Стефанија Димеска е родена во 1993 година во Прилеп. Во овој град го завршува и основното образование, каде паралелно посетувала и нижо музичко училиште. Средното образование го завршила во „Јосип Броз Тито“ во Скопје, а се запишала на факултет за Машинско инженерство, отсек мехатроника. По завршување на додипломските студии, започнала помалку со неконвенционално школување. Првично се здобила со приватна пилот лиценца, а потоа и со теоретскиот дел наречен Airplane Transport Pilot Licence - Airplanes. Последната дозвола која ја стекнала е од А категорија и се нарекува комерцијална пилот лиценца. На свои 29 години, таа е најмладата жена пилотка во Македонија.
„Желбата ми тлее уште од малечка. Најпрво сакав да се образувам факултетски, за да имам во секој случај друга опција во животот. Мора да имаме резервен план. Го избрав Машинскиот факултет, бидејќи ме интересираше технологија. Оваа насока отвори многу можности за мене. Се сеќавам дека имав и позитивни и негативни коментари за мојата професионална определба. За прв пат отидов со татко ми на спортскиот аеродром во Прилеп за да летаме. Бев многу малечка. Уште од тогаш ми се вроди детската желба да летам. Имав голема поддршка од пријателите и родителите. Можеби на почеток не бев свесна што правам, но, не се каам за одлуката од денешна перспектива“, раскажува Димеска.
Во Македонија, школувањето го завршила во „Аероклуб – Скопје“ во Стенковец. Потоа заминала во Хрватска. Генерално, потенцира дека има два начини како да се успее.
„Едниот начин е да се избере школо и од почетокот до крајот да се направат сите сертификати во едно школо. Тоа трае две години. Другиот начин е модуларен пат. Јас бирам во која школа и која држава сакам. Јас запишав во „Аероклубот“ во Стенковец. Тие и сега имаат добра понуда за падобранство, едрилици, за авиони и ултра лесни авиони. Од професионални причини ме кочеше во работата ако имам македонска дозвола, бидејќи не сме дел од ЕУ. Тоа ми е минус што не можам да аплицирам за работа. Ми требаше европска дозвола и потоа избрав да продолжам во Хрватска и Бугарија каде ги добив дозволите. Радосна сум бидејќи имам колешка која на 36 години беше градежен инженер, а сега реши да стане пилот. Патот е доста макотрпен, не само додека се стигне до професионален пилот, туку и на самата работна позиција“, оценува Димеска.
Димеска е доказ дека не постојат машки и женски професии, кога се работи професионално. Сепак, во секојдневните предизвици во пилотирањето, вели дека трпела и се уште трпи големи неправди.
„Сум имала денови кога со плачење сум се враќала дома велејќи дека ова повеќе нема да го работам. Дека нема да успеам или не сум доволно одбра. Но после секој таков ден се случувало спротивното“, вели Димеска.
На прашањето какво е чувството кога се лета над Македонија, одговара дека за нејзе секој лет е божествен.
„Секој пат кога летам над Македонија наоѓам нешто ново да погледнам. Се изгледа многу малечко одозгора. Се изненадив колку сме мали и можеме како држава да се заобиколиме со еден лет. Имаме многу убава земја, прекрасни погледи на планини, ливади и реки. Во слободно време сакам да цртам. Најчесто го сликам тоа што го гледам од небо. Тоа ми е мини пасија бидејќи не секој може да ги види убавините на државата“, се впечатоците на Димеска.