- Кратка биографија?
- Родена сум во Скопје, 1966. Завршив нижо и средно балетско училиште во МБУЦ "Илија Николовски Луј", во класата на проф. Ѓурѓица Јовановска. Како одлична ученичка, наставничкиот колегиум на училиштето ми дозволи третата и четвртата година на средното образование да ги полагам во една учебна година. Потоа се вработив во Балетот при МНТ и по една година, како талентирана млада балерина, заминав на едногодишна специјализација во Ленинград (Санкт Петербург, Русија) во една од најпрестижните балетски академии, „Ваганова Академија“, во класата на проф. Елвира Кокорина.
- Како се снајдовте таму?
- На училишната аудиција, за "Оревокршачка" го добива солото во „Арапскиот танц“ со кое настапував на сцената на светски познатиот „Марински театар“. На оваа улога работев со проф. Ирина Генслер.
- Потоа се вративте во Скопје?
- По враќањето во Скопје, Управата на Балетот ме унапреди во солист.
- Омилени улоги?
- Најомилени солистички улоги во балетите: Силфида во "Illo Tempora" и Црната жена во "Ad Apsurdum", во кореографија на Бранка Костиќ од Белград.
- Во еден момент се повлековте од сцената на МОБ?
- Да, по повеќегодишното играње на сцената на МОБ се здобив со повреда на ахиловата пета! Бев принудена да се повлечам од сцената и преминав во педагошкиот оддел при МБУЦ. На мое големо задовлство поранешните мои професори ми станаа колеги.
- На приватен план?
- Станав мајка на Марио и Боби.
- Кореографија?
- Како кореограф „се потпишав“ под претставата "За Непознатиот", на музика на грчки композитор Вангелис. Потоа следеа претставите "Last dance", композиција на повеќе автори и „Златното перо“ на музика од Моцарт. Се редеа безброј кореографии за учениците од балетскиот оддел, во кој, покрај професорските задолженија, станув и негов раководител.
- Кореографиравте и во оперските претстави на МНТ?
- Да, имам кореографии и во оперските претстави на МНТ „Аида“, „Турандот“, „Риголето“, „Кавалерија Рустикана“, „Моќта на судбината“, „Паљачи“, „Приказната на западната страна...“ На покана на тогашната директорка на Балетот, Сузана Милевска, работев и како балетски педагог.
- Вашето образование е мошне обемно!?
- Паралелно со работата во балетскиот оддел, студирв и дипломирав балетска педагогија, кореографија и режија на Академијата за музика, танц и ликовна уметност во Пловдив, Бугарија, по методика на класичниот балет во класата на проф. Ирина Трофимова (Русија), кореографија и режија во класата на проф. Петар Луканов, (Бугарија) и класичен репертоар во класата на проф. Лили Драгулева. Магистрирав и се здобив со два магистер-степени, магистер по балетска педагогија и магистер по кореографија и режија. За овие четригодишни студии добив партиципација од Министерството за култура и од фондацијата „Сорос“. Докторирав во февруари 2021 и станав доктор по уметност во балетот.
- Кога и зошто отидовте за Америка?
- 2007 заминув во Америка каде што го добив моето трето дете - керката Софи. Сега сум уметнички директор на Ballet Academy of St. Petersburg.
(www.balletacademyofstpetersburg.com)
Отидов за Америка, затоа што почувстував презаситеност од нашиот менталитет, непочитување и непрепознавање на талентот, на трудот и на професионалноста, тргање од репертоарот на секоја кореографија во балетските и оперските претстави, потпишани со мое име и презиме, резултираа со одлуката за заминување. За мене и сопругот Љупчо Иванов, тоа беше почеток на новото животно поглавје. Буквално, со два куфера дојдовме во „ветената земја“. Таму се роди керката Софи која сега има 17 години и заврши прва година на факултет. Иако претходно, по три, четри месеци, доаѓав во Њујорк и работев како балетски педагог на Менхетен, во еден од многуте театри на Бродвеј, а и во приватно балетско училиште во Рандолф, државата Њу Џерси, одлуката падна да се преселиме на Флорида. Палмите, океанот, сонцето, топло време скоро преку цела година, бавното темпо на живеење како времето да застанало, беа пресудни за преселувањето. Првото работно место ми беше како уметнички директор во балетското школо "Florida Dance Center", во градот Палм Харбор. Паралелно, добив работа и на Saint Petersburg College, во градот Ст. Петерсбург, како вонреден професор по класичен балет на студенти од прва и втора година. Потоа, добив покана за работа како уметнички директор на "Florida West Ballet", исто така и главен балетски педагог и кореограф. Оваа компанија со смената на членовите на бордот, го смени и името во "Ballet Academy of St. Petersburg ", во градот Сент Петерсбург, во кој живееме со семејството. Интересен факт е тоа што овој град е побратим со рускиот Санкт Петербург, по кој и го добил името. Со учениците и студентите имам поставено многу целовечерни претстави од кои би ги издвоила: "Вивалди - Четри годишни времиња", "Заспаната убавица", "Копелија", " Ѓаволеста девојка", "Бајадера", "Рајмонда", "Снежана и 7-те џуџиња", "Петар Пан", "Силфиди", "Алиса во Земјата на чудата", "Оревокршачка", "Др. Дулитл", "Божиќниот сон на Клара" и др. Соработував и со компаниите Florida Lyrica Opera и New Century Opera како кореограф во оперските претстави: "Амал и ноќните посетители", "Кармен", "Ифигенија во Олис", "Риензи", "Магбет". Како гостин - професор држев предавања на Универзитетот на Јужна Флорида (University of South Florida), American Ballet School in Tampa, School of Russian Ballet in Sarasota, Tampa City Ballet.
- По кој повод престојувате во Црна Гора деновиве?
- Во Подгорица сум дојдена на покана од директорката на Музички центар на Црна Гора, Исидора Дамјановиќ. Таа е најзаслужна за формирањето на првиот професионален балетски ансамбл во Црна Гора кој официјално постои од јануари 2024. По подолго преговарање, конечно дојде до нашата соработка, на која претходеше, точно пред една година, мојот критичен осврт во списанието „Вијести“, а по повод балетската премиера "Медитеран" на сцената во стариот град, на 8 јуни, 2023, во кореографија на нашата балерина Саша Евтимова. Овој пат сум ангажирана како балетски педагог и репетитор. Држам часови секој ден, а потоа имаме проби. Играчите треба да ја одржуваат својата техника и да бидат во постојана физичка кондиција со цел да останат во форма, а и конкуренцијата е навистина голем предизвик. Затоа сум и повикана во овој колектив, како експерт по методика на класичниот балет, да дадам придонес во процесот на подобрување на техниката на самите играчи. Составот е интернационален. Има играчи од Србија, Италија, Грција и секако од Црна Гора. Задоволна сум со тоа како се одвиваат часовите и пробите. Овие млади луѓе се амбициозни, се трудат максимално и даваат се’ од себе. Големо е задоволството и ми претставува огромна чест да работам со нив.
- Дали имате соработка со вашата „родна“ куќа - Македонскиот балет?
- За жал немам, но се надевам дека раководниот тим ќе ме повика на соработка..
- Оценка за развојот на балетот во светот?
- Докторската дисертација ја пишував токму на таа тема:"Улогата на Руската школа во создавањето на балетот во Америка во 20век", па можам да докажам дека балетот во Америка доцнеше цел еден век после Европа. Ни помалку ни повеке. Додека во Европа уште во 19 век, се организираа балови на кои аристократијата ја имаше таа можност да ужива во убавините на балетската уметност, во Америка доаѓале италијанските и француските танчери за да ги образуваат и описменувааат Американците - што е тоа балет, но без успех. Се до почетокот на 20. век, кога Русите емигрираат, т.е. бегаат на некој начин од Прва светска војна, Болшевичка револуција, Втора светска војна и на тој начин го сеат семето на балетот на американско тло. Меѓу првите се Ана Павлова, гостувајќи низ цела Америка, образувајки ја публиката за балетот, додека нејзиниот партнер Миша Мордкин отвори школа за балет во Њујорк и е основоположник на American ballet theater. Денес, балетот во Америка е на ниво како во Европа, благодарение на многуте гостувања и културни размени. Стилот на играта што се негува е разновиден. Во поголемите театарски куќи, репертоарот варира од класични претстави до тотално модерни и современи. Но, по факултетите, кои имаат "dance department " (балетски оддел), за жал повеќе акцент се дава на модерни, апстрактни движења, отколку класичниот балет.
- Освен во Америка, што е актуелно во останатиот дел од светот, класиката или модерните форми?
- Мислам дека модерните форми преовладуваат на сметка на класиката. Тврдам дека тое не е добро. Класичниот академски балет е основата на квалитетни перформанси. Телото на играчот школувано по класичната азбука, може да направи чудо на сцената без оглед кој стил игра, класичен или модерен. Додека тоа исто не можам да го потврдам во обратниот случај. Еве сега, најсвеж пример, во Будва на фестивалот „Јадрански фестивал“ на современиот танц, на кој имав можност да одгледам повеќе претстави, сите беа во модерна форма. Фигурите на играчите не беа балетски оформени, значи дека играчите воопшто не се школувани во класиката. Кореографиите беа добри, но критериумот автоматски паѓа, ако на сцена немате балетски обликувани фигури. Класиката е традиција и синоним за квалитет. Големите балетските куќи во светот ги негуваат двата стила, затоа што на тој начин го задоволуваат вкусот на публиката.
- За сиот ваш труд и уметност ја добивте наградата „Тесла“?
- Прва во светот сум што ја добив престижната награда на Никола Тесла за кореографијата "Тесла", во изведба на моите танчери од Ballet Academy of St. Petersburg, во Њујорк, на Менхетен, во хотелот Њујоркер, во кој Тесла ги поминал последните 10 години од својот живот, 14 јануари, 2024.