Светска банка прогнозира раст на македонскиот БДП за годинава од 2,5 проценти, а во 2025 за 2,9 отсто, стои во нивниот извештај за економската состојба во земјите од Западен Балкан. Во споредба со останатите земји, за Македонија има прогнози за најслаб раст за тековната година. За прогнозите во 2025 година, послаб раст од нашиот се очекува само во Црна Гора, стои во извештајот од Светска банка што денес го презентираа Масимилиано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист, Јоана Маџоска, економист и Мега Муким, виш урбан економист при Светска банка.

Генерално, според Светска банка, забавениот раст се должи на влошените економски активности кај нашите главни трговски партнери, пред сѐ во Германија, но и поради неусогласеноста на растот на платите и на продуктивноста на трудот. Според Светска банка, изгледите за раст годинава се подобрувааат, што најмногу ќе биде резултат на инвестициите во инфраструктурата, односно изградбата на автопатите.

„Мината година растот беше најнизок во регионот поради две причини, едната е извозот кој не беше толку силен поради намалената побарувачка кај најголемите трговски партнери и поради намалувањето на залихите”, рече Маџаревиќ-Шујстер.

 Како што се наведува во извештајот економскиот раст на Западен Балкан се предвидува да расте во 2024 година, а дополнително забрзување се очекува во 2025 година, што ќе го врати на просеците пред пандемијата. За да се намали јазот во развојот со Европската унија и да се подобри животниот стандард за нејзиниот народ, во извештајот се додава дека регионот треба да продолжи со спроведувањето на реформите. Ова вклучува зголемување на инвестициите, овозможувајќи им поефикасно да придонесуваат за севкупниот економски развој.

 -Економската активност на Западен Балкан се очекува да се зголеми на 3,2 отсто оваа година, што е за 0,2 процентни поени повеќе од предвиденото на Светската банка во претходното издание на извештајот и понатаму за 3,5 отсто во 2025 година.

Поединечните прогнози за шест економии на Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, беа вклучени во економското ажурирање на Светска банка за Европа и Централна Азија, стои меѓу другото во извештајот.

Пораката за Македонија е да се бараат алтернативи на автомобилската индустрија која сериозно е под притисок на кинеското навлегување особено во сегментот на електрични возила во Европа, како и да се вклучат домашните фирми во синџирот на снабдување со странските инвеститори.

Во извештајот се опфатени и состојбите на пазарот на трудот, сиромаштијата, фискалниот сектор итн., а исто така посебно поглавје се посвети ни на зазеленувањето на градовите и потенцијалот за раст.