„ТАВ Македонија“ полека, но сигурно, кон старите височини. По огромните шокови што ги доживеа воздухопловниот сектор и по наглите промени во рестрикциите за патување од страна на различни земји, очекуваме бавно закрепнување, чекор по чекор, да се вратиме на бројот на дестинации што ги имавме пред кризата – 44 од меѓународниот аеродром „Скопје“ и преку 20 дестинации од аеродромот „Свети Апостол Павле - Охрид“, вклучувајќи ги и сезонските летови, кои се функционални од април до октомври. Ова за Анторис го изјавува генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Метин Батак.



  • Авионскиот превоз беше еден од најпогодените бизниси за време на ковид-кризата. Како работеше „ТАВ Македонија“ во тие отежнати услови?


-Навистина, авијацијата е еден од најпогодените економски сектори од Ковид-19 во светски рамки. Оттука, сите аеродроми во светот се погодени од пандемијата и од рестрикциите за патување што ги донесе таа за нашиот бизнис.

„ТАВ Македонија“ има 71 отсто намалување на патничкиот сообраќај во 2020 година и 59 отсто намалување на бројот на летови на двата македонски аеродроми, во Скопје и во Охрид.

Управувањето со последиците од пандемијата, што им зададоа огромен удар на нашите операции, не е лесно, но се справуваме со оваа досега невидена ситуација за целото човештво.

Како што знаете, во 2020 година, двата македонски аеродроми беа затворени за патнички летови цели 3,5 месеци, од средината на март, кога беше прогласена пандемијата, до први јули 2020.

Кога ги отворивме повторно двата аеродрома во јули, се соочивме со нов предизвик: рестрикции за патување за македонските граѓани, наметнати од земјите членки на ЕУ и Шенген зоната. Тоа значше дека патниците со македонски пасоши не можат да патуваат во овие земји освен ако не се т.н. есенцијални работници, ако имаат суштинска причина за патување. (А, суштински или есенцијални работници најчесто се медицинските лица, дипломатите и други професии, дефинирани во секоја држава индивидуално).

Имајќи го предвид фактот дека над 77 отсто од македонскиот авиосообраќај е концентриран кон дестинации во Европската Унија, јасно е колку многу овие рестрикции за патување ги поместија нашите операции.

За среќа, рестрикциите воведени од ЕУ поради Ковид-19 за Северна Македонија, после 1,5 година, полека почнуваат да попуштаат (ова се случи во последните недели од јуни 2021 година). Ваквите одлуки на земјите на ЕУ кои дозволуваат слободен влез на нивна територија за носителите на македонски пасоши преку воздушен пат, заедно со масовната вакцинација што се случува во нашата земја и во светот, како и зелените Ковид-19 пасоши, како еден стандард за патување со авион, очекуваме да ја нормализираат ситуацијата со македонскиот авиосообраќај во идниот период.

 

И во услови на пандемија -нови линии, за Киев и Москва



  • Колку авиолинии беа ставени во мирување?


-Во последниот квартал од 2020 година, оперативни беа половина од вкупниот број дестинации што ги имавме пред кризата со Ковид-19 на скопскиот аеродром. На охридскиот аеродром, во 2020 година ги изгубивме сите сезонски летови (летната сезона трае од април до октомври) и имавме само една до две авио-линии оперативни преку целата година.

Некои од авиолиниите, кои беа запрени како резултат на пандемијата, како на пример Атина-Скопје со Ејџиан ерлајнс и Варшава –Скопје со ЛОТ Полиш ерлјанс, сега се оперативни повторно, од февруари 2021 и јуни 2021, соодветно.

Некои од авиолиниите, како на пример Доха-Скопје со Катар ервејс или Дубаи-Скопје со Флај Дубаи, сè уште не се вратени.

Сепак, дури и во услови на пандемија успеавме да отвориме две нови дестинации во рамките на мрежата со авиолинии од скопскиот аеродром, а тоа се Киев-Скопје и Москва-Скопје, така што, две нови авиокомпании влегоа на македонскиот пазар – украинската “Виндроуз“ и руската „Нордвинд“.


  • Како издржавте и како се снајдовте финасиски?


-Тешко е да се преживее кога немате приходи или кога се соочувате со огромен пад на приходите. ТАВ Македонија се соочува со тешки времиња поради Ковид-19. Минатата година немавме приходи цели 3,5 месеци, а во 2020 година имаме пад на сообраќајот од 71 насто. Во првите пет месеци од 2021 година сообраќајот има пад од 35 отсто, споредено со првите пет месеци од 2020 година. Следствено, нашите приходи се намалени, додека трошоците остануваат исти, некои се дури и повисоки. И покрај ваквите ограничувања и пречки, се трудиме да го држиме бизнисот жив со одржување на готовинскиот тек и со редовна исплата на сите наши засегнати страни, вклучувајќи ги и нашите вработени.

Чекор по чекор до враќање на дестинациите пред кризата 



  • Сега кога стивнува кризата, со кое темпо ќе оди обновата на линиите?


-Како што реков, некои од авиолиниите веќе се обновија минатиот месец, а ова се однесува на повеќето од дестинациите на „Виз ер“, особено кон Германија, Северна и Западна Европа. Сепак, поради огромните шокови што ги доживеа воздухопловниот сектор и наглите промени во рестрикциите за патување од страна на различни земји, очекуваме бавно закрепнување, чекор по чекор, да се вратиме на бројот на дестинации кои ги имавме пред кризата – 44 од Меѓународниот Аеродром Скопје и преку 20 дестинации од Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, вклучувајќи ги и сезонските летови, кои се функционални од април до октомври.

 


  • Дали ќе се обноват договорите со „старите“ партнери и дали ќе има нови дестинации, односно нови договори?


-Авиокомпаниие кои моментално летаат од Скопје и од Охрид (Аустриан ерлајнс, Ер Србја, Кроација ерлајнс, Туркиш ерлајнс, Виз ер, Чер ерлајнс, Еделвеjс, ЛОТ Полиш ерлајнс, Пегасус ерлајнс, Ејџиан ерлајнс, Виндроуз ерлајнс и Туифлај), всушност не ги прекинаа нивните операции од Македонија целосно, освен оние 3,5 месеци кога бевме затворени од страна на Владата, како мерка за спречување на ширењето на Ковид-19 во земјата. Така што, повеќето од авиокомпаниите само времено прекинаа некои од дестинациите или пак го намалија бројот на фрекфенции на одредена рута, на пример ако летале три пати неделно, направиле промена на еден лет неделно.

Инаку, договорите се прават кога нова авиокомпанија влегува на пазарот. Во овој контекст ние дури и во пандемија, успеавме да донесеме две нови авиокомпании на македонскиот пазар – украинската „Виндроуз“ и руската „Нордвинд“.

Здравствен сертификат за аеродроми



  • Дали презедовте дополнителни мерки за здравје и безбедност? Како ги подготвивте аеродромите со цел тие да функционираат и во пандемија, бидејќи пандемијата промени многу аспекти на бизнисот?


- Да, презедовме дополнителни мерки за заштита на здравјето и безбедноста, кои всушност значеа многу промени од тој аспект што овозможуваат и ќе овозможуваат комфорни патувања преку аеродромите, дури и кога пандемијата ќе заврши.

Ги надградивме сите мерки за здравјето и безбедноста, вклучувајќи го и нашиот протокол за управување со аеродромите во услови на пандемија. А, како резултат на зајакнатите санитетски мерки и мерките за заштита на здравјето и превенција од Ковид-19, во октомври 2020 година добивме Здравствен сертификат за аеродроми, за меѓународниот аеродром „Скопје“, од глобално реномираната организација – Меѓународен Совет на Аеродроми (Airports Council International). Во април годинава, го добивме истиот сертификат за аеродромот „Свети Апостол Павле - Охрид“.

Станува збор за нов меѓународен здравствен репер за аеродромите во светски рамки. Овој сертификат е дизајниран да ја увери патувачката јавност дека аеродромските објекти остануваат безбедни и дека се преземени сите можни превентивни мерки, за да се намалат ризиците по здравјето на нашите патници.

По 20 години повторно рутата Скопје -Москва



  • По 20-тина години се обнови релацијата Скопје – Москва („Нордвинд“), колку очекувате да биде рентабилна?


-Во „ТАВ Македонија“ сме многу среќни што „Нордвинд“ одлучи да почне со летови на рутата Москва-Скопје, отворајќи ја првата авиоврска меѓу Северна Македонија и Русија, по 20 години пауза на авиолинијата меѓу двете земји. Силно веруваме дека оваа, досега неопслужена авиолинија, има огромен потенцијал и дека ќе биде многу корисна и за бизнис-патниците и за патниците што патуваат од туристички причини. „Нордвинд“ е една од најголемите авиокомпании во Русија од аспект на промет на патници и има една од најразвиените мрежи на дестинации. Базата на оваа авиокомпанија е меѓународниот аеродром „Шереметјево“ во Москва.

Субвенционирањето на летови, вистинска алатка за пазари во развој



  • Дали државатa и натаму ќе субвенционира некои од летовите, односно дали пак ќе има евтини летови за најинтересните дестинации за македонските граѓани и за бизнисот?


-Државните субвенции за нискобуџетни авиокомпании, летови се еден од фундаментите на растот и процутот на македонскиот воздухопловен пазар, секако пред појавата на пандемијата од Ковид-19. Како аеродромски оператор ние го поддржувавме овој модел на поддршка од почетокот на неговата примена, бидејќи веруваме дека е вистинската алатка за пазари во развој, каков што е македонскиот. Владините субвенции за нискобуџетни летови, заедно со нашите напори, како „ТАВ Аеродроми“, за привлекување нови авио-линии и тур-оператори на македонскиот пазар, резултираа со четирикратно зголемување на патничкиот сообраќај за 10 години, од 2010 до 2020 година. Новите дестинации кои беа отворени, во овие 10 години, создадоа еден целосно нов сегмент на пазар од авионски патници, кои претходно воопшто не го ни земале предвид постоењето на авионскиот превоз како алтернатива на копнениот, барем не пред појавата на нискобуџетните летови. Оттука, ние ќе продолжиме да ги поддржуваме владините субвенции за нискобуџетни летови и ќе продолжиме го инвестираме нашето глобално знаење и вештини, со цел да привлечеме нови авиокомпании и да ја прошириме мрежата на дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром.

Бране Стефановски