(Посветано на денот на СФРЈ,  „29 Ноември“)

Не стивнува носталгичните сеќавања на животот во старата заедничка држава Југославија и на ликот и делото на југословенскиот претседател Јосип Броз Тито, (Кумровец, 7 мај 1892 — Љубљана, 4 мај 1980 ). Особено се засилуваат околу празникот на таа држава  „29 Ноември“. Сите мислења и коментари се позитивни во стилот дека во Југославија било подобро да се живее и се живеело, се ставаат слики од целиот и во целиот регион, на манифестации во чест на Југославија и на Тито, се изразува искрена желба за повторно обединување, што е многу индикативно. И во Словенија и во Хрватска, членки на ЕУ, се изразува жал за поранешната држава, СФРЈ, се одржуваат бројни манифестации за југословенство со југословенското знаме, со пеење на југословенската химна „Хеј Словени“.

Некои, што немаат абер и никакви допирни точки со таа Југославија, изразуват сомнеж, потсмев, особено истакнувајќи ги придавките „комунистички“ и „комунизам“, демек тоа не чинело и било маногу лош репресивен систем, воопштувајќи ги сите комунистички режими. Истакнуваат периоди кога имало недостиг на прашок за перење или на деривати и многу други негативни работи.

Што и да зборуваат, факт е дека имаше многу маани, но во таа држава се живееше многу пдобро, имаше стандард што ниедна власт во Македонија не го достигна од осамостојувањето, до ден денешен.  

Имаше и тешки периоди, имаше и политичка репресија и уметничка цензура, повеќе отколку што барале законите и врховниот водач, религијата беше оцрнета како „опиум за народот“, божем сегашното слепо догматско партиско празноверие не е опиму за народот и нема политичка репресија, ама факт е дека подобро се живееше во секоја смисла, најмногу во економска. Само од една плата можеше да живее четиричлено семејство, а денес со 4 плати не може да преживее семејството. Македонскиот народ прв пат во историјата живееше со сличен стандард како и народите на републиките што претходно беа могу понапредни со историја на кралства и царства, на банови и кнезови, а ние бевме народ со најцрната судбина од сите нив.

Во таа „држава-диктатура“ немаше дрога, младите не ги косеше тој порок. Во оваа наша држава, Република Северна Македонија, десетици млади годишно умираат од предозирнаост или од последици, полицијата ги знае каналите, ама не ги сече. Неверојатно е во толку мала таканаречена држава, во која сите се знаеме меѓу себе, да не се знае кај се каналите и јатаците на дрогата.

Во таа држава, бившата, македонскиот народ ја достигна својата најголема афирмација и еманципација, а и малцинстата што живееја во неа. Македонскта култура го достигна својот најголем подем во писменоста со кодифицирањето на македонскиот јазик, во литературата, во ликовната уметност, во музиката, во формирањето на националните ансамбли, филхармонијата, операта, балетот, академијата на науките и уметностите, продукцијата на македонски народни и забавни мелодии, како и на печатот,  националното радио и телевизијата.

Сепак, погрешно е претерувањето дека немало невработеност и дека лесно можеше да се најде работа, но сепак подобро се живееше. Се знаеше кој е даскал, које е поп, што е лекар, што е милицаец, што е работник, а најздраво и најценето од сиот тој концепт беше братството и единството, се додека усвитените националистички глави не добија можност да ја покажат својата глупост и крволочност, без да размисалт за претходно реновирање на темелите на таа градба, единствена во светот, почитувана, особено по нејзиниот водач, маршалот Тито, кој беше нејзината кохезивна сила.

Во Југославија имаше се’ да се купи и се купуваше, само немаше фармерки, веројатно како одбрана од влијанието на расипаниот капитализам, кој требаше во секој момент да падне пред големиот реформаторски социјалистички модел на државно уредувањење што го зафати истокот. Напротив, Југославија падна токму пред да се олабави тој економски концепт и, од договорна економија со општествена сопственост на средствата за производство, да премине во пазарна. Друго е прашањето за моделот на политичкото уредување, кое исто така можеше да доживее мирна плуралистичка реформа, ама ете...! 

Ние, со реферндум се изјаснивме за самостојност и прв пат  во историјата ја добивме. Веднаш беше разграбано заедничкото, општественото, националното богатство од страна на една мангупска, криминална банда, која беше подготвена и точно знаеше што да направи веднаш штом почна Титота да го боли коленото. Кој ли ги научи, додека  тивкиот и чесен народ работеше во големите фабрики, одејќи на работа со ударнички песни, не знаејќи дека ги пее последните стихови.

Наместо пазарната економија, митото стана модел на општествено политички систем, што досега никој не го дефинирал прецизно, затоа што во тој квазиконцепт има карактеристики на се’ и сешто, а најмногу на насилство од сите видови. Обвинителството, судовите и полицијата не можат да излезат на крај, или не сакаат, ни со ситниот криминал, а камо ли со големиот.

Што се однесува до работо-пензискиот сооднос, тогаш беше 7 за 1, а сега е еден за еден или пола за еден. Ооо, зар и тоа се може!?

Цело ова време паѓаме, индустриското производство од времето на Југославија ни од далеку го немаме достигнато, напротив, исчезнаа големите индустриски и трудоинтензивни гранки, а 200 илјади вредни и чесни луѓе останаа на улиуца, не само без плата, туку и без достоинство. Тоа достоинство му беше грубо одземено на обичниот човек и тој падна на дреџе да се моли за недостоинствена работа кај некои некадарници и анонимуси  на кои власта, за нивните доушнички услуги, им даде, како „мала пажња“, бизнис и тоа само ним, без да имаат конкуренција, како на пример бизнисот со пејџерите, со агенциите за обезбедување, со тендерите само на една  фирма за многу нарачки, уништувајќи десетици други конкуренти, создавајќи арогантна финансиско-олигархиска елита која до ден-денес се оданочува со истиот процент како и најсиромашнот слој. Никој не се зафати за темелно чистење на тие авгиеви штали и покрај сите фалби и закани, дури човек ќе рече, па кому му се закануваат тие, изгледа на самите себеси и затоа не ја решаваат корупцијата. Митото остана како тиња од која не можеме да си ги извлечеме чизмите.

Па така, нашиот систем, кој не функционира, може да се дефинира како „снајди се, или умри“. Еееј, да нема работа за квалитетните кадри, да има работа за нестурчните! Да нема одговорност за најголемите трагедии! Па, на што има право да се надева човек, ако нема работа, како ќе направи кариера, како ќе се реализира, дали само преку партија или со плаќање, или некаде џенем? Карикатурално, навредливо и неподносливо звучат фалбите за некои успеси во економијата, како за третото место според растот на БДП и четврта економија во Европа, не спомнувајќи го процентот на сиромаштијата и цените. Таквите приказни можат да поминат само кај тие што се убедени дека некогаш сме биле многу храбри и силни, па сме ја поробиле цела Персија и Индија, па, ако некој знае каде ја имаме изгубено таа храброст и сила, нека каже, да тргнеме да ја бараме и да си ја вратиме.

Во 70тите - 80тите мислевме „штом е сега вака, понатаму ќе биде уште побогато“, полни торби носевме, Бугарите се чудеа, тие што успеваа да избегаат од Албанија велеа дека така ја замислувале Америка и никогаш не се враќаа назад.

Па сега, ако верувате, прашање е кој живот би го избрале од двата насликани во овој текст?  

Тиле е роден 1892 година кога немало школи како денешниве, повелби за човековите права, договор за основање на ЕУ/ЕЕЗ. Историјата, поради неговата комунистичка определба, му доделува различни „титули“: диктатор, добар диктатор, суров убиец, голем лидер, миротворец на чело на Неврзаните, обединител на јужнословенските народи, меѓу кои е и македонскиот итн. Ама, факт е дека во негово време поубаво се живееше. Пројугословенските движења во регионов добиваат се’ поголем број приврзеници, па и од Македонија, токму поради тоа што тогаш ни беше поубаво, отколку сега. Кој друго ќе каже, клевети и лаже! Тркалото да се врати наназад, не е можно. Останува подадената рака од страна на „јунајт, јунајт Јуроп“ и нашиот даден збор за исполнување на обврските. Се друго е веќе - снајди се, или умри!

Сега Македонија се наоѓа во слична кошмарна дилема како во 1948 година, но односот на силите е обратен, дали да го продолжи патот на заостанатост и изолација или да тргне по патот на прогресивните држави кои својата голема повелба на слободата ја имаат донесено уше во 1215 година, значи во тринаесетиот век. Ќе се најде ли строен ороводец да се качи на тапанот? Среќна нова ’49!