност на семплувањето. Песната е изведена на последниот наш настап на Пиво-фест, чинам 2019 во организација на „Пасворд’, и таму Лука отсвири гитара, посебно како пратечки сегмент на рецитирањето што ни се бендиса и потоа влезе во студиската снимка. Лука со труба ги насними и линиите од семплот на рефренот. Рапот е таков шизофрен артизам, може да спои семплови од комплетно различни стилови и музички правци, но и мноштво луѓе. Но зависи и од тој што го прави спојот, како сето тоа ќе го изведе. Кацар и Вена напишаа одлични текстови и на исклучително високо ниво ги изведоа во песната. Драги Иванов заврши одлична работа продукциски а ја отсвири гитарата во делот со скречовите на Славе Спировски. Обично целиот материјал и албумите што следат, сѐ е доста диверзивно, различно, и е во еден надреалистички сооднос, во ниедна ствар не сме апсолутно доследни и начисто со самите себе. 

Ова време денес е повозбудливо за создавање во сите уметнички сфери дури и од турбулентните 90-ти. Во што денес, ти лично наоѓаш инспирација? Што те фрустрира, и постои ли барем нешто убаво што би можел да го истакнеш, а го забележуваш на линија интелектуалец - уметник, на која живееш подолго време? 

- Секое време е и невреме, оти не знам дали условите и координатите на овој свет, натопен со човечкиот пад е нешто повеќе од една козмичка катастрофа, ако го парафразирам Арво Парт. За мене секогаш уметноста е или највисокиот облик на дух, рафинман, ерос на битието, енергијна структура, момент на претенциозно засекување флукс на стварноста, еден антисистем, антистварност, токму во изворното значење на анти, како наместо, токму таа е наместо стварноста оти низ убавината ја подава вистината. Или таа постанува паразит на стварноста, ја имитира, ја продолжува нејзината космичка катастрофа, и може да се сведе на проста забава и леснотија на постоењето, и тоа е музика или уметност во појавност, но во основата таквите дела немаат ама баш никакво посериозно значење оти се само изморена инерција на материјата, на општествената залудност, индустријализација, комерцијализација на уметникот, на неговото тело и неговите дела. 

Замислете денес уметникот е фирма, и е стравично кога самите уметници ги прифаќаат тие услови, имено да не бидат ништо повеќе од слаткарница. Моментно постои таква огромна секојдневна маса на издавање на шум во етерот, без инспирација, без селекција, што човек понатаму не може никако духовно да го акцептира сет тоа и да се преобрази во допирот со едно уметничко дело, или површно допушта сѐ во својот дух како натрупани информации, или целосно игнорира. Режисерот Малик во филмот „A Hidden Life“ има една реплика, дека следуваат мрачни времиња оти луѓето повеќе нема ни да се ‘рваат со вистината, едноставно само ќе ја игнорираат. Стравична е глетката кога тоа ќе им се случи на уметниците и философите, само е запечатена козмичката катастрофа. Од 95/96-та, кога ја запаливте искрата со Новиот аспект ..., до денес, на хип-хоп сцената продефилираа многумина. Некој би рекол - и шуто, и рогато. Ти фати ли увцето нешто од богатата понуда што ја имавме? Патем, кои беа твоите домашни музички узори? 

- Одлична е хип хоп сцената во Македонија, има доста добри бендови и продукции, и обично следиме колку можеме, но работиме во делумна изолација поради можните заробености од натрупаноста. Од САФ, „Токсикологија“, „Легијата“, „Клан Исток“ па сѐ до „Зад аголот“ и повеќето нови момци и девојки што доаѓаат и целосно бараат свој израз не следејќи ги претходните, да, има одлични артисти, не постои празно време без потреба од уметност. Лично мене ме интересираше автентичната македонска музика, од изворната, класичната византиска па сѐ до современите транспозиции и компонирања на истата во нови и модерни дела. 

Сепак рапот е еден израз што е роден од слободата поради слободата, а парадоксално се претвори во главен меинстрим експонент на глобализаторската империјална култура што целосно нѐ заробува и не прави уметнички епигони, повторувачи, една повеќе или помалку добра копија. 

Како елемент, како флукс јас би го пуштил во македонската музичка епистема но би требало да стане дел од една комплетно нова форма. Всушност, да се постапи како што нашите стари кога музицирале постапувале со сите музички суми што се натрупувале во духовниот простор на Македонија, ги реобликувале, реипостасирале. Дали сме навистина подготвени како објективен дух за такво нешто? 

Имаме ли како поединци, нацијата, општество..., перспектива за во иднина, и колку далеку можеш да се видиш себе си, бендот, Македонецот .., во времето кое немилосрдно меле? 

-Веројатно само го продолжувам одговорот на претходното прашање. Светот парадоксално мрее затоа што живее. Тоа е Миљковиќ и прашањето што им го поставува на Охридските трубадури, лепи мои старци, дали је исто пјевати и мрјети. Изворното значење на поиесис е токму тоа, творештво а не занает. Македонецот е негативен возбудлив поим, тоа е едно уметничко дело само по себе, но како таков е само еден случајно и невино изникнат цвет што го демне смртта, ќе дувне ли над него ветер и веќе го нема. Прости ми Иван, но песимизмот е само еден оптимистичен реализам. Чиста околина? Хм, зар останува нешто друго освен да се „пее“ дур се старее и мрее?!

Иван Беќковиќ