
.
Пред неколку дена на интернет беше објавена слика на нашиот голем и омилен спортски коментатор и новинар, ерудит и одличен колега, Никола Солдатов - Солдат. Всушност, сликата и пригодниот текст беа објавени по повод 34 - годишнината од неговата смрт. Ако побарате нешто за него ќе го најдете само ова, на Википедија, и ништо друго:
Никола Солдатов (1926 - Сремска Каменица, 3 ноември 1989), познат македонски новинар и долгогодишен ТВ коментатор. Тој е еден од основачите на Спортската редакција на Телевизија Скопје и како врвен сликар и ТВ репортер се вбројува во доајените на македонското спортско новинарство.
(https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%9D%D0%B8%D0%BA%D0%BE%D0%BB%D0%B0_%D0%A1%D0%BE%D0%BB%D0%B4%D0%B0%D1%82%D0%BE%D0%B2)
Но, Солдат останува во колективната меморија на тие што знаат да ги ценат вредностите и шармот, вистинскиот квалитет и по некој популарен „гаф“ кој ја дополнува неговата харизма, како, на пример: „Додека е топката во воздух, да ви ги соопштам составите на екипите“! Господ знае дали е тоа вистина, или е уште еден придонес на неговата публика за да ја зајакне меморијата за великанот.
Солдат, е авторитетот кој ни допушти со него да се чувствуваме како другари, нам на младите кадри, штотуку влезени во новите простории на новата зграда на МРТВ, во новоформираната редакција „Скопска програма“, без да почувствуваме комплекс од величините на тогашните афирмирани имиња во таа единствена и тешко достижна куќа.
Им благоадариме на сите наши ментори, на професорите и асистентите, но Солдат има свое место во нашата кариера, на сите нас од генерацијата ’85, која внесе и нов и свеж бран во телевизискиот израз на МРТВ, па кој што сака нека рече, ама овој факт никој не може да го демантира. Се разбира дека тоа не можевме ние самите веднаш да го постигнеме, тука беа наштие уреднци, на чело со Иван Андреевски Мачето, со исклучителен новинарски рефлекс и енергија, кој ни укажа на тоа дека новинарот треба да има изострени чула за препознавање на темата, да има критички однос кон стварноста, наспроти дотогашното пропагандистичко новинарство и да не ги оставаме на мир, особено општинските стаорци, директорите на комуналните претпријатија, а да ги афирмираме вистинските вредности итн. Солдат, пак, кој ги броеше месеците пред пензија, беше ангажиран да не’ калеми во однос на телевизискиот израз, на слободата на изразувањето пред камерата, на негување на литературниот јазик, на дикцијата, на ставот, на говорот, на колегијалноста... И за таа колегијалност, Солдат имаше метода. Постојано, речиси секој ден, не’ собираше, дали во бифето, дали во некое празно студио, во кафеана или многу често кај него дома во центарот на Скопје, „Максим Горки“, и задно со сопругата, познатата спикерка и поранешна певица Љупка Апостолова се дружевме и се зближувавме. Солдат не’ учеше да не зависиме од некаков текст претходно подготвен, туку мислата да ја формираме во тој момент и да го кажеме тоа што требаше да се каже, што навистина беше многу тешко, бараше огромна концентрација, се разбира знаење и вештина која ние само што почнувавме да ја стекнуваме. Таквиот израз за претходните ТВ генерации и за публиката беше новина, за многумина недостижна, како што се сегашите вештини на младите новинари за нас модерни, интересни и симпатични. Така нашата генерација беше веднаш забележана и се’ уште се памети како генерација која донела позитивни промени во Македонската радио-телевизија.
Но, најважната работа во сето тоа беше аманетот на Солдат, а тој гласеше: „Новинарот сакам да го видам само на програма и во кафеана“! Во оваа негова „света заповед“ лежи една голема професионална порака. Ако некоја професија треба да биде слободна, неограничена, неврзана со некакви административни, политички стеги, освен со личните морални и со естетските, тоа е новинарството и новинарот. Секоја рампа, рамка, оков, граница, носи непродуктиновност, стерилитет и назадување. Ако сакате буквален превод на Солдатовиот аманет, еве го: темите, идеите, луѓето не се наоѓаат во ѕидините на која и да е медиумска куќа, темите се во луѓето, на улица, во институциите, а најмногу во кафеаната. Сите тие муабети од сите сфери и области, од спортот, политката, до времето, се вртат и се ткаат во кафеанската патина, во мирисот и во чадот, патем кои тогаш ни беа многу подостапни и поевтини отколку сега. Нема кој, по една-две жолти, да не почне да плаче над своите проблеми, да пее песни тажаленки, да ја пцуе власта и владата, да се жали на услугите, на банките, на каматите, на кредитите, на социјалното, на ДУП-от и на МУП-от, на здравството, на образованието, и на се што постои. Тоа е полето на новинарската жетва на кое Солдат не праќаше да го жнееме.
Тој не не' штедеше, јасно и прецизно в лице ни ги плескаше почетничките глупости, но иако не’ жежеа, се претвораа во оган со кој горевме, за да светиме уште посилно, со што постигнавме голема гледаност, влијание на општата култура и писменост, се разбира со нашите гости, еминентни личности од сите сфери, особено од културата, традицијата, навиките, екологијата, која тогаш речиси беше непозната наука.
Сега таа светлина во големата здрада на МРТВ не свети, не се гледа ни од далеку ни одблиску. Тоа е една мрачна заборавена тврдина како од средниот век, препуштена на полициските услуги, на обичниот свет кој со себе ја внесува калта до колена, какактеристично за балканските навики, а најмалку на телевизијата и радиото и на нивните основни општествени задачи. Така изгледа однадвор, а одвнатре е уште пострашно. Таа е тежок казамат! Сегашните уредници и раководители го имаат буквално затворено креативниот кадар! Новинарите не сметат да излезат од зградата во работно време, мораат да остваруваат одреден број часови присуство на работното место, како да се административни работници, во крајно лоши работни услови, без квалитетно греење/ладење, без човечки тоалети, без можност да се купи некаква храна во објактот, во руинирани канцеларии со распаднати подови итн. Тие мораат да исполнат 8-часовно работно време, без оглед на тоа што во таа професија тоа време е сосема напразно потрошено, исполнето со непотребни трошоци за куќата, непродуктивно, неинвентивно, здодевно, нездраво, изолирано, без контакти со надворешниот свет во кој се наоѓаат проблемите и темите. Нема обѕир кон програмското трошење на еден новинар, кој на програмата се топи како путер на врела рингла. Кој не пробал – нека проба! Нушиќ би рекол: „ти можеш и да загинеш, ама пушката мора да биде на број“!
Од друга страна, тоа е алиби на некои новинари да си седат во канцелариите и да се вадат за неквалитетот на програмата поради нивнта ограниченост на движењето.
Главните места на специјализирани редакции во МРТВ -наполнети со кадри со несоодветна образовна подготовка, па изгледаат како алваџии и бозаџии и никогаш нема и не можат да го достигант нивото за тоа ракводно место, а им е дадена привилегијата да командуваат. Тоа е трагедијата на хиерархиските слоеви во сите македонски системи - најтешко е да работиш и да добиваш задачи и наредби од надреден кој е многу помалку стручен од тебе.
Ужас до бескрај!
Аманетот на Солдат во таа куќа е одмана згазен и избришан од меморијата. Луѓето, со потенцијалните соговорници, гости во емисиите, комуницираат само преку телефон и преку интернет, без да се видат пред тоа и да поразговараат, да се продлабочат во темата, да направат интересен програмски концепт и да го пласираат на брановите на таа куќа. Поради овие околности, во целата куќа владее атмосфера на кавги, препирки, незадоволство поради авторитативниот однос на вечните уреници (од 2006 година досега) апсолутизам што го нема ни во Северна Кореја. Куќата се празни. Веќе на пазарот не може да се најде квалитетна замена на тие што одат во пензија, особено поради тоа што новинарството не е обична професија, таа е една од најспецифичните, настресните и најтешките, што во просек коси на млади години, секаде во светот. Само што во тој свет таа професија е почитувана, соодветно наградена и негувана.
Затворањето на новинарот е затворање на неговата и на општествената мисла, на резонот, на брзата реакција на многу видливите аномалии, па професијата ја губи својата смисла, не е веќе „скеле околу општествената зграда“, коректор на нејзините „градежни активности“, не е веќе во игра за формирање на јавното мислење и така работите си фаќаат сосема свој тек и ја исфрлаат од игра оваа значајна професија која кај нас доживеа сосема понижувчаки третман.
И најголемото прашање и чудење е зошто актуелнава власт не презеде ништо да ја санира оваа куќа, туку ја остави на сосем нестручниот кадар од претходната владејачка гарнитура кој со неа царува и ја цеди преку соработка со приватни продукции од 2006 година досега и ја влече постојано надолу и ја довчеле до нула. Дали некој се сеќава кога е снимена последната ТВ драма или филим, серија, со сопствени сили на МТВ, или кога е издаден нов музички албум од славната и згасната музичка продукција на Македонското радио???
Голема слава за Солдат и за неговиот вечен аманет и сочувство за МРТВ, погребана од тие што требаше да ја „думкаат“ како еден од основните столбови на македонската државност.