Со Срѓан Марјановиќ, легенда на југословенската музичка сцена, патувавме во минатото, се присетивме на најсветлите моменти од неговата кариера, зборувавме за новото време, за неговата мисија кога веруваше во моќта на песните на „Екатарина Велика“, „Кербер“..., за тоа зошто ја сака Македонија и што се ќе се најде на неговиот нов албум, кој наскоро ќе го објави „Југотон – Кроација рекордс“...

Деновиве потпишавте нов, ексклузивен договор за соработка со дискографската куќа Југотон - Кроација рекордс. Што ново ни подготвувате?

- Станува збор за албум на кој работев последните шест месеци. Има 10 сосема нови песни, кои се посветени на мојата покојна сопруга, која е Македонка... Секако дека е полни со емоции. Тоа е специфична љубовна приказна, претворена во ноти, а има и други работи... Уморен сум од составување и рециклирање стари песни...

Верувам дека континуираната соработка е логичен след на настаните, особено по успешната компилација „Пешчани сат“ од 2019 година, каде е забележана вашата креативна работа во периодот од 45 сентиментални години?!

- Претходниот албум „Песочен часовник“ го издаде Југотон. Тоа беше песна (наслов) со Маја Оџаклиевски. Нејзината последна снимка, по што решила повеќе да не пее?! Уште една Македонка во мојот живот…

Кога го договаравме разговоров ми кажавте дека сте врзани за Скопје затоа што Вашата жена е од Македонија. Нејзе повеќе ја нема, но, што ве врзува за овој град, оваа земја…?

- Бев војска во Македонија (1979-80) во Битола (700 км од дома)... Таму се спријателив за цел живот и се заљубив во тие луѓе тој народ... Патем, и во вашата музика и неправилните ритми, кои постојат само тука…

Во годината во која славите јубилеј, 70 години, убаво е да се потсетите на настаните од една многу плодна кариера која сè уште трае. Некои од нив ги опишавте во вашата автобиографија „Жица“, а верувам дека има уште многу што сте ги доживеале. Вашата најголема популарност беше во 70-тите и 80-тите години на 20 век. На што најмногу се сеќавате?

- Најмногу сакам да се сеќавам на Југославија. Моето срце остана таму. Крстарев речиси по сите градови на таа прекрасна (голема) земја… Рок музиката беше многу популарна во тие години. Мило ми е што бев дел од тоа време… Моите „батерии“ се полни… Мојата прва книга „Жици“ зборува за тоа време… Уживав во секој момент, ден, година… Не можев да верувам дека оваа прекрасна земја (во секоја смисла), за жал, ќе се распадне…

Како се справувате со фактот дека музиката веќе не им е толку важна на денешните деца како што таа ви беше важна на вас, на нас…?

- Го прифаќам тоа како нормално. Ништо не трае вечно. Животот е релативно краток. Она што е пред мене е далеку пократко од она што е зад мене, но јас сум задоволен, бидејќи „некаква трага“ сепак ќе остане зад мене… Да се ​​родам пак, би правел се исто... Да се ​​направи музика е радост, а музиката е живо суштество. Таа не стои на едно место и време. Таа има своја дијалектика и развој. Секогаш оди во некоја насока. Некогаш е непредвидлива и можеби на нас, постарите, не ни се допаѓа, но важно е сепак да има такви кои се радуваат поради тоа. За жал, денес ги има многу помалку од порано. Технологијата си го направи своето и музиката некако стана „споредна“, а не „главна“ работа…

Сепак, се би повторил во друг живот. Во текот на кариерата останав доследен на себе и на своите критериуми и стил. Не беше лесно, бидејќи низ тие години дуваа „разни ветришта“. Многумина се прилагодија на нив за да останат во тренд. Никогаш не сум го направил тоа и испадна дека сум бил во право… Музиката, ако е вистинска и искрена, секогаш го наоѓа својот пат и своите обожаватели...

Вашето име е поврзано со некои многу важни југословенски изданија, кои ги уредувавте под закрилата на дискографската куќа ЗКП Љубљана, како што се првите албуми на култната Екатерина Велика, потоа Кербер, Никола Чутурило... Како го препознавте сјајот на таа музика, која стана и остана важен до денес? И, има ли некоја анегдота од тие периоди што би можеле да ни ја кажете?

- „Екатарина“ и Милан Младеновиќ беа одбиени од сите дискографи. Јас бев последниот уредник до кого дојдоа со снимките. Ми се допадна материјалот, уште првиот пат кога го слушав, затоа што се разликуваше од се што се слушаше во тоа време. Тие снимки ги испратив во Љубљана, со забелешка дека треба да ги објавиме... ЗКП РТВ Љубљана тогаш беше авангарден издавач и сите мои сугестии и предлози секогаш беа прифатени. Мило ми е што ниту еднаш, во тие четири години (се до војната) не сум „промашил“.

Врзано, пак, за „Кербер“... Свирев во Ниш со мојот придружен бенд „Пума“. На пробата, момците дојдоа кај мене и ме прашаа дали можам да свират вечерва пред нас? Бесплатно, секако... Реков дека може. Ми се допадна тоа што го слушнав. Во понеделникот ги замолив да ги донесат снимките во претставништвото во Белград. Набрзо го објавивме нивниот прв албум. Имаше многу такви ситуации...

Дали ги следите случувањата на македонската музичка сцена и, дали ви се допадна нешто што доаѓа од југ?

- За жал, не следам. Тешко стигнува музика од Македонија до Белград?! Сега сме две земји и постои јазична бариера. Често сум на Охрид-фест и таму ќе слушнам нешто. Секогаш сте имале добри музичари. Влатко Стефановски се уште нема конкуренција во оваа област.

Како некој, кој бил успешен во музичкото новинарство, би ја опишале музиката на новата генерација?

- Денешната музика во голема мера се заснова на технологија. Сега скоро секој има свое мало домашно студијо и таму прави се. Понекогаш има песна што ми се допаѓа. Морам да признаам - ретко?! Тоа е „инстант“ песна. Како „вилински коњчиња“, живеат само еден ден ?! Не остануваат на радио со години. Многу брзо се гасат. Хиперпродукцијата си прави свое, мрежите исто така, многу е тешко да се одвои некој од тоа „море“ ритам машини и синтетика. Сите рапуваат, гротескно мафтаат со рацете, затоа што тоа е „тренди“?! Недостасуваат емоции, а тоа е суштината на музиката. Живи инструменти и музичари, исто така? Но, ако и се допаѓа на најмладата публика, тогаш тоа мене ми е во ред. Овие млади луѓе се секогаш најверните обожаватели на музичките настани во секое време. Фактот дека јас и моите врсници го сакаме рокенролот, не ги менува работите…

[embed]https://www.youtube.com/watch?v=6dDQrtuFUqs[/embed]

Во море од околу 15 албуми и многу песни, кој е вашиот личен Топ 5?

- Секако дека ги сакам сите мои песни. Секојa ме врзува за нешто. Ниту една од нив не беше напишана „ради ред“ ?! Еве некои што прво ми паѓаат на ум: “Idi”, “Mi smo jedno drugom govorili vi”, “Nije ti se htelo”, “Ne veruj nikome”, “Oprosti mi”, “Zaustavite muziku”, “Bebo ne plači”, “Dobri moj”, “Peščani sat”…

Иван Беќковиќ