Пренаселеност, сообраќаен хаос, незапирлив процес на изградба на згради, нечистотија...Ова е секојдневието со кое се соочуваат жителите на главниот град Скопје во изминатите години. Но, ова слика, очигледно ќе мора да се менува постепено до крајот на 2027 година. Бидејќи со влезот во 2028 година, Скопје ќе биде пред целогодишен предизвик да ја одбрани титулата за европска престолнина на културата.
Хронолошки, идејата започнала во времето на градоначалникот Коце Трајановски. Кандидатурата ја поднесе раководството предводено од градоначалникот Петре Шилегов. Со доаѓањето на чело на градот, номинацијата ја бранеше тимот на актуелната градоначалничка Данела Арсовска, која заедно со новиот градоначалник од 2025 година ќе треба да работат на високите културни стандарди за оправдување на довербата за престолнина на културата.

На 20 септември, 2023 година, седиштето во Брисел на Европската комисија беше центар на неизмерна среќа и радост кај претставниците на градот Скопје. По презентацијата на апликациите за престижната титула, Градот Скопје успеа да ја победи црногорска Будва во трката за европска престолнина, статус кој ќе го добие за пет години од сега.
Експертите од Европа „ја препознале искрената и заедничка посветеност на градот и стручните тимови во повеќегодишниот процес на подготовка на апликацијата“.
Скопје и Будва влегоа во потесниот избор за титулата со одлука во декември 2022 година. На 16 декември, експертската комисија при Европската комисија одржа панел за фазата за претселекција на натпреварот за европска престолнина.
Во документот - извештај објавен на страницата на Европската комисија, во кој експертите вршат евалуација на понудите, нотирани се серија на забелешки и за понудената програма на градот Скопје, но, и за актуелната состојба на главниот град на државата.
„Скопје е мултиетнички и мултикултурен град и главен град на Северна Македонија. И покрај неговото богато културното наследство, се опишува како доста сиромашно со повеќе проблеми и предизвици кои мора да се решат итно, како што се етничката поделба, социјалната исклученост, загадувањето на животната средина, маргинализација на ранливите групи, политичка поларизација, сиромаштија, невработеност, нетолеранција, радикализација и екстремизам. Наддавањето за Европската престолнина на културата е израз на градот силна желба на културата да и се даде истакната позиција во неопходните развојни планови за инклузивен и одржлив урбан развој“, пишува во воведот за градот Скопје.

Експертите зазеле став дека иако програмата на Скопје е добро структурирана околу четирите теми – Уметност за надеж (Art4Hope), Заедништво (Togetherness), Опоравување (Recovering) и Уметност (CreARTing), ги оцениле проектите како сосема основни, наведувајќи дека би требало повеќе да се развиваат за да се достигне високото уметничко ниво на стандарди за европска престолнина на културата.
„Повеќето проекти се од инфраструктурна природа, конференции, активности за градење капацитети, активности за создавање места и слично, и помалку за уметностите и солидните уметнички и описи на проекти. За конечниот избор тендерот, панелот би сакал да види повеќе висококвалитетни, смели и иновативни уметности и култура проекти со европска релевантност“, пишува во извештајот.
Ставот на експертите е дека на програмата и требало значителна работа и развој во иновативна и смела уметничка програма со силна европска димензија. За комисијата било нејасно како училиштата се поврзани со проектот Европска престолнина на културата и побарале конкретни примери за ваквата соработка.
Оцена за „смела амбиција“ дале и за планот за вклучување на 70 отсто од скопјани да учествуваат барем на еден настан во 2028 година.
Мал буџет за култура и ново тело за спроведување на програмата
Во извештајот е оценето дека Скопје има соодветна културна инфраструктура. Во него се наведува и планирана реконструкција на зградата на Универзалната сала со капацитет од 1500 седишта.
Сепак, експертите барале дообјаснување „на очигледната недоследност на инфраструктурните инвестиции каде од една страна не се издвојува буџет за инфраструктура и од друга рака, инфраструктурните планови се дел од програмата“. Односно дека не е предвиден буџет за капитални инвестиции, а сепак се наведени неколку инфраструктурни проекти во програмата.
Експертите се осврнуваат и на буџетот за култура на градот кој изнесува 9,87 отсто од градскиот буџет или 11,5 милиони евра. Оперативниот буџет за Европска престолнина на културата за 2028 година, комисијата го смета за низок со град на големина на Скопје.
„Панелот прашува дали има доволен буџет за да се направи значителен влијание со европска резонанца. Градот придонесува со 10 милиони евра и со 10 милиони евра придонесува и државата... Оперативните расходи не се добро избалансирани. Предвидени се само 60 отсто од буџетот за уметничката и културната програма, само 10 отсто за промоција и маркетинг и прилично високи 25 насто за платите и администрацијата. 5% е за непредвидени трошоци. Панелот би сакал да знае што се крие зад неа непредвидени 5%“, се наведува во извештајот.
Во апликацијата, градот Скопје има наведено и дека планира формирање на ново тело за спроведување на програмата за Европската престолнина на културата. За европските оценувачи, организациската структура е опишана на задоволително ниво, освен, како што се наведува за позицијата генерален директор, односно која е неговата улога. За конечниот избор, им дале препорака на градските власти да посветат внимание за да обезбедат јасен опис на клучните улоги во спроведувањето на проектот.
За сите забелешки и критики за подобрување од експертската комисија за апликацијата на град Скопје, одговори побаравме и од градската власт. Но, и по два дена, одговори не добивме.
Во 2028 година, приматот на европски град на културата Скопје ќе го дели со Будјовице од Чешка и еден град од Франција, чија номинација се очекува да се случи во декември годинава.
За разлика од чешкиот град кој веќе ја има објавено програмата за европска престолнина на културата јавно, тоа не е случај и со програмата на град Скопје.