Тешко на таа почва што не' трпи
Во времиња што носат болести, суши, намалување на производството на храна, драстично зголемување на нејзината цена, зголемување на сиромаштијата, планетата мора да води особена грижа за да ја зачува почвата од која човештвото се храни и живее, а која постојано ја уништува и ја претвора во пустина, не само преку климатските промени што само ги предизвика, туку и со директен атак врз неа, со испостување и со загадување.

Европската комисија, во втората половина на минатата година ја усвои новата Стратегија на ЕУ за почвата - важен резултат на Европскиот зелен договор и Стратегијата на ЕУ за биолошка разновидност до 2030 година за справување со климатските кризи и биолошката разновидност.
Здравите почви се основа за производство на 95 отсто од храната што ја јадеме. Тие се домаќини на повеќе од 25 проценти од биолошката разновидност во светот и се најголемиот копнен јаглероден базен на планетата. Но, 70 проценти од почвите во ЕУ не се во добра состојба. Стратегијата поставува рамка со конкретни мерки за заштита, реставрација и одржливо користење на почвите и предлага збир на доброволни и законски обврзувачки мерки. Оваа стратегија има цел да го зголеми јаглеродот на почвата во земјоделското земјиште, да се бори против опустошувањето, да ги обнови деградираните земјишта и почви и да обезбеди до 2050 година сите екосистеми на почвата да бидат во здрава состојба.
Стратегијата бара да се обезбеди исто ниво на заштита на почвата што постои за водата, морската средина и воздухот во ЕУ. Ова ќе се направи преку предлог до 2023 година за нов Закон за здравјето на почвата, по проценка на влијанието и широка консултација со засегнатите страни и земјите-членки. Стратегијата, исто така, го мобилизира потребниот општествен ангажман и финансиски ресурси, споделено знаење и промовира одржлива практика и мониторинг за управување со почвата, поддржувајќи ја амбицијата на ЕУ за глобална акција.
Почвата е архива на геолошкото и археолошкото наследство
Почвата е дефинирана како површински слој на земјината кора, формиран од минерални честички, органски материи, вода, воздух и живи организми. Формирањето на почвата е екстремно бавен процес и поради тоа таа може да се смета како необновлив ресурс.
Поради долготрајното дејство на педогенетските фактори почвите во текот на времето се менувани, така што достигнале различен степен на еволуција. Кон ова треба да се додаде и долготрајното дејство на човекот што ја има изменето насоката на природните педогенетски процеси во многу почви.
Почвата има бројни еколошки функции од суштинско значење за заштитата на животната средина, но и за економијата и за напредокот на општеството. Почвата не’ снабдува со храна, со биомаса и со други суровини. Таа е платформа за човековите активности и е архива на геолошкото и археолошкото наследство. Почвата игра централна улога како живеалиште и депо на гени на живите организми. Почвата ги чува, филтрира и трансформира многу супстанци, вклучително и водата, хранливите материи и јаглеродот.
Во почвата се наоѓа најголемото депо на јаглерод во светот (1.500 гигатони). Почвата е екстремно комплексен и варијабилен медиум. Структурата на почвата игра значајна улога во детерминирањето на нејзините способности за изведување на нејзините функции. Било кое оштетување на структурата на почвата ги оштетува и другите медиуми на животната средина и екосистемите.
Но, почвата е подложна на сериозни деградации. Тука се вклучени ерозијата, намалувањето на органските материи, локална и дифузна контаминација, отпечатувањето, намалување на биодиверзитетот, салинизација, поплавување итн. Во комбинација сите овие деградации можат да доведат нејзино претворање во пустина.

Македонската почва
На просторот на нашата земја има голема хетерогеност на почвениот покривач. Тој е мошне мозаичен, што значи дека се менува на мали растојанија. Во Македонија има нешто повеќе од 30 типови почви и уште повеќе поттипови, вариетети и форми.
Влијанијата на човекот врз почвата постојано се зголемува, што предизвикува сериозни социо-економски последици. Потребата од заштита на почвата и интегрираното управување со почвата се изнесени во Вториот Национален еколошки акционен план на Република Македонија 2006.
Република Македонија ја ратификува во 2002 година Конвенцијата на Организацијата на Обединетите Нации за борба против опустинувањето, особено во земјите што се соочуваат со сериозни суши - United Nation Convention to Combat Desertification (UNCCD).
Протоколот од Кјото укажува на тоа дека почвата претставува главно депо на јаглерод кое треба да се заштити и да се зголеми ако е можно. Одделувањето на јаглерод во земјоделските почви со одредени управувачка практика може да придонесе за намалување на лошите климатски влијанија. Република Македонија ја ратификува Рамковната конвенција на Обединетите Нации за климатски промени – United Nations Framework Convention on Climate Change (UNFCCC) во 1997 год. и го ратификува протоколот од Кјото во 2004 год. па со тоа презеде и дел од одговорноста не само пред своите граѓани, туку и пред целиот свет.
Сепак, Македонија е една од најзагрозените територии на Балканот од ерозија. За тоа постојат повеќе причини: долготрајно деструктивно влијание на човекот (уништување на природната вегетација, отсуство на мерки за конзервација на земјоделските почви, неправилна обработка со влошување на физичките својства на почвата и др.
Контаминација на почвата од цврст отпад од рудниците, металуршките и други индустриски капацитети. Еден од начините на експлатација на јагленот, на бакарната и никелната руда се отворените копови. Најголеми оштетувања се јавуваат при експлоатација на јагленот за потребите на енергетиката, бидејќи тој се јавува во нашите котлини под плодни почви и под длабоки слоеви на растресити седименти. Цврстиот отпад од рудниците во кои се вади Fe, Zn, Pb, Cr, Ni, Cu, итн содржи тешки метали и е преработен со флотација.
Металуршкиот отпад во Македонија се создава во топилниците при производство на железо, челик и легури, на олово и цинк, на фероникел, ферохром, феросилициум и силициум-метал. Овој отпад со својата маса покрива определена површина од продуктивното земјиште намалувајќи го земјишниот фонд. Големото количество на тешките метали е резултат на примената на технологијата со која некомплетно се искористува рудата.
Цврстиот отпад од индустријата има слично дејство врз водите и почвата како и отпадот од металургијата. Тој со својата маса покрива мали површини на продуктивно земјиште, но затоа врши силна контаминација. Тој контаминира не само со тешки метали, туку и со други супстанции пример органски.
Комуналниот отпад
Комуналниот отпад има мошне хетероген состав и е последица на човековата активност. Се депонира на одредени депонии, но и на така наречени диви депонии во рурални средини и насекаде низ земјава.
Контаминација на почвите во земјоделството и шумарството
Што се однесува до употребата на ѓубривата, нитратите се главни контаминанти меѓу минералните ѓубрива. Пестицидите се минерални, органоминерални и органски хемиски соединенија кои се применуваат во земјоделството за уништување на штетни организми (плевели, инсекти, габи, бактерии и др.) Главни недостатоци на пестицидите се што можат да уништат или оштетат и корисни организми, да мигрираат надвор од агроекосистемот. Особено се опасни тие што не се разградуваат и се акумулираат во почвата.
Во Македонија се изградени 106 мелиоративни ситеми и околу 20 поголеми акумулации. Изградена е мрежа за наводнување од 140.000 ha, оптимално можат да се наводнуваат 126.000 ha, но реално се наводнуваат разни површини во големина од 80.000 ha. Најголем дел од површините кои се наводнуваат со води од вештачки акумулации, се наоѓаат во горните текови на реките над изворите на загадување со исклучок на акумулацијата Тиквеш и Калиманци. Најзагадени (особено со тешки метали) се водите кои се искористени во рудниците (Злетово, Саса, Тораница) во флотационите процеси. Почвите наводнувани со речни води збогатени со тие ефлуенти се загадуваат со тешки метали, особено со олово и цинк.
Контаминација на почвата преку други компоненти на животната средина
Постои индиректна контаминација на почвата. Тоа значи дека најнапред се контаминираат воздухот и водата, а почвите само индиректно преку тие компоненти. Полутантите што се емитуваат во воздухот доаѓаат во почвата со дождовите и со таложење. Полутантите од водите доаѓаат до почвите со поплави, наводнување или по капиларен пат.
Во загадувањето на почвата во градовите учествуваат голем број разни загадувачи: градски топлани, индивидуални огништа, котларници, сообраќај, металуршки и индустриски објекти. Суспендираните честички од воздухот со депозиција и со врнежи доаѓаат до површината на почвите и на растенијата во градот.
Продуктивниот фонд на земјиштето кај нас се намалува и со пренамена во користењето на земјиштето, на пример за водни акумулации, за изградба на населби и индустриски објекти и за изградба на разни инфраструктурни објекти. Ова има влијание и на живеалиштата и прекинување на миграционите коридори на дивите животни.

Земјоделските површини зафаќаат 36,58 проценти од вкупната површина на Македонија. Од нив најголема застапеност има обработливото земјиште кое не се наводнува, потоа следуваат моделите на комплексна обработка, па пасиштата.
Шумите и полуприродните области зафаќаат 59,65 проценти од вкупната површина на Македонија.
Копнените мочуришта зафаќаат површина од 0,07 отсто од површината на земјава. Водените тела пак зафаќаат 2,19 проценти.
Во оваа статија се наброени речиси сите опасности од кои страда нашата сопствена почва. Многу малку од овие податоци се објавуваат и се анализираат во медиумите, од непознати причини. Најголем број информации се однесуваат на загаденоста на воздухот и на водата. Почвата ја загадуваат сите супстанци што доаѓаат „одозгора“ или преку водата. Почвата ги дочекува и ги впива сите тие отрови, кои потоа ние ги внесуваме во нашиот организам преку храната. Затоа, за здрав живот и за здрави поколенија, на почвата законодавната и инспекциската дејност би требало поодговорно да и се посветат.
Бране Стефановски