Balkan Prime Tours е еден од 25-те туроператори кои работат на организирање на дојдовен туризам за Балканот и пошироко во регионот.  -Ние сме специјализирани за цел Балкан со рамномерно распоредени дестинации и аналогно на тоа соодветни резултати. Во последниот период откако почнавме да работиме со Азија ја вклучивме и Централна Европа (Унгарија, Австрија). Нашата основна вредност е да понудиме и да овозможиме повеќе од вообичаено искуство. Вака го започнува разговорот основачот и генералниот менаџер на Balkan Prime Tours, Влатко Сулев.           

                                    

Агенцијата со седиште во Скопје има шест дисперзирани оперативни  канцеларии низ регионот и седмата е во Кина, која е регистрирана само за продажба на дестинации на Балканот.

-Сфативме дека за да бидеме успешни во тие дестинации ни требаат локалци. И покрај тоа што ние имаме  20 годишно сериозно знаење за дестинациите, сепак на крај одлучивме дека насекаде мора да има наши претставници: во Албанија-  вработени Албанци, во Бугарија -Бугари, во Црна Гора-Црногорци, објаснува Сулев, па така сега имаме 29 вработени од девет националности...

-Туризмот е благородна но и сензитивна дејност. Запознаваш луѓе, нови дестинации, гледиштата ти се менуваат. Собираш искуства од различни пазари, се придружува и Ивана Печалева, ЦЕО директор на Balkan Prime Tours .

 Клучот според нас за успехот е постојано учење, вложување во себе, запознавање и  креирање на нови понуди, почитување на искуството. Работите во еден динамичен сектор како што е туризмот се менуваат многу брзо. Тоа што било правило до вчера веќе не важи денес, и мора човек да биде флексибилен.

-Ние како компанија сме само туроператор.Не пробуваме да бидеме превозници, водичи, не пробуваме да бидеме хотелиери, но сите нив ги ангажираме. Имаме партнери со кои соработуваме долго време, но и ги шириме контактите со нови партнери, нови луѓе, пред сè фриленсери коишто знаат дека можат да соработуваат со нас. Учествуваме на многу проекти на кои сме создале на еден начин нови водичи. Секогаш сме во постојана комуникација со сите овие професии, тоа е еден мозаик, вели Печалева. 

Француските туристи најбројни на Балканот

Минатата година Balkan Prime Tours евидентирале 7266 туристи, за сите дестинации во регионов. Меѓутоа, најконцентрирани, во однос на другите биле Французите. За последните три години преку овој туроператор поминале 25 000 туристи кои ги посетиле балканските дестинации.

-Најсилен ни е францускиот пазар. Лани тие беа доминантни, три спрема еден со шпанскиот пазар. Да појаснам кога велам шпански пазар се мисли на туристи од земјите со шпанско говорно подрачје од Латинска Америка. Тие патуваат многу и индивидуално и како фамилии, парови. Во основа кај латино американските туристи е позастапен религиозниот во комбинација со културниот туризам. За нив најчесто најинтересни дестинации се оние кои се поврзани со темите за Мајка Тереза и Меѓугорје. Самата приказна, за раѓањето на Мајка Тереза, нејзината посветеност на католичката црква и целокупна приказна во  комбинација со Косово и Албанија, објаснува младата Ивана.

Инаку за Азијатите, како поразлична култура има неколку атрактивни програми, додава Сулев. Централна Европа со преспивање во Виена или Будимпешта, вклучително Словенија, Хрватска па и БиХ како кружна програма и тука долу пристигање или во Скопје, Тирана, Софија, Тиват во зависност од ави линиите.  Овие понуди би ги поделил на два сегменти. Еден, Централна Европа со Словенија, Хрватска, и друг, ние, Македонија, Бугарија, Албанија, Северна Грција...(Касторија, Ајгаи, Вергина, Пела, Кавала, филипи,  посебно археолошки дестинации).

Руралниот туризам не издели од другите туроператори

Тенденциите во туризмот последните две декади покажуваат дека луѓето заради начинот на кој денес живееме, сакаат да доживеат автентични искуства, очекуваат од нас да бидеме тоа што сме. Не  очекуваат глума, не очекуваат театар. Целта ни е да поставиме реален производ, што можеме да го продадеме на пазарот за клиенти, кои меѓу другите дестинации, сакаат да ги посетат нашите локални аграрни средини, винарии, дестилерии, производители на традиционална храна. Малите семејни понуди се дополнителен силен, атрактивен продукт што ги збогатуваат нашите програми. Агро- искуствата создаваат емоција, фото момент, особено азијатските туристи уживаат да се фотографираат во селски амбиент, не ги интересира приказната, како што е случај со европските туристи“ раскажува Сулев.

 Според него туризмот е многу повеќе од бизнис, може да донесе многу повеќе за економијата воопшто. Тој тоа го поткрепува и со конкретен пример: За 14 дневна тура, ние како туроператор вклучуваме 60-ина добавувачи. Значи свесни сме колку во синџирот има импакт од нашата работа. Нашиот успех е успех и за нив. Пазарот е динамичен. Понудата мора да се добие за 48 часа. Се натпреваруваме со 195 држави во светот, така што мора да има брза, јасна и адекватна понуда.

Последнава декада се развива еден нов правец во туризмот, што претходно не беше популарно, руралниот туризам.

–Ние сфативме дека тоа е нешто што може да направи разлика и да не издвои од другите туроператори, вели Сулев. Целта беше не само да препознаеме нешто ново туку и да бидеме препознаени од другите.

Дека е така потврдува и Ивана, која објаснува дека еден од нивните први и најјаки партнери од Франција, бараат во базата на програмата да се додадат - некои од нашите локални херои, бидејќи знаат дека на Балканот насекаде имаме по некоја рурална заедница, нешто што за нив е ново, егзотика. Тие сакаат да бидат во спој со домашното население. Не сакаат да посетуваат само музеи, манастири, цркви, џамии. Тоа веќе им е сувопарно, повеќе сакаат да бидат  во контакт со мештаните, домаќините на одредени аграрни активности, и ние тоа им го овозможуваме.“

Во тој контекст, Ивана посочи неколку успешни млади рурални заедници кои веќе се вклучени во понудите за странските туристи. „Има модели и примери на млади луѓе кои се трудат да го обноват своето село. На пример: Ана по долго живеење во Дубаи се враќа во своето село Цаерев Двор и го организира својот агро -семеен простор „Спиридов Преспа“ за посета од странски туристи. Сличен пример имаме и во Албанија со Алтин Пренга. И тој живеел во Италија во Милано и се враќа во Фиште, село меѓу Тирана и Шкодра и прави бум. Моментално работат повеќе од 500 луѓе.“

Македонските туристи поминуваат најмалку време во сопствената држава

-Руралниот туризам, средбите со локалното население, селските домаќинства, занаетчиството не само што треба да ги зачуваме туку треба да се стават во функција на туризмот, продолжува Сулев. – Ние како туристички работници се обидуваме да додадеме вредност на производите од селските домаќинства. Да создадеме квалитетна туристичка понуда која ќе ја продадеме на странските, но и на домашните туристи. Ние сме една од ретките држави каде домашните туристи најмалку поминуваат време во сопствената држава за разлика од Шпанија каде 90 проценти од Шпанците поминуваат одмор дома .

- Така лани во Македонија има вкупно 1,3 милиони пристигнувања од странски и домашни туристи, од кои 940 000 се странци. Значи кај домашните имаме пад во однос на 2024 за 20 000 помалку на околу 420 000. За разлика од нас, Словенија има околу четири милиони странски пристигања и уште пофасцинантно е што  имаат 3,5 милиони  домашни туристи. Споредено со нашата земја како големина, ние имаме седум пати помалку домашни туристи. Кај нас за жал не се цени она што ние го викаме рурален туризам, не се цени она што за странците е вау ефект.

Во труризмот клучни се луѓето, без нив не можеш да одиш напред. Се можеш да замениш, можеш да рационализираш до некоја одредена мера и точка. Но, главниот ‘ фајн тап’ треба да го остави човекот. Колку е побитен човекот, толку потешко ќе биде заменет.

Нашата цел во Македонија, борбата во туризамот е општеството да поверува дека може. Сакам да ја почувствувам истата верба што ја чувствувам во една Албанија во една Словенија.

2026 година за  Balkan Prime Tours е година на надоградување

Сулев, вели дека посериозен проблем што ни се случува нас е инфлацијата која е присутна на Балканот. Па така иако сме навикнати да имаме сериозна експанзија, оваа година таргетираме да бидеме на исто рамниште, или нешто малку подобра од 2025 година. Инаку секогаш сме имале поамбициозни и ексклузивни планови кои сме ги остварувале. Но годинава ќе се обидеме да го задржиме нивото од 2025 со мал раст. Имаме надоградување на турите со нови локални искуства, со домашното население и планираме тоа да го инкорпорираме во нашите веќе постоечки програми.

Во таа насока продолжуваат да организираат роуд шоуа- патувања и презентации за рекламирање на одредените дестинации директно во канцелариите на нивните партнери. 

-За нас, вели Ивана, поважно е да имаме видливост. Да не видат, нашите партнери и новите потенцијални соработници. Преку директните роуд шоуа во нивните канцеларии, кај други туроператори внимателно селектирани презентираме конкретно, таргетирано, фокусирано на нивните потреби и на тоа што ние можеме да го понудиме со цел да се вклопат и понудата и барањата.

Ние од првиот ден откако ја имаме фирмата сакаме да имаме импакт,  влијание, во смисла не да владееме туку да имаме нешто што ќе остане зад нас позитивно, се надоврзува Сулев. „Нашата цел е тоа што го работиме понатаму да се распореди и на нашите партнери  надолу. Како што веќе реков  нашите програми вклучуваат околу 60 партнери од сите држави. Сакаме да се знае дека нашиот успех е успех и за нив и сакаме да веруваме дека со тоа што им даваме опција, можност, веруваме дека им го променивме животот. И верувам за да една држава да биде силна мора да создава претприемачи, а како ќе се создадат, ако тие размислуваат сами, ако работат сами, сами се пробиваат, сами се градат, значи создаваш една здрава нација која понатаму оди напред.

Значи, 2026 година за Balkan Prime Tours е година на надоградување, вели Сулев. -Таргетиравме да ја повторимае 2025 со мала надоградба се разбира во различен концепт. Во тек е и внатрешно реорганизирање, дигитализација,  адаптирање на нови системи, созреваме и се обидуваме да фатиме тек со она што ни се случува. Горди сме и со тоа што градиме наш внатрешен софтвер, што веќе е препознаен  од наши колеги кои се заинтересирани да го користат. Иако не знаеме што ќе ни донесе годината – но во секој случај има доста и ад хок барања и пренасочувања заради моменталните случувања. Годинава, значително порано почнаа барањата за наредната година – обично тоа било мај, јуни, а сега уште на средина на март и од февруари имаше барања за 2027 година.“