За да не се дозволи повторен економски шок кај компаниите, кои се главниот носител на македонската економија, Стопанската комора на Северна Македонија денеска соопшти дека ќе излезе со конкретни предвидувања и решенија. 

Според Комората, решенијата ќе треба навреме да се преземат за да се избегне уште една енергетска криза која би била фатална и за компаниите и за економијата во целина.

-Ова е еден од заклучоците донесен на седниците на Управниот одбор и на Собранието на Стопанската комора на Северна Македонија што беа одржани вчера. Ваквиот заклучок следува откако пред двете највисоки тела на Комората беа презентирани резултатите од спроведената анкета за загубите кои ги претрпеа компаниите членки на Комората во енергетската криза 2022 година, информира Комората.

Конкретните предлог мерки и решенија ќе бидат утврдени на специјалната седница на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија со Македонската енергетска асоцијација (МЕА), закажана за последната недела од април.

Управниот одбор и Собранието на Комората го усвоија и извештајот за спроведувањето на годишната програма за работа на Комората во 2022 година. Истовремено се прошири и структурата на Комората и беа донесени неколку кадровски решенија, со чие визионерство, иновативност и тимска работа го трасираме нашиот пат кон градење на Комората на иднината.

Образложувајќи го извештајот за работата на Комората за 2022 година пред членовите на највисоките тела, претседателот Бранко Азески ја оцени годината како турбулентна, со многу предизвици.

-Еден век стоиме цврсто зад бизнисот, иако зад нас оставаме период со многу турбулентни ситуации, кризи, подеми и падови на економијата во државата, во која компаниите успеваат заедно со Комората да ги премостат овие, во најголем број, непредвидени ситуации. Јубилејната 100-годишнина ја одбележавме на уникатен начин (не со прослави туку со дела), за што потврда е и Декларацијата за општествен консензус за економски реформи, политики и мерки која досега ја потпишаат поеќе од 150 компании и институциите. Ги зголемивме проектните активности преку кои ги поддржуваме компаниите во унапредувањето на нивното работење со мерливи и конкретни резултати, се воспоставиja и изработија нови дигитални алатки. Денес со сигурност може да кажеме дека значително е зацврстен имиџот на Комората и се наметнуваме и позиционираме како релевантен фактор пред носителите на економските политики, со цел да не би смееле да ја заобиколат Комората за прашања што се важни за нејзините членки и за бизнис заедницата пошироко, нагласи Азески.