Рускиот гас, силен грб за нејзината агресијата врз Украина

Во новосоздадените услови, покрај другите економски санкции за кои се фати светот и Европа, е затворањето на вентилите за рускиот гас со кој се снабдува голем дел од Стариот Континент. Се разбира дека економистите знаат дека санкциите се меч со две остирици, односно, исто така големи штети трпат и тие што ги воведуваат, зашто економијата има два краја. Прашање е сега дали може Европа, како еден од најголемите зависници,  брзо да го замени рускиот гас со нешто друго?

Рускиот гас, силен грб за нејзината агресијата врз Украина

Русија секоја година извезува меѓу 150 и 190 милијарди кубни метри гас во Европа, вообичаено исполнувајќи 30-40 отсто од побарувачката на целиот континент.

Најголем увозник/потрошувач на рускиот гас е Германија со 65 проценти од увозот, а Латвија и Чешка се 100 отсто зависници од рускиот гас. Британија добива помалку од пет проценти од својот гас од Русија, итн.

Како замена за рускиот гас, најчесто се споменува течниот природен гас (ЛНГ). Тоа е супер-ладен гас, кондензиран во течна форма, што се  транспортира со бродови и пак се претвора во гасна состоба на специјализирани терминали. Пристаништата, вклучувајќи ги Милфорд Хевен и Грејн - најголемиот терминал за ЛНГ во Европа – се уште примаат редовни пратки. Во 2020 година, рускиот ЛНГ учествувал со три проценти од вкупното снабдување со гас во Велика Британија и досега нема знаци дека за овие пратки важат санкциите.

ЛНГ пристигнува на Европските пристаништа Монтоар-де-Бретањ во Франција, Зибриж во Белгија и Ротердам во Холандија. Бројките покажуваат дека Русија испорачувала 16 отсто од европскиот ЛНГ од февруари 2020 година.

Но, Русија не е еден од најголемите извозници на ЛНГ. На тој список се и САД, Катар и Австралија. Катар, наводно, е подготвен да го зголеми извозот на ЛНГ во Европа.

На хартија, Европа има капацитет да увезе дополнителни 147 милијарди кубни метри ЛНГ годишно, според аналитичарите, доволно за целосно замена на рускиот гас од гасоводот.

Но, проблемот е во тоа што адаптирањето на технологијата  за користење на ЛНГ ќе потрае НАЈМАЛКУ ЕДНА ДЕЦЕНИЈА! Најчудно е тоа што Германија, најголемиот потрошувач на гас во Европа, нема терминали за увоз на ЛНГ.

Водечката европска енергетската консултантска компанија ICIS, информира дека производството на ЛНГ е ограничено и дека пратките одат кај тој што ќе понуди најмногу, односно на берзите. Тука е маката! Европските земји, за кои веќе цената на гасот достигна небесни височини, ќе мораат сè повеќе да се наддаваат со азиските економии, гладни за гас, поради нивниот економски подем.

Освен тоа, било каква привремена замена за веќе планираниот и инсталираниот начин на користење на гасот, чини многу скапо.

Алтернативни цевководи

„Полињата“ за експлоатрација на гас во Северното Море на Британија и Норвешка, копнените ресурси во Холандија, содржат значителни резерви, но просторот за зголемување на протокот е ограничен.

Норвешката државна енергетска компанија Equinor го зголеми производството, но не е доволно да ги супституира потребите на големите корисници.

Производството на Обединетото Кралство во Северното Море е во опаѓање, со ограничен простор за краткорочно зголемување.

Огромното холандско поле „Гронинген“ е само теоретска можност, бидејќи од него можат да се обезбедат само 13 милијарди кубни метри, што е еквивалентно на девет отсто од руската понуда. Но, холандската влада го прекинува производството откако беше откриено дека дупчењето предизвикува земјотреси.

Нуклеарна енергија или јаглен

Нуклеарната енергија ја намалува зависноста од гас за електрична енергија. Велика Британија генерира до 20 отсто од својата моќ на тој начин. Но, голем дел од нуклеарните извори треба да бидат „пензионирани“ до 2025 година од еколошки причини. Во актуелнава ситуација некои енергетичари тврдат дека британската влада може да поведе иницијатива  за обновата на тој потенцијал, но тоа е толку компликуван и скап процес што речиси е невозможен. Освен тоа за повторното враќање, е потребно долго време во кое стопанските субјекти, гладни за енергија, ќе се најдат во многу незгодна ситуација, со опасност да ги затворат своите фирми.

Франција произведува 70 ппоценти од својата моќ од нуклеарната енергија, што и дава многу поголема заштита од нестабилните цени на гасот.

Германија, пак, најави повлекување од нуклеарната енергија по катастрофата во Фукушима во 2011 година, а во 2019 година информира дека ќе ги затвори централите на јаглен, исто така од еколошки причини. Тие одлуки ја направија уште повеќе зависна од рускиот гас. Но, сепак засега нема претпоставки дека Германија ќе отстапи од одлуката за затворање на термоелектраните на јаглен.

Рускиот гас, силен грб за нејзината агресијата врз Украина

Гас од шкрилци

Во Обединетото Кралство постои идеа за користење гас од шкрилци што ја направи Америка најголем нето извозник на овој вид енергенс. Но, експертите велат дека геолошките резерви на ОК е потешко да се искористат отколку тие во САД. За разлика од САД, во Британија потенцијалните локации се опкружени со густо населени области кои се регулирани со строги закони за планирање и населени со луѓе кои не ја поддржуваат експлоатацијата на фосилни горива, што ја прави оваа идеа политички невозможна. Па дури и да се надмине загадувањето на водата и бучавата при експлоатација на нафтените шкрилци, тоа ќе има значително мало влијание врз европските големопродажни цени, а, исто така, ќе бидат потребни многу години за да се развие тоа производство.

Обновливи извори на енергија и изолација на домот

На крајот, обновливата енергија и намалената побарувачка, преку подобрување на енергетската ефикасност во домот преку подобра изолација, го нуди најочигледното долгорочно решение.

Сепак, ова зависи од големите инвестиции и подобрувањето во технологиите, како што е складирањето на батериите, што го надоместува прекинот во снабдувањето од технологии како што е енергијата од ветер.

Според сето горе изнесно се чини дека украинската криза може повеќе да ја мотивира Европа уште повеќе да вложува во обновливи извори на енергија, иако досега има доста направено.

Што се оденусва до македонските корисници, и тие го почувствуваа поскапувањето на цената на горивата, како последица на отежнатото снабдување уште на почетокот на ковид-пандемијата. Економистите прогнозираа дека цените на светските енергетски берзи ќе се смират со намалувањето на силата на пандемијата, но  се појави нова воена криза за која никој не може да прогнозира колку ќе трае и во кој правец ќе тргне.

Така, светот и нас, не очекува продолжено дејство на недостиг на некои потреби, време што треба да се издржи. Всушност, светската економија, како и домашната, никогаш не се движат по права нагорна линија, туку осцилираат околу неа. Во моментов целиот свет е под таа линија, да се надеваме дека ќе имаме среќа во догледно време да се искачиме над неа, во прогресија.

Бране Стефановски