Културното наследство од македонските и сесловенски просветители  Светите браќа Кирил и Методиј, кои се основоположници на словенската писменост, литература и културен развој на сите словенски народи  се вгради како стратегија за развој на светите Кирил и Методиј на македонско тло, но и во рамките на самата европска рута на нашите светители како една од асоцијациите членки на Советот на Европа.

Инаку, Програмата на културните рути на Советот на Европа e иницирана  во 1987 г. со цел да ги промовира и зајакнува сите културни вредности на Европа во којшто се вклучени човековите права, демократијата, културната разновидност, идентитетот. Културните рути во една концептуална смисла претставуваат единствен културен продукт - мрежа на партнери, којашто ги поврзува историските и културните локалитети ширум  Европа, кои се центрирани околу една определена тема. Денес има околу 48 културни рути, а членки се 41 земја на Европа.

 „За нас од исклучително значење е да го претставиме проектот: Европската културна рута на светите Кирил и Методиј, како дел од програмата на културните рути на Советот на Европа. Таа е формирана во 2013 г. по повод 1150 години од Моравската мисија, за кој јас мислам дека е еден уникатен пример на поврзување на големото наследство на Кирил и Методиј во сите земји кои го споделуваат ова значајно наследство од кое не делат над илјада години, и е поврзано со автентичната приказна на светите Кирил и Методиј“, објаснува проф. Д-р. Маја Јакимовска Тошиќ од Институтот за македонска литература при Универзитетот „Сб. Кирил и Методиј“- Скопје, кој воедно е членка на културната рута на „Св. Кирил и Методиј“.

Целта, како што вели професорката Јакимовска Тошиќ, - е повторно создавање и одржување на една функционална европска мрежа што ќе го следи кирило-методиевското наследство и ќе ги поддржува христијанските културни корени и вредности. Но, и ќе помага за почитување и дијалог помеѓу луѓето од различни култури и вери.

Самото наследство на Кирил и Методиј како што објаснува професорката е претставено и во материјалните и нематеријални форми.

Според научните гледишта во нематеријалните форми е складирано богатството на словенските јазични идиоми како и двете писма Глаголица и Кирилица. Додека во материјалните аспекти е опфатен корпусот на сите старословенски текстови, коишто се достоинство на големите книжевни фондови во повеќе словенски библиотеки во светот, меѓутоа и самите археолошки и историски локалитети, од кои некои датираат уште од времето на самите светители. Македонија е вистинска ризница на вакви археолошки споменици, како и она што во текот на вековите ќе се создава во прилог на сочувување на нивниот  култ и нивната културна афирмација како составен дел на културната историја на народите кои го споделуваме ова наследство (главно словенските народи).

 Туристичко чекорење по патот на Моравската мисија

И како што потенцира  Јакимовска Тошиќ, тие и понатаму остануваат симболи на трајните вредности, да кажеме на европската цивилизација како што е човечкото достоинство и толеранцијата и демократијата, бидејќи тие со својот космополитски дух уште во 9.век го пропагираа правото на секој народ да зборува и пишува, размислува и да проповеда на својот јазик.“

Важно е да се каже и дека самата оваа рута географски опфаќа една голема територија од 5000 километри. Таа врзува една релативно голема територија, раскажува професорката, -  главно Велика Моравија. Да тргнеме од тој момент, мисијата којашто тука се спроведувала од 863 до 885 година ја опфаќа денешната територија на локалитетите на источна Чешка и западна Словачка. Меѓутоа и делови од Австрија. Понатаму, Панонија за која исто така се зборува во Житијата на Кирил и Методиј, ја опфаќа Унгарија, Хрватска и Србија. Она што е исто важно пред и за време на мисијата, животната приказна на Светите браќа, ние ја следиме и во Македонија. Повеќе од 10 години Методиј бил управник на Стримонската област во Струмичко-брегалничката околија во Македонија. Исто така и територијата на денешна Грција од каде потекнуваат, па Магнаурската школа во тогашен Константинопол, денешна територија на Турција, меѓутоа секако може да ги наброиме и териториите  на денешна Бугарија, на Јужна Албанија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Молдавија, Романија, Полска. Денес, како последица на тоа е мошне афирмирано ова наследство во сите земји каде што се пишува  на Кирилица,“ раскажува професорката.

Меѓународната Стратегијата на рутата за светите Кирил и Методиј која важи до 2030 година е одобрена од Генералното собрание во 2022 година. Документот ја дефинира и визијата за натамошно дејствување, основните стратешки цели, мерките кои одат за еден меѓународен развој на кирило-методиевската рута.

 Да спомнеме дека Асоцијацијата која ја формира културната рута на Светите Кирил и Методиј  е со седиште во Злин во Чешка, а формирана  е од правни лица и од регионот Злин и Источно Моравската туристичка управа (2013г ). Здружението е одговорно за управување и развој, маркетинг за рутите, тематски настани, генералните асамблеи и сите одлуки кои се донесуваат на ниво на оваа рута. Здружението што ја формира оваа рута има 37 организации – членки. Вклучени се 10 земји: Чешка, Словачка, Унгарија, Италија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Македонија, Грција и Полска, со тенденција самата асоцијација да се прошири во сите земји кои се заинтересирани за споделување на ова мошне значајно културно наследство.

Најстарите портрети од просветителите се токму во Македонија

За нас, професорката вели дека - од исклучителна важност е да го потенцираме значајното кирило-методиевското културно наследство на територија на Македонија, кое е видливо и во материјалните и во нематеријалните форми.

 -Зборуваме за една континуирана долга традиција на нивно наследство важно и за прикажување на Мкедонија и за укажување на сите потенцијални форми од исклучително значење за развој на културниот туризам поврзано со наследството кое може да претставува  не само културна, туку и економска активност поврзана со настани, патувања насочени кон искажување и афирмација на разни големи форми на едукативни настани од академската фела.

Прославата на Светите Кирил и Методиј на македонски терен ја следиме од периодот на 11 и 12 век. Всушност може да истакнеме дека најстарите портрети од нив се токму во Македонија во црквата Св. Софија во Охрид каде што се прикажани во една иста тематска, идеолошка културна целина светите Кирил  и Методиј заедно со Св. Климент Охридски. Таа е една од најстарите претстави во светот од неа постара е само претставата на Св. Кирил во црквата Сан Клементе во Рим. (1045)

Втората по важност, и значење по старост е претставата во Курбиново од 1191 година -претставите на светите Кирил и Методиј се извонредно сочувани. Исто како и претставата на Св. Кирил филозоф  до таа на Кирил Александриски. Претставата на Кирил и првата претстава на седмочеслениците во црква Св. Богородица во манастирот Сливница во Преспа 1612 г. Значи првата редакција во европски рамки“,  укажа професорката. И додава дека сите овие значајни баркери треба да се стават на мапата и физички и дигитално за секој заинтересиран посетител да има можност да ги види при посета на Македонија.

Професорката Јакимовска Тошиќ  како дел од културното наследство на светите браќа кое треба да се најдат на туристичката мапа ги споменува и : манастирот Св. Наум во Охрид, каде има претстави на Кирил и Методиј и Климент над гробот на Св. Наум и една од најпопуларните претстави на седмочеслиниците во овој манастир од 1800 г на Трпо Зограф. Практично Охридско- преспанскиот регион е  многу значаен за оваа културно туристичка рута. Исто така како дел од оваа рута можат да се мапираат Универзитетскиот кампус  во Скопје: скулптурата во дворот на Универзитетот посветена на нив од Боро Митриќески  и во ректоратот од Томе Серафимовски.

Потоа интересно за странците  е и споменикот поставен пред Камен Мост од вајарот Жарко Башески... Музејот на Република Македонија во Скопје каде постои исклучително вредно депо на претстави на Кирил и Методиј од Дичо Зограф, од  Папрадишки, и ред други претстави (Чесите и Словаците снимаат филм за нив токму овде). Професорката ги спомена како прекрасни примери и иконите кои го илустрираат сликарството и култот од 19 век. Потоа Манастирот Св. Успение на Пресвета  Богородица во Матка каде се чува најстарата фреска на Св. Кирил од 15 век. И манастирот Св. Никола Шишевски  каде има исклучително интересна презентација на Св. Кирил филозоф  и Св. Спиридон со сламени шапки уникатна во европското културно наследство за Св. Кирил. И сите тие се дел од културно-туристичката мапа која треба да ги донесе туристите кои сакаат да го поминат и посетат патот низ кој минувале Светите браќа кои го описменија сесловенскиот народ.

Професорката вели дека нивната цел со стратегијата е да видат што е направено и што треба да се направи, односно имплементација на нови активности  за да се зголеми видливоста на она што се работи во Македонија. Членки на оваа културна рута од нашата земја се две институции во моментот: Институтот за македонска литература при Универзитетот  „Св. Кирил и Методиј“ и Институтот за старословенска култура од Прилеп од 2023 година.

Овие две институции покрај бројните објавени трудови во репрезентативни странски списанија за наследството на светителите, организираат и учествуваат на разни научно-туристички симпозиуми, конференции, со цел да го презентираат културното наследство од нашите просветители. Тие неуморно се трудат да се ресертифицира рутата преку поуспешно маркирање и физички и дигитално за да туристите лесно можат да ги пронајдат и посетат овие значајни знаменитости за словенските просветители.