Светскиот и нашиот домашен отпад, подлежат на ревидираната Регулатива за транспорт на отпадот, преку која Комисијата ги исполнува амбициите за циркуларна економија и нула загадување со предлагање посилни правила за извоз на отпадот, поефикасен систем за циркулација на отпадот како ресурс и решителна акција против трговијата со отпад
Светскиот и нашиот домашен отпад
Една од иницијативите што неодамна ги усвои Европската комиисја е Иницијативата за нови правила за олеснување на транспортот на отпадот во ЕУ за да се промовира циркуларната економија и да се справи со извозот на нелегален отпад и предизвиците со отпадот во трети земји.
Според ревидираната Регулатива за транспорт на отпадот, Комисијата ги исполнува амбициите за циркуларна економија и нула загадување со предлагање посилни правила за извоз на отпадот, поефикасен систем за циркулација на отпадот како ресурс и решителна акција против трговијата со отпад.
Извозот на отпад во земјите кои не се членки на ОЕЦД (клубот на 35 најразвиени земји во светот) ќе биде ограничен и дозволен само ако тие земји се подготвени да примат одреден отпад и се способни одржливо да управуваат со нив.
Испораките на отпад, пак, во земјите на ОЕЦД ќе се следат и може да бидат суспендирани ако создаваат сериозни еколошки проблеми во нив.
Според предлогот, сите компании од ЕУ кои извезуваат отпад надвор од ЕУ треба да се погрижат објектите што го примаат нивниот отпад да бидат предмет на независна ревизија што ќе покаже дека тие управуваат со овој отпад на еколошки здрав начин.
Oтпадот како дел од циркуларната економија
Во рамките на ЕУ, Комисијата предлага значително да се поедностават воспоставените процедури, со што ќе се олесни отпадот повторно да влезе во циркуларната економија, без да се намали потребното ниво на контрола. Ова помага да се намали зависноста на ЕУ од примарните суровини и ги поддржува иновациите и декарбонизацијата на индустријата на ЕУ за да се исполнат климатските цели на ЕУ. Новите правила ги внесуваат и пратките на отпад во дигиталната ера со воведување електронска размена на документација.
Регулативата за транспорт на отпад дополнително ја зајакнува акцијата против трговијата со отпад, една од најсериозните форми на еколошки криминал, бидејќи илегалните пратки потенцијално сочинуваат до 30 отсто од пратките отпад во вредност од 9,5 милијарди евра годишно. Подобрувањето на ефикасноста и ефективноста на режимот за спроведување вклучува формирање група на ЕУ за спроведување на транспортот на отпадот, овластување на Европската канцеларија за борба против измами ОЛАФ да ги поддржи транснационалните истраги од земјите-членки на ЕУ за трговија со отпад и обезбедување посилни правила за административни казни.
Нашиот сопствен отпад
Граѓаните на Македонија фрлаат цврст отпад околу 800 илјади тони годишно. Количина на комунален отпад по жител изнесува околу 350 kg годишно или 0,9 kg/жител на ден. Во јавниот систем на собирање на комунален отпад, што го извршуваат јавните претпријатија, е вклучено околу 77 проценти од населението.
Останатото население (23 отсто) кое не користи комунални услуги, во најголем дел е концентрирано во руралните населени места. Општа практика е отпадот да не се дели/сепарира, па задено се фрла опасен и неопасен индустриски отпад.
Усвоен е и Правилник за општите правила за постапување со комуналниот и со другите видови неопасен отпад.
Преработка и рециклирање на отпадот
Активностите на преработка и рециклирање за комуналниот отпад се многу ограничени. Искористување на материјалите што може да се рециклираат, како метал, хартија, пластика, автомобилски батерии и акумулатори се врши во неформалниот сектор. Стариот метал претставува најголем дел од материјалите што се собираат за рециклирање (34.000 t/годишно), како и фракцијата од хартија и картон (20.000 t/годишно вратено за рециклирање или за извоз). Степенот на сепаратно собирање на другите фракции на отпад што може да се рециклираат зависи единствено од условите на пазарот.
Цврстиот отпад што се создава во Македонија, во најголем дел се отстранува на депонии. Депонијата Дрисла која го опслужува регионот на Скопје, со околу 600 000 жители е единствена депонија со дозвола во Македонија која се простира на површина од 76 ha. На депонијата се депонира цврст комунален и друг вид на неопасен отпад. Проектиран капацитет на депонијата е 26.000.000 m3, а според геометриските пресметки депонирани се 7.000.000 m3 отпад на површина од 17 ha. На самата депонија применета е технологија на санитарно депонирање што подразбира планирање и набивање на отпадот на слоеви и покривање со инертен материјал.

Останатите депонии за комунален и друг вид на неопасен отпад најчесто се преполни, неправилно изградени, одржувани, и управувани и не ги достигнуваат барањата и стандардите во однос на животната средина и заштита на здравјето на луѓето. Во Македонија постојат 58 општински депонии за комунален и други видови на неопасен отпад кои зафаќаат вкупна површина од 2.641.500 м2, а активната површина изнесува 1.240.850 м2. Илегалните депонии за комунален отпад се доста застапени особено во руралните предели.
Депониите претставуваат ризик во поглед на загадувањето на воздухот, почвата, површинските води и подземните води. Поседуваат и потенцијални ризици за биодиверзитетот, земјоделското земјиште и здравјето на луѓето, како последица од депонирање на неселектиран опасен и неопасен отпад.
За регулирање на работата на депониите постојат неколку подзаконски акти како што се Правилникот за условите кои треба да ги исполнуваат депониите, во кој се пропишуваат условите кои треба да ги исполнат депониите заради спречување и намалување на штетните влијанија на отпадот врз животната средина, животот и здравјето на луѓето.
Целите на Правилникот за начинот и постапката за работа, следење и контрола на депонијата за време на работењето.
Правилникот предвидува следење на состојбата на телото на депонијата, следење на површинските и подземните води во непосредна близина на депонијата, следење на гасовите од депонијата, следење на емисиите во воздух од депонијата, следење на емисиите во воздух од постројките за горење гас на депонијата и др.
Усвоен е и Правилник за формата и содржината на барањето за основање на депонија за неопасен и инертен отпад, понатаму Правилникот за формата и содржината на барањето за добивање дозвола, како и формата и содржината на дозволата за оператор на депонија, како и Правилник за условите во поглед на техничките средства и опремата за вршење на дејноста отстранување на отпад, како и условите и начинот за обука и тренинг програма на вработените.
Усвоен е и Правилник за граничните вредности на емисии при горење и согорување на отпад и условите и начинот на работа на инсталациите за горење и согорување, како и Правилник за формата и содржината на барањето за добивање дозвола, како и формата и содржината на дозволата за вршење на дејност, оператор на инсталација за горење или согорување на отпад.
Со оглед на состојбата и квалитетот на воздухот, Правилиникот и сите други правилници се мртво слово на хартија, а од директни и индиректни последици на загаденоста на воздухот во Македонија умираат и по 2000 луѓе годишно. Ова укажува на односот кон отпадот во нашава земја како на нешто неважно, едноставно кон отпадот се однесуваме како кон „отпад“, без да сфатиме колку е опасен и колку, нешто што го третираме како неважно, е опасно, но и колку, ако се третира по новите техничко-технолошки и еколошки стандарди што ги наметнува светот и ги става како услов за напредување на нашава земја, може да биде корисно како економска придобивка.
Ова е време кога светот од отпадот прави пари, односно супституира енергија, што е главниот животен елемент на човештвото. Еве, тоа се покажува деновиве преку драстично зголемување на цената на енергенсите и со показателите на загаденоста на воздухот, кои, за македонските градови, покажуваат светски рекорди.
Бране Стефановски
Светскиот и нашиот домашен отпад