Маја Милошеска од Струга е управителка на „Биомелан“, компанија која долги години, вкупно 13 се занимава со одгледување на аронија и боровинки, негова преработка и пласман. Но, по првиот неуспешен обид за одгледување, како ја смениле технологијата на одгледување и тоа се покажало како успешен начин.
„Технологијата на производството на боробинките е од Холандија, донесена во Македонија, со посебен супстрат, со посебни вреќи, различен начин на наводнување со систем капка по капка, кој не е вообичаен како сите други овошни насади што ги имаат и се покажа како успешен начин на одгледување дури и во нашата земја“, вели Милошоска.
Првата берба им била пред две години. Се работи за мал род и немало многу големи количини. Сепак, за фамилијарниот бизнис, тоа било во рамките на очекувањата. Минатата година ја завршиле со малку поголем род, а оваа година го очекуваме полниот род на боровинката.
„Минатата година ги продававме свежи, а тоа ни е план и за оваа година. Прилично е скап производ за да може да се преработи и практично, мислам дека нема ни потреба за тоа, бидејќи боровинката сама по себе е доволно вкусна и има доволна примена во секојдневието во исхраната на луѓето“, смета Милошоска.

Од стратот на производството на боровинките, пласманот беше исклучиво за македонскиот пазар. Оваа годиnа компанијата има поголема количина за која смета дека е голема количина за земјава, па затоа планираат еден дел да остане тука, а другата половина да биде наменета за извоз.
„Моментално ги продаваме како свежи. Од почетокот на берба, од почетокот до крајот на јули, зависно од година во година, практично засега не ни планираме да бидат преработени, бидејќи боровиниката си е блага и вкусна. Боровинките мометално се насадени со 3 000 садници на површина од 1 хектар. За оваа четврта година и полниот род кој се очекува, нормално ако тоа го дозволат временските услови, од 10 до 12 тони по хектар плод“, вели Милошоска.
Покрај боровинките, на нивните плантажи ја има и аронијата и тоа повеќе од 10 години. Во првите неколку години, се соочиле со проблем како да ја продадат и пласираат на пазарот. Бидејќи во тој период, аронијата имала и висока цена.
„Но, како поминуваа годините, цената почна да опаѓа и моравме да најдеме соодветно решение како овие 6.5 хектари да ги пласираме на пазарот. Така и дојде идејата да се произведува сокот, кој е ладно цеден без вода шекер и конзерванси, односно без никакви додатоци. Сокот се прави преку софистициран процес и е комплетно органски производ. Сокот од аронија е поспецифичен сок, иако нема потреба да биде разреден со вода, тој се пие 100 милилитри во текот на денот. Дури треба да се почне и со помала доза. Најчесто се конзумира за одредени заболувања. Намалена крвна слика, намален имунитет, заболувања од канцер, ув зраци, вирусни и бактериски инфекции. Има долга листа на придобивки“, објаснува Милошоска.
За нејзе е поразително тоа што голем број луѓе бегаат од земјоделието, за кое смета дека преовладуваат стереотипите оти е многу тешко и неисплатливо да се работи. Во споредба со минатото, сега вели дека со развојот на технологијата, процесот е многу полесен.
„Има современа механизација, за кој и да е процес на одгледување. Вреди во Македонија да се искористи плодната почва, сончевите денови, пристапот до вода и да се почне да се размислува на таа страна, за да се врати земјиделството како една од главните дејности за егзистенција. Со 1 хектар засадени боровинки, годишно може да се заработи добра и пристојна македонска плата каде 4 члено семејство може убаво и комотно да функционира“, заклучува Милошоска.