-Традицијата на производство на дестилати и ракии е повеќевековна во нашата земја и претставува дел од нашето културно наследство. Секогаш кога се пречекувале гости во македонските куќи за добредојде се послужувале со чашка домашна ракија. Квалитетот на ракијата ја презентирал способноста на домаќинот во изработката на овој дестилат.
Висококвалитетната природна ракија во нашата земја имала повеќе намени, од онаа која била првенствена-консумацијата па се до онаа за медицински и други потреби во традиционалната македонска куќа.
Ние, ССК заедно со нашата членка Здружението на дестилерии планираме заеднички да работиме на развој , брендирање и усовршување на традиционалните македонски дестилати. Исто така нашата туристичка комора во следниот период ќе работи на ено-гастро концепт, а тоа е организирање на странски тури за посета, дегустација, презентација и можност за промовирање на овие македонски производи. Ова е мотивот за потпишување на Меморандум за соработка со Здружение Македонски дестилерии – Кавадарци, посочи претседателот на Сојузот на Стопански комори, Трајан Ангелоски.
Со денешното потпишувањето на Меморандумот, како што нагласи Ангелоски, се регулира заедничката соработка, при што секоја од страните ќе преземе обврски, а една од нив е нашето активно лобирање за поддршката од државата за изградба на туристичко-дегустирачки објекти и поддршка при нивното осовременување.
-Семејниот пристап на овие мали компании со целата нивна традиција и љубов која ја посветуваат на производството сметам дека на долг рок ќе овозможи подигнување на квалитетот и промовирање на овој македонски производ, рече претседателот на комората.
Од Сојузот на стопански комори веќе интервенирале во однос на Законот за нефер трговски практики, така што покрај оние производи кои биле планирани да бидат третирани со законот, на иницијатива од Комората се вметнати и домашната ракија, виното и пивото, како традиционални производи. И како што нагласи Ангелоски: „особено сме горди за ракија и вино како национални производи и сметам дека државата со големо внимание треба да ги анализира ланците на снабдување. Посебно големите маркети да не им се создаваат на овие мали семејни компании непотребни бариери од финансиска или друга природа и да им се овозможи да стигнат на нивните полици. Не е лесно во ваков неразвиен пазар да дојдете до големите маркети. Иако тие се борат да бидат присутни на што повеќе места, диспаритетот на големите трговци во однос на малите производители секогаш постои.
Пласманот на дестилатите засега ограничен
Здружението Македонски дестилерии, како што објасни претседателот, Александар Клинчаров е релативно младо здружение кое пред две години започнало со обединување на седум-осум регистрирани семејни винарии со цел здружено да ги бранат и застапуваат своите права пред институциите. Денес бројат 30 членки -регуларно регистрирани винарии со годишно производство до 2.500 литри. Секако дека овој чекор на семејните регистрирани винарии кои се трудат да ги регулираат сите обврски и да пристапат до пазарот, заслужува да се поздрави како позитивен пример да се намали сивата зона, поради што заслужуваат и адекватна поддршка од државата.
Засега, пласманот, како што вели Клинчаров, на нивните домашни пијалаци, ракија, вино, ликери, мастика е лимитирана само од куќниот праг, во рестораните и на организирани саеми. Вратите на специјализираните продавници за алкохол и големите маркети сè уште не се отворени за нив.
Со потпишувањето на овој Меморандум со Комората, Клинчаров верува дека ќе работат во насока на проширување на ланецот на производство, на нови брендови на нивното прифаќање во специјализираните продавници за алкохолни пијалаци. И секако, додава дека со соработката и поддршката од ССК и Министерството за земјоделство, - верувам дека еден ден ќе работиме и на извоз.... Семејните дестилерии се физички лица, а ние сами инициравме средби со Царинска управа, Централен регистар и УЈП, за да се овозможи правен пат за нашиот развој.
Во секој случај има голем потенцијал за семејните дестилерии да прераснат во посериозни и поголеми производители, а ова првична соработка да претставува акцелератор каде понатаму ќе се создаваат брендови на македонските дестилерии... И сметаме дека треба во оваа насока да се движи развојот, растот и прогресот.
- Ние како здружение веќе покренавме иницијатива и за возобновување на бочварскиот и казанџискиот занает, што порано беше доста развиен на овие простори,а сега зависиме од увез. Кога изработката на бочви би се вратил на мапата на Македонија по пандемот на кавадаречката фирма „Даб“ која речиси половина век произведуваше квалитетни буриња, винариите би имале големо олеснување. А услови за изработка на буриња има, бидејќи нашите шуми имаат убав даб - благун, рече претседателот на кавадаречкото здружение, Клинчаров.
Тиквешијата како Тоскана
Летово една од популарните туристички дестинации во глобални рамки беше Тоскана со винските тури, додава претседателот на Комората. -Ние ја имаме нашата Тоскана тука. Ги имаме семејните винарии и поголеми дестилерии кои се насочени кон изградба на локални ресторани. Размислуваме и работиме со туристичкиот сектор, а имаме и странски претставници -туроператори за дојдовен туризам со кои веќе разговаравме за создавање специјализирани тури во Тиквешкиот и останатите вински региони – на некој начин по примерот од Италија, да се развие и почувствува винскиот туризам и во Македонија.