Прилози за биографијата на Џони Штулиќ.

На денешен ден, 11-ти април, историјата бележи

1755.- Роден е англискиот хирург и палеонтолог Џејмс Паркинсон, кој ја открил и опишал нервната болест на екстрапирамидалниот систем наречена според него – Паркинсонова болест. Прв го опишал apendicitis (воспалението на слепото црево) и објави повеќе дела.

1977.- Почина францускиот писател Жак Анри Мари Превер. Неговата поезија ја карактеризира револт, младешки цинизам и исмејување авторитети. Напишал повеќе сценарија во француската кинематографија. Негови најпознати дела се збирките песни „Големиот пролетен бал“, „Дождот и убавото време“, „Зборови“ и други.

1992.- Во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија бил регистриран Македонскиот олимписки комитет (МОК).

2012.- Творецот на некогаш популарниот компјутер „Комодоре 64“, Џек Трамиел почина во Њујорк на 83-годишна возраст. Во 1954 година ја формира компанијата „Комодоре Интернешанл“, која во 1982 година го лансирала еден од првите персонални компјутери во светот „Комодоре 64“. Овој култен компјутер имал примарна меморија од 64 килобајти, читач на дискети, осумбитен микропроцесор и конектор за кетриџ, а можел и директно да се приклучи на телевизор. Во периодот на неговото производство од 1982 до 1993 година ширум светот биле продадени над 22 милиони примероци, со што „Комдоре 64“ бил вклучен во Гинисовата книга на рекорди како најпродаван компјутер на сите времиња.

Од музичката историја – на денешен ден, 11-ти април 1953, во Скопје е роден Бранимир Џони Штулиќ, еден од најголемите рок-поети кои ги изнедри Југославија…

***

Фејсбук заедницата одамна не беше така обединета. Сите денес му го честитаа роденденот на Џони. Јелена Обуќина од ЊуМакс Адриа, спомнувајќи го Џони, не потсети на секогаш актуелната „Курвини синови“. Џони денес наполни 69…

Во април 1999-та, во екот на најсилните НАТО бомбардирања врз Србија, телефонски разговарав со Џони. Го прашав, што најмногу памети, кога некој ќе го спомне Скопје, градот во кој е роден?

– Ги паметам само снеговите – како од пушка му излета, поставувајќи ја дилемата дали навистина снеговите беа големи, или тој беше многу мал…

***

Таткото на Џони, Иван Штулиќ, имаше висок чин во ЈНА. Беше еден од главешините во скопската касарна Маршал Тито. Мајка му Славица целосно му беше посветена нему и на неговата сестра Бранимира, која беше една година помала. Легендата вели дека живееа на брдо, блиску до касарната, каде што денес во Скопје се наоѓа Американска амбасада…

***

Запрашан, дали неговата фасцинација од Александар Македонски има врска со фактот дека е роден во Скопје, Џони немаше прецизен одговор.

– Душите патуваат, ништо не е невозможно – ми кажа во истото тоа интервју.

Собраните дела на Џони, кои белградски „Плато“ ги објави пред повеќе од една деценија, кои главно претставуваат неговите преводи на античките книги, сериозни книжевни теоретичари ги имаат опишано како „генијална будалаштина“. Тука се: „Илијада“, „Одисеја“, „Ксенофант“, „Херодот“, „Аргонаутика“…, но и неговата биографија пишувана во стилот на античките епови, интервјуата и критиките врзани за периодот кога лебот го вадеше од музиката, како и сите пеани песни на „Азра“.

***

Џони Штулиќ денес живее во градот Утрехт во Холандија, поточно во Хоутен. Живее во делот на градот во кој живее пониска средна класа. Живее со сопругата Јосефина, за која се вели дека повеќе не е со него во бракот, иако останаа да живеат во иста куќа.

Живо сведоштво од дружба со Џони неодамна опиша во книга актерот Сергеј Трифуновиќ. Во „Стовариште“ Сергеј напиша како при посетата на Џони, по грешка му го замочал целиот тоалет. По некое време, кога разговараа телефонски, Џони не му го заборави тоа „злодело“.

***

На денот кога Џони Штулиќ полни 69 години, оние кои го познаваат тврдат дека нему му е најмалку до родендени. Секогаш ги презирал, посебно сега. И понатаму одбива да свири, правдајќи се дека не е во форма и дека повеќе „тоа не е тоа“. За сите дискографски куќи тврди дека го покрадоа, иако пред десетина години ладно одби сериозна сума пари кои му ги понуди „Кроација рекордс“, тврдејќи дека му должат милиони евра.

Неговата субверзивна дејност денес се одвива главно преку јутјуб-канал Петровиќ Петар, кој наводно не е негов, туку е на еден негов пријател. Фановите на „Азра“ денес се згрозуваат на тоа што го рааботи последниве години, иако генијалноста на старите дела и понатаму никој не може да му ја оспори.

За Џони се напишани повеќе книги. Биографијата Штулиќ – „Фантом слободе“ на Хрвоје Хорват веројатно е најсеопфатна, иако Џони, откако ја прочитал, бил „лут како пес“. Истото важи и за „Izmedju krajnosti“ на Иван Ивачковиќ, на кого особено беше лут.

Меѓу позначајната литература за Џони, посебно се истакнува „Рок песник Бранимир Џони Штулиќ“ на Златомир Гајиќ и „Господар самоќе у времену једне земље“ на Младен Максимовиќ. Колку што ми е познато, за овие книги се нема изјаснето претерано лошо… Ако воопшто стасаа до него?!

Среќен роденден Џони, иако знам дека тоа ништо не ти значи!

Иван Беќковиќ